1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Односите со Србија се на највисоко ниво

ДТЗ
31 март 2023

Меѓу Србија и Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката. Потпишани се три нови меморандуми за зајакнување на соработката меѓу двете земји

https://p.dw.com/p/4PXlv
Димитар Ковачевски Александар Вучиќ
Меѓу Србија и Македонија има силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката, порачаа Ковачевски и ВучиќФотографија: Presse Regierung North Macedonia

Односите меѓу Северна Македонија и Србија се најдобри во модерната историја. Меѓу нас нема отворени прашања, ниту еден нерешен проблем, само соработка и политичка волја за негување и продлабочување на добрососедските односи меѓу двете земји на политички е економски план. Ова е пораката од денешната посета на македонската владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, на Република Србија. 

Ковачевски, кој беше пречекан во Белград со највисоки државни и воени почести, имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, учествуваше на заеднички пленарен состанок на делегациите на двете земји и одржа заедничка прес-конференција со премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ. 

Зајакнување на соработката

Српскиот претседател Вучиќ по средбата со Ковачевски порача дека меѓу Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предлози за конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот.

Премиерот Ковачевски истакна дека „Нема повеќе отворени прашања меѓу Србија и Северна Македонија - партнерството меѓу двете земји е пример за регионот“.

Двете земји потпишаа три меморандуми кои се очекува  да дадат дополнителен поттик за зајакнување на соработката. Вучиќ вели дека Србија е решена да промовира позитивна агенда ориентирана кон иднината во односите во регионот, што може да се види преку нејзината активна улога во иницијативата Отворен Балкан. Со Ковачевски разговарал за соработката во рамките на таа иницијатива и дополнителните придобивки за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија.

Ковачевски и Вучиќ размениле мислења за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Во таа насока се потенцирани реформските процеси во повеќе клучни области, градење на институционални капацитети како и развојните стратегии кои ги спроведуваат владите на двете земји.

Границите се глупост“

Ковачевски на прес-конференцијата во Белград рече дека Балканот го замислува како регион без граници интегриран во ЕУ.  „Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Не ни требаат граници. Западниот Балкан го замислувам како регион без граници, интегриран во ЕУ“, рече Ковачевски на заедничката прес- конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ.

Во текот на следниот месец треба да се усогласи терминот за третата заедничка седница на двете влади што ќе се одржи во Србија. Српската премиерка, Ана Брнабиќ на прес-конференција потенцираше дека Србија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија и најави дека на 5 април ќе биде потпишан надополнет меморандум за соработка во евроинтеграциите меѓу двете земји. 

Таа оцени дека иницијативата „Отворен Балкан“ има придонес во подобрувањето на економските и политичките односи меѓу државите, а економските подобрувања се директна последица на оваа иницијатива. Северна Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, в недела ќе се претстават на заеднички штанд на најголемиот саем за вино во Италија. 

Македонска владина делегација Белград
За време на официјалната посета на Белград се потпишани неколку билатерални документи, кои се во насока на натамошно приближување на двете државиФотографија: Presse Regierung North Macedonia

Три меморандуми

За време на официјалната посета на Белград се потпишани неколку билатерални документи, кои се во насока на натамошно приближување на двете држави, економии и народи, а кои што произлегуваат од потпишаните договори за Отворен Балкан.
Меморандумот потпишан меѓу министрите за внатрешни работи на двете земји се однесува на олеснување и забрзување на проток на патници и возила на граничниот премин Табановце-Прешево. 

Вториот меморандум кој беше потпишан во Белград, е за проект за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините. Со потпишувањето на меморандумот, наскоро сите граѓани на Србија со ТАГ инсталиран уред ќе можат да поминуваат на патарините низ Северна Македонија без да застануваат, а истиот ќе важи и за македонските граѓани кога патуваат низ Србија.

Третиот меморандумот кој беше потпишан во Белград, се однесува на соработка во областа на рударството и енергетиката. Со него се поттикнуваат и поддржуваат заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење на капацитети за користење на обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на Северна Македонија и Србија. На тој начин Србија ќе се приклучи кон интерконекторот Северна Македонија-Грција.

Премиерот Ковачевски ја предводи делегацијата во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.