1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските Срби принудувани да подигаат барикади?

Вјоса Ќеркини
30 декември 2022

Со недели припадниците на српсото малцинство во северно Косово ги блокираа патиштата и граничнте премини кон Србија, а тоа не го правеа секогаш доброволно, како што сведочат некои од нив за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/4LZs4
Улична блокада кај поделениот град Митровица во Косово
Улична блокада кај поделениот град Митровица во КосовоФотографија: Miodrag Draskic/REUTERS

Неговите родители во изминатите недели не оделе на работа, раскажува 25-годишниот Александар од селото Зупче во северниот дел од Косово, кое има 500 жители, во разговор за Дојче веле. Наместо да одат на работа, стражареле на барикадите, подигнати во знак на протест против политиката на владата на најмладата држава во Европа.

Ангажманот бил регулиран преку сменски план, како и нормалната работа: „Татко ми остануваше најчесто четири или шест часа на барикадите, мајка ми – шест до осум часа. Така беше и минатата година, тоа за нас стана нормалност“, објаснува Александар.

Албанците сочинуваат речиси апсолутно мнозинство во Косово, но во северниот дел на земјата по крајот на Косовската војна во 1999 година живеат само Срби. Најголем дел од нив за живот заработуваат со работа во администрацијата, во училиштата или медицинските установи, кои ги плаќа српската држава. Институциите на Република Косово, кои всушност би биле надлежни, во северниот дел од земјата не се присутни, други работни места освен веќе споменатите речиси нема. Луѓето како родителите на Александар се значи комплетно економски зависни од српската влада во Белград, од друга држава.

И во блиското, исто така од косовски Срби доминирано место Лепосавиќ, луѓето не вршат надзор над барикадите сосема доброволно. „Таму стојат луѓе кои прават прибелешки, кој се појавил, а кој не“,објаснува Стефан, кој живее во местото со 3.000 жители: „Организирани се смени. Жените работат преку ден, мажите ноќе. На оној кој нема да се појави, му се закануваат со загуба на работното место.“

Навистина, многумина косовски Срби не ја разбираат смислата и целта на барикадите, вели Стефан, и додава: „Зошто е сето тоа? Зошто ги правиме овие безредија? За што всушност се работи? Овие прашања си ги поставуваат 90 проценти од овдешните луѓе!“

Карта на Косово - со сино се обележани местата со српско населени, со сиво - со албанско
Карта на Косово - со сино се обележани местата со српско населени, со сиво - со албанско

Страв од чуварите во цивил

Откако од почетокот на ноември 2022 околу 500 косовски полицајци – Срби ја напуштија службата во безбедносните органи на Косово, во северниот дел од Косово речиси и да нема косовска полиција. Преостанатите странски полицајци од мисијата на ЕУ – ЕУЛЕКС, како што тврдат самите, не можат да ја пополнат празнината. Припадниците на мисијата на НАТО – КФОР, ја надгледуваат систуацијата. Но, де факто, моментално улиците ги контролираат луѓе во цивил, кои владата во косовскиот главен град Приштина ги нарекува „криминални групи“.

И многумина косовски Срби се плашат од чуварите во цивил, зашто јасно е дека тие се тесно поврзани со владата во Белград. „Тие нѐ надгледуваат. Ако речеме нешто, што не би требало да се каже, тогаш следуваат консеквенци. Се разбира, ние не знаеме кој за што конкретно е одговорен, но страдаме од страв од нив“, вели Александар од Зупче. „Може да бидат запалени автомобили, луѓе можат да бидат претепани, а ние никогаш нема да дознаеме – од кого.“ 

Во текот на спорот околу барањето на Приштина, српските автомобилски регистарски таблички во северно Косово да се заменат со косовски, често доаѓало до вакви напади. Косовските Срби, кои се одѕвале на повикот за замена на табличките на своите автомобили, на местото каде го паркирале својот автомобил следното утро наоѓале само изгорени остататоци. Извршителите до денес не се пронајдени.

За Стефан од Лепосавиќ е јасно кој се крие зад овие дела. Затоа не сака да дава натамошни податоци за себе и да се објавуваат детали за него на страниците на Дојче веле, ниту за неговата возраст, ни пак неговото презиме:

„Се плашам од криминалните групи овде во северно Косово. Не знам кои се тие, но ние ги гледаме секој ден. Тоа е и причината зошто сакам да си заминам од овде." 

 

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот