Свилениот гајтан за кој пишував во мојата претходна колумна, а кој власта сака умешно да го оптегне околу вратот на ВМРО-ДПМНЕ има и пропагандно име, се вика- Европски фронт.
Тактиката за формирање на т.н. европски фронт или про-европска коалиција се наѕираше уште пред повеќе од една година. Уште тогаш на секој искусен политичар му стана јасна единствената можна излезна стратегија за грогираниот СДСМ. Она, што како додадена политичка мудрост се надодаде на оваа стратегија е одвојувањето на претседателските од парламентарните избори.
Европски фронт. Звучи прилично моќно, убедително, европски. Но, на Балканот кога се зборува за европски вредности е исто како и кога ќе се нарача виенска шницла во зафрлена друмска кафеана. Очекуваш нешто големо и вкусно, а добиваш тегава похованица пржена во ужегнато палмино масло. Сепак оваа гротескна илузија, пропагандно наречена европски фронт, може да стане Ватерло за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се обидам, преку анализа на последните анкети, да објаснам зошто.
На анкетите, поддршката за ВМРО-ДПМНЕ се движи околу 20-21%, што во гласови изнесува од 300-315.000 гласови. Поддршката за СДСМ е околу 13%, односно околу 200.000 гласови, на ДУИ е околу 7-8%, односно околу 100-110.000 гласови, а на Алијанса околу 55.000 гласови. Левица умешно ита кон бројка од над 65.000 гласови, а Беса се движи околу 40.000, но релативно сконцентрирани гласови во шестата изборна единица.
Европскиот фронт, ако се земат во предвид овие бројки, доколку застане зад еден претседателски кандидат би земал нешто помалку од збирот на нивните гласови, но заедно не би биле под 350.000 гласови во првиот круг. Затоа велам дека вака сочинетата предизборна коалиција може сериозно да ги помати сметките на ВМРО-ДПМНЕ, како на претседателските, така и на парламентарните избори кои би следеле неколку месеци подоцна.
Што може, а што не треба ВМРО-ДПМНЕ да направи!
Прво, никако не смее да прибегне кон бојкот на претседателските избори. Евентуален бојкот на претседателските избори, ќе ја лансира Левица како исклучително силен политички субјект. Ова од причина што доколку ВМРО бојкотира, Левица во тоа ќе ја види својата шанса да освои над 150.000 гласови, а доколку излезат со добар кандидат, може да се доближат и до бројката од 200.000 гласови. Ова, на парламентарните избори по три месеци, ќе биде страшен политички капитал за Левица. Бојкотот на ВМРО можеби, но не со сигурност, ќе го оневозможи изборот за претседател, но ќе овозможи Левица на парламентарните избори да ја достигне бројката од 100.000 гласови. Се плашам дека ова зголемување на бројот на гласови во корист на Левица ќе биде повеќе на трошок на ВМРО отколку на СДСМ, бидејќи проблемот од намалената поддршка за СДСМ не е во прелевање на гласови од СДСМ кај ВМРО или Левица, туку во апстинирање на дел од нивните традиционални гласачи заради разочараност. Напротив, подемот на Левица, која традиционалните СДСМ-овски гласачи ја гледаат како идеолошки поблиска на ВМРО, може да ги мотивира да се откажат од апстиненцијата и сепак да ја подржат СДСМ. Затоа бојкот, по мене, повторно е погрешна опција.
Повеќе од авторот: Уставни измени, парламентарни избори, се` или ништо!
Картата на која опозицијата треба да игра е поголема излезност и протестно гласање, во комбинација со одличен, политички искусен, харизматичен кандидат. Најголемата опозициска партија мора да објасни дека апатијата и незаинтересираноста за гласање нема да донесе ништо добро за граѓаните и државата. ВМРО мора да освои над 400.000 гласови во прв круг.
Претседателски кандидат
За ова да се оствари, потребен е харизматичен и политички искусен претседателски кандидат, чија харизма целосно ќе го засени Мицкоски во кампањата. Кандидат кој покрај својата харизма, елоквентност и јасен став, ќе понуди визија и решенија на три клучни теми. Првата и најважна тема е како да станеме полноправна членка на ЕУ со најмалку отстапки кон Бугарија. Тука „финтите“ од типот кога ќе победиме ќе видите како тоа се прави, не поминуваат. Проблемот со Бугарија постои и без негово решение ќе го пропуштиме последниот воз за ЕУ и засекогаш ќе останеме на вечната станица. Тука треба јасна визија која нема да биде насочена кон задоволување на крајните националисти, туку ќе биде рационален став базиран на возможно решение. Политички искусен кандидат значи кандидатот да има повеќегодишно искуство на државни позиции. Светот е раздрман, трусниот Балкан е секогаш голем политички предизвик, па немаме време да му оставиме на новиот претседател да се учи политика откако ќе седне на највисоката државна позиција или пак да се восхитува на тоа што ќе се вози во приоритетно возило со флешери, ќе го чува обезбедување и секое утро ќе го поздравува гардата.
Повеќе од авторот: Дојрански договор за членство во ЕУ во 2026 година
Втората тема е економијата. Кандидатот треба да биде сигурен во своето знаење и програма на ова поле и да претстави визија која ќе биде увертира на партиската економска програма за скорашните парламентарни избори. Досега, државава немала економски едуциран, а истовремено и политички искусен претседател, па ова ќе биде паметна политичка понуда кон избирачите.
Третата тема на која кандидатот за претседател мора да брилјира е борбата против корупцијата. Тука пропагандните флоскули и застрашувања во стилот „ќе си лежите“ и сите ќе одговарате, едноставно не поминува. Потребен е прецизен план како да се изгради систем кој ќе превенира корупција, а не систем во кој власта ја гони претходната власт, па следната ја гони претходната и така до недоглед. Тоа не е систем кој ќе оневозможи корупција, туку е систем кој ја загушува демократијата и критичката мисла од една страна, и креира апатичност и разочараност кај граѓаните од друга страна заради констатацијата дека сите се исти.
На европскиот фронт треба да му се спротивстави про-европски кандидат, со отворен ум, кој ќе биде разбран и добредојден во големите и важни европски центри.