1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
6 април 2023

Изградбата на Коридорот 8 требаше да биде славен како успех од кој сите ќе имаме придобивка. Наместо радост, добивме чувство на мачнина предизвикана од помииите на поддржувачите и напаѓачите. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4PlWC
Северна Македонија Коридор 8
Потпишување на договорот за изградба на Коридорот 8Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Here come the Men in Black.
They won't let You remember

  • Will Smith, Men in Black. 

Кучињата стоеја стројно и блиску до Наполеон. Беше забележливо дека пред него мавтаа со опавчињата на ист начин како што претходните кучиња весело мавтаа пред Господинот Џоунс

 –   Џорџ Орвел, Животинска Фарма.

Прославата беше како прослава и што да се раскажува. Парада на опиеност и кич. И познати ликови во црно. Домашни ликови и гостинката, сите во црно облечени и насмеани по повод почнувањето на изградбата на Коридорот 8 во изведба на западна компанија. Пола од ликовите веќе вешти во позирање, клештење и оптимизирање од претходната церемонија на изградба на еден друг автопат во изведба на кинеска компанија. Дамата во црно, малку несмасно се снаоѓаше во преминот од џандар против корупцијата, кон улогата на маскота на церемонијата. Дамата и ликовите во црно се сликаа за семејна слика на прославата, сите загледани во објективот, во нас. Барајќи го нашето внимание, почит и доверба. За момент, помислив дека дамата одеднаш одеднаш ќе го извади малиот апарат- Неурализер го викаат во филмот– и со еден блиц-блесок ќе ни ги избрише сеќавањата за минатото и сегашноста. 

Мислам дека во амбасадата американска, море во сите западни амбасади во Скопје и Балканот, се спремни да платат тешки пари за да добијат такви Неурализер апаратчиња. Кои ептен би завршиле работа во бришењето на нашата меморија и сеќавањата за нивните добри услуги кои од релативно тешка состојба не донесоа до колапс. Научната фантастика е едно, а сцената од отворањето на Коридорот 8 е нешто сосема друго, своевиден граничник помеѓу досегашната и натамошната нарација која допрва ќе ја слушаме. Ерата на дипломатските вокабулари базирани врз исполнување на условите за демократија, човекови права, владеењето на правото е завршена. Со целосен пораз на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Настапува ерата на сеопштата борба против корупцијата, за транспарентност, отчетност и економски бум-бум развој. Водена од истите позиции, безмалку истите ликови и низ идентичнните пропагандни модели употребени за зајакнување на претходните клучни постулати. И по се судејќи, со ист ефект. Каква демократија, таква анти-корупција, таква економија. 

Кардинал Ришелје од Зајас 

Вистина, изградбата на Коридорот 8 требаше да биде славен како успех од кој сите ќе имаме придобивка. Наместо радост, добивме чувство на мачнина предизвикана од помииите на поддржувачите и напаѓачите. Првично од напаѓачите од ВМРО кои во Коридорот 8 и Бехтел-Енка така јасно го увидоа, видоа и препознаа сето она – и полошо – што не го прифаќаа и не сакаа да го признаат кога садеа тикви со кинеските компании. Затоа, сите нивни банални „нека каже владата” морализирања се бљунтави помии кои ни нивните најтврди следбеници не би ги пробале. Наместо да не резигнира, врескањето на ВМРО не потсети дека и најголемата вистина е недостојна за доверба кога доаѓа од лажливи и превртливи усти. 

Арсим Зеколи
Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

„Јавноста” беше особено наоштрена да настанот го искористи за мрцварење и душа-вадење на ДУИ. И низ таквиот пристап, на крај „јавноста” докажа дека, луѓе, имаме ама ептен глупава „јавност”. Недоквакана. Будалеста. Поточно, по турски кажано, sherr-budalla „јавност” (sherr-штета; budalla-медиуми, заб. авт.) која од Оркестарот за Свадби и Прослави на браќата Ахмети-Груби направи блокбастер бенд на музичко-политички виртуози. Давајќи им поголемо значење отколку што го имаат, а ДУИ (како и секогаш) свесни дека нема лоша пропаганда –обилно ја користеа омразата, злобата и инаетот на „јавноста”. На која повторно и успеа да од интегристите направат балканска ЦДУ, а од Ахмети Кардинал Ришелје од Зајас. 

Трагикомичарите од СДСМ 

Траги-комичари на часот беа секако Димитар Ковачевски и неговата Социјал-демократска свита, како партија која 30 години самостојно и 30 години сојузно чинеше се да Коридорот 8 не се оствари. А притоа, дури и кога се оттргнаа од таа матрица, се најдоа во ситуација да одговараат на истите прашања, прозивки и потсмевања кои СДСМ претходно ги упатуваше до ВМРО-ДПМНЕ за кинеските кредити и автопати. А притоа, како сол на рана, мораа да се задоволат со споредната улога карши Османи-Бесими, Кинезите на Груевски и Груби-Бектеши Американците на Али. Непријатен, нефер и  сосема заслужен третман за СДСМ.

Сепак, траги-комичноста на часот беше споделена помеѓу амбасадорката Ангелер (како трагедија) и американската политика (како комедија). Веќе е непријатно да се следи препелкањето на претставничката на Вашингтон присилена да си ги голта сопствените (сепак) пресилни и пренадежни зборови и закани против корупцијата. За да неполни 100 дена подоцна, со изнасилена насмевка се обидува да даде некаков очајно нужен спин на дипломатска позитивност и персоналната битност додека и двете се прекриваат со слоеви асфалт и непријатни, неодговорени прашања. Обидите да се демантираат можните корупциски врски со проектот преку давање гаранции за „Бехтел” не придонесоа премногу за смирување на духовите, дотолку повеќе што досега никој не се огласи од или за „Енка”.

Треба да се повтори. Никој во земјава не очекуваше дека овој Коридор 8, како и претходните и идните, ќе биде изведен без никаква корупциска дамка. Кога станува збор за пари, луѓето не се наивни, не се лекомислени, не се поведуваат по „жими мајка” на политичари и дипломати, туку се поведуваат по вреднување на бенефитот и реалноста на цената и начинот на кој светот функционира. Во нивни очи, корупцијата се согледува на сосема реал-политичен начин стекнат од искуството: да, ќе има силна корупција од наши пари, но дајте барем да се заврши. И тоа е крајно чесен, достоинствен, пожртвуван пристап. За разлика од оние кои ем се колнат дека нема корупција – а лажат, ем уверуваат дека нема да има доцнење – а не можат да гарантираат, ем дека ќе биде завршен автопатот – како оној од Скопје до Блаце. Но тоа е тоа кога политиката и дипломатијата сака да во исто време биде славена како способна, ценета како хумана, и стравувана како мафија. Што и да мислиме за себе, навистина не заслужуваме ниту вакви политичари и вакви дипломатии. 

Години на неспособност 

Автопатите низ Балканите досега се покажаа помалку погубни за возачите отколку за политичарите. Од скорешната историја научено, може да се каже дека пуштањето во употреба на новите автостради е претходница на падот на политичарите кои ги фрлаа камен-темелниците и сечеа лентите. Така беше со Сали Бериша и националниот пат Скадар - Призрен, така беше со Хашим Тачи и автопатот Приштина – Скопје, така беше со Мило Ѓукановиќ и Никола Груевски и нивните кинески автопати. Времето ќе покаже дали таа карма ќе ги следи и веселите славеници на Бехтел-Енка, но она што веќе сега може да се увиди е дека Коридорот 8 е оштрицата по која ќе тече чекорењето или паѓањето на овие структури во СДСМ и особено ДУИ. Имено, станува збор за повеќе од Коридор, бидејќи е единствениот проект врз кој може да колку-толку се оспори сеопштиот впечаток дека нивното владеење се години на неспособност, незнаење, неснаоѓање и скапи маркетинзи. 

Автопат Кичево-Охрид
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид никако да завршиФотографија: DW/K. Delimitov

Дали Коридорот 8 ќе успее да го поправи впечатокот за политиката и дипломатијата кај домашните граѓани? Човечки е да се надеваме, искуствено е да не веруваме. За помладите – значи, малцинскиот дел на населението – сите овие церемонии на Груби и Ковачевски како и ветувањата на Агелер можат да зазвучат како нешто ново, надежно. За постарите – мнозинскиот дел на населението – тие се веќе досадна реприза која се врти триесет години. Доминантна демографска групација си знае дека силниот вокабулар за анти-корупцијата се всушност празни зборови за дефокусирање од дебаклот на демократијата, владеењето на правото и слободите на граѓаните. Кои навреме се нудеа како гаранции и противтежа на едноумите, џандарството и стравот. 

Зошто ДУИ доминира на политичката сцена

Прашањето за  (анти)корупцијата е веќе целосно компромитирано и контаминирано токму од оние кои вербално или службено даваа ветувања за справување со неа. Односот кон Коридорот 8 го докажува токму тоа: кога секоја критика, отчет или недоверба во тврдењата дека нема корупција се толкува како излив на анти-Американизам, анти-Запад, анти-НАТО. Следствено, (анти)корупцијата е веќе политизирана – по ист терк и од истите актери кои претходно ги политизираа критиките за недостаток на демократија, недостаток на слободи и владеење на правото токму преку етикетирање на критичарите како „анти-западни”.

Длабоки се корењата на менталитетот на едноумието кое ги роди идео-политичките диференцијации,  клетви за „делување од позиции на иредентизам и против-уставниот поредок” и пријави за делување „против социјализмот и братство-единството”. Од тие корења, неслучајно, цутат и денешните политички првенци на анти-корупционерството и самопрогласени бранители и инетрпретатори на западството. Кои, за возврат, поседуваат ексклузивно право на одбрана и заштита од нивните западни спонзори. Толку слични на претходните од истокот. Затоа, жалам, но тоа што се докажа со пругата некогаш, ќе се потврди и со автострадата некогаш: ние ги градиме, но тие нема да не изградат нас. Низ затворени умови и заробени општества коридорите се за транзит, не за достава на новини и носење слободи. Така беше со Табановце-Богородица. Така ќе биде и со Блаце-Ќафасан.   

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема