ВМРО-ДПМНЕ: Нема уставни измени без да биде прашан народот!
24 февруари 2023Артан Груби нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори - ова е одговорот на ВМРО-ДПМНЕ откако вицепремиерот од редовите на ДУИ, преку тв-интервју синоќа (23.02) ѝ фрли „ракавица“ на опозициската партија, со понуда - да гласаат за уставни измени, и веднаш потоа да се оди на избори.
„Еве понуда во живо. Знам дека и премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, и господинот Ахмети, ќе се сложат со ова: да одиме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка - уставни измени, а втора точка - распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум, нека влезат, нека гласаат за уставни измени и одиме на избори. Еве, ова нека биде компромис на средина. Нека се охрабрат, нека направат таква одлука, нека излезат на избори, да видиме, дали ќе победат, дали ќе владеат“, рече Груби во гостување на ТВ Канал 5.
Тој потенцираше дека „уставните измени се најдоброто нешто што може да се случи за македонскиот народ“.
Од ВМРО-ДПМНЕ во разговор за ДВ велат - за уставни измени граѓаните треба да се изјаснат на избори.
„Додека дели совети што е добро а што лошо за македонскиот народ, добро е да се нотира дека Груби, исто како и Ковачевски, нема мандат да турка уставни измени без да биде прашан народот на избори. И тука нивната позиција - прво уставни измени, па избори - значи пропаѓање на сите нивни лаги дека имале мнозинство за уставните измени, што значи дека по повеќе месеци континуирани манипулации се распрснува како меур сапуница лагата дека тие само што не се изгласале“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби: Има незадоволство во ВМРО-ДПМНЕ
Груби вчера отиде и чекор понатаму, со тврдење дека во ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција има пратеници кои би гласале за уставни измени, бидејќи не се согласуваат со изолациска политика.
„И сега може да се најдат седум, осум, десет пратеници, карикирам, а најдобро би било цело ВМРО-ДПМНЕ да гласа (...) Јас сум убеден дека во ВМРО-ДПМНЕ има дух за реформи, за длабоки промени во партијата, затоа што има огромно незадоволство каде оди оваа партија. Ако немаме доволно информации не би го рекле тоа, јавно. Знам точно. Гледаме нервоза и гледаме нервозни настапи од страна на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, непотребни, но тоа е од страв и паника. Затоа што гледам, и слушам, и знам, за огромни незадоволства во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе се манифестираат и кои не сакаат да гледаат изолациони политики, затоа што ги држи во опозиција. Догодина ВМРО-ДПМНЕ ќе биде партија која најдолго била во опозиција во државава“, рече првиот вицепремиер.
Според него, најмалку во пет-шест наврати од ВМРО-ДПМНЕ било кажувано дека ако дојдат на власт ќе гласат за уставни измени.
„И мене, и на господинот Ахмети, на амбасадори со кои сум разговарал, ова ни е кажано. ‘Дајте да има избори, да дојдеме на власт и има начин како ние ќе го решиме ова. Сме направиле програма, ќе градиме сали, патишта, школи, болници, и народот ќе види дека ние сме навистина работници, градиме и правиме проекти, и нема да ни замерат толку за уставните измени, затоа што ќе има рамнотежа со проектите што ги правиме’“, го опиша Груби наводниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Груби користи лаги и бараат да каже пред кои амбасадори било кажано тоа.
„Артан Груби, веројатно притиснат од низата скандали и сомнежи за криминал, реагира импулсивно и се користи со лаги. За приказните на Груби дека едно се зборувало пред јавноста, а друго пред амбасадорите, добро е Груби пред да растура пердуви - да каже кои се тие амбасадори и тие да кажат мислење и свој став, за ова лажно тврдење на Груби. На шверцерски начин, на мала врата уставни измени, без мандат од граѓаните, нема да има. А за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе го реши ова прашање, има само еден начин да се провери, а тоа е да има избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Програма со програма“
Уште една точка на несогласување има околу убеденоста на Груби дека мора да функционира правилото за формирање влада „победник со победник“. Запрашан, што ако ВМРО-ДПМНЕ победи на следните избори и реши да не го почитува тоа правило, Груби, потсети како тоа завршило во минатото.
„Нека се обиде. Знаат дека не им е функционална таа влада. Еднаш го направија тоа во 2006 година со ДПА и не успеаја да ја задржат таа влада ни 16 месеци (...) ВМРО-ДПМНЕ е многу свесно за ова, и затоа, ако сте чуле, имало изјави од господинот Мицкоски дека е свесен во однос на правилата, и дека ќе мора да коалицираат со победничката албанска политичка партија“, рече Груби.
Наспроти ваквото тврдење на Груби, Мицкоски во сите изјави во изминатите години, изјавуваше дека правилото „победник со победник“ повеќе не важи, бидејќи токму ДУИ го прекршила во 2017 година, кога формираше влада со СДСМ - вторпласираната партија на изборите во 2016 година. Мицкоски потенцираше дека при формирање влада, политичките партнери треба да се избираат според принципот „програма со програма“.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денес тврдат дека остануваат на истиот став.
„Разбираме дека Груби е нервозен, бидејќи се ближи неговиот политички крај. Јасно кажуваме дека за ВМРО-ДПМНЕ не важи правилото за коалицирање ‘победник со победник’. Правилото ‘победник со победник’ заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило тука заврши и веќе e категорија која е во историјата на македонската политика. Никој нема ниту морално ниту суштинско право да го поставува тоа барање. Ако во тоа го бара спасот ДУИ, јасно кажуваме дека амнестија на криминал нема да има, и треба да се подготват за одговорност“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.