Кој на Балканот им се радува на Трамп и на Гренел?
9 ноември 2024Ричард Гренел, поранешен специјален американски пратеник за Балканот и амбасадор на САД во Германија за време на првиот мандат на Доналд Трамп , би можел да се врати во високата политика и на позицијата шеф на Стејт департментот во администрацијата на новоизбраниот претседател, пишуваат германските медиуми.
„Билансот на Гренел во Западен Балкан е историјат на сомнителни договори со автократи“, пишува за тоа германскиот весник Франкфуртер рундшау.
Весникот пишува дека Гренел практично „на мускули“ ја соборил првата влада на Албин Курти во Приштина во 2020 година – барем така тврди Курти.
Франкфуртскиот весник потсетува на тогашните критики дека Трамп и Гренел , наводно, сакале да освојат поенипред изборите во 2020 година со брз дипломатски успех во спорот меѓу Белград и Приштина. Тоа, како што се наведува, ги загрозило напорите на ЕУ за посредување околу косовското прашање.
Весникот потсетува и на критиките дека Трамп наводно планирал да ги охрабри Србија и Косово на „размена на територии“.
Цитирана е статија на Аднан Ќеримагиќ и Мајда Руга од тинк-тенкот Европски совет за надворешни работи, во која се тврди дека вториот мандат на Трамп ќе биде особено „опасен“.
Франкфуртер Рундшау ја парафразира нивната порака дека , „меѓународната заедница мора да се спротивстави на големосрпскиот проект“.
Весникот потсетува и на логиката на Гренел за „мир преку бизнис“. Еден од потфатите на Гренел и на зетот на Трамп, Џаред Кушнер се однесува на просторот на поранешниот Генералштаб во Белград.
За оваа тема за швајцарскиот весник Тагесанцајгер пишува новинарот Енвер Робели : „Советниците и членовите на семејството на Доналд Трамп имаат блиски врски со автократите во Србија и во Албанија“. Работите би можеле да станат непријатни за Косово и за Босна и Херцеговина“.
Во Приштина се стравува дека Ричард Гренел повторно би можел да ја стави промената на границите на дневен ред, пишува Робели.
Пишувајќи за бизнисите на Гренел и на Кушнер во Белград и на албанското крајбрежје, авторот наведува:
„Во последниве години, тој (Гренел) го продлабочи своето пријателство со двајца од најопасните автократи во регионот: српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама. Се чини дека Гренел ги користи тие контакти за лична корист“.
Авторот потсетува на реченицата која Гренел ја кажа за албанските медиуми: „Никој не треба да се извинува затоа што сака да заработи пари“.
Гренел зазема „речиси непријателски став“ кон Албин Курти, кој, според Робели, „припаѓа на ретките непоткупливи политичари на Балканот“.
„За Курти може да стане непријатно од јануари, кога Трамп ќе се всели во Белата куќа“, продолжува текстот.
Исто така, се додава дека „русофилскиот“ претседател на Република Српска Милорад Додик го дочекал триумфот на Трамп „со голема радост“ .
Соединетите Американски Држави со години го држат Додик на листата со санкции. Текстот на Тагесанцајгер потсетува на претходната изјава на Додик дека жали што не прогласил отцепување на Република Српска за време на првиот мандат на Трамп.
„Со Трамп како господар во Белата куќа, тој (Додик) гледа нова можност да го заостри курсот против државата Босна и Херцеговина“, заклучува Робели.
На истата тема пишува и виенскиот весник Стандард кој наведува дека „етнонационалистите“ на Балканот ја слават победата на Трамп.
И во овој текст се потсетува на наводната намера на Трамп да поттикне размена на територии и ново исцртување на границите. „Ваквите промени на границите би биле особено опасни за Босна и Херцеговина. Затоа што со нив би се етаблирал етноконцептот и би им дал ветер во грб на политичарите кои сакаат натамошни промени на границите“, пишува Стандард.