Македонските Бугари секако ќе влезат во Уставот како и сите делови од народи кои живеат во Македонија. Прашањето не е дали тоа ќе се случи, туку кога ќе се случи. За време на владата на СДСМ, или на ВМРО-ДПМНЕ, или пак двете политички партии заедно со своите коалициски партнери тоа ќе го направат што побрзо, во текот на оваа година, како најдобро, но најмалку веројатно решение за отворање на првите кластери и отпочнување на големите реформи кои водат кон членство во ЕУ.
Велам најдобро решение, затоа што во тој случај сите релевантни парламентарни политички партии, или поточно огромното мнозинство многу повеќе од 80 пратеници како веќе декларирани проевропски партии ќе бидат подеднакво заслужни за остварување на најзначајниот државен интерес - членството во ЕУ.
Таквата историска одлука го префрла партискиот натпревар од омраза и меѓусебни блокади на вистинскиот колосек за побрза евроинтеграција и на вистински мегдан за политичка борба во остварување на сѐ она што денес е предмет на меѓусебни обвинувања. Почнувајќи од владеење на правото, битка за независен правосуден систем, за ефикасна борба против организираниот криминал и корупција, за побрз развој на демократските процеси, за подобрување на економската состојба, за повисок стандард на граѓаните, подобро здравство и образование.... И сѐ она што опфаќаат европските вредности и кои се содржани во кластерите кои во наредните години под контрола и помош на Брисел треба да бидат завршени во текот на преговорите со ЕУ. Дали тоа ќе биде завршено за седум, или десет и повеќе години најмногу ќе зависи од нас самите. По тие критериуми ќе треба да се мери и успешноста на една влада и една власт без оглед на кои партии припаѓа.
Најдоброто решение - најмалку веројатно
Зошто најдоброто решение е и најмалку веројатно, што е надвор од здравиот разум? Прво, затоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со партискиот врв ги затворија сите врати за можно решение со силен притисок врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Почнувајќи од некакви апсурдни неважечки и понижувачки нотарски потписи на пратениците да се избегне наводно предавство на националните и државни интереси, а потоа и со повторување на истата грешка што ја направи премиерот Зоран Заев на локалните избори, изедначувајќи ги со парламентарни, кога најави оставка ако падне Скопје. Така и Мицкоски најави оставка ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставни промени.
И што се случи? Скопје падна и пропадна, а коалицијата на власт продолжи со својата работа и по залудната и емотивна абдикација на Заев. Единствено што Заев донекаде се спаси од фронталните напади кои ги презеде неговиот наследник Димитар Ковачевски.
Втората работа која кажува зошто најдоброто решение е и најмалку веројатно е ако внимателно се следат јавните настапи на Христијан Мицкоски кои навестуваат која е неговата стратегија. Прво, Мицкоски не го проблематизираше влезот на македонските Бугари во Уставот, туку бараше тоа да не биде прв услов за почеток на преговорите, туку последен услов пред самото членство. Тоа се бараше и од македонскиот преговарачки тим, но за жал не помина поради протекционизмот на Франција и на Европа кон својата членка Бугарија. Потоа следуваа паролите на Мицкоски за опасноста од бугаризација и асимилација на македонскиот народ кои паднаа на плодно тло со поддршка и на академските и интелектуални кругови и јавни личности.
Тој патриотски вознес траеше извесно време за од ден на ден да спласнува и да се претвори во патос, додека сѐ поголем дел од јавноста сѐ повеќе ја согледува бесмислата на една ваква измислена непостоечка опасност во сопствената земја. Ниту некој ќе се бугаризира ниту ќе се асимилира затоа што 3500 македонски Бугари ќе се „усреќат“ како и сите други што се во Уставот.
Лага е дека ќе се поништат договорите со соседите
Единствената најцврста и постојана определба на Мицкоски за решавање на проблемот беше и остана да се оди набрзи предвремени парламентарни избори.Тој никогаш јасно не кажа како ќе се реши проблемот со Бугарија кога ќе ја освои власта и ќе стане претседател на владата. Тоа предизвика привид кај еден дел од јавноста дека кога ВМРО ДПМНЕ ќе победи на изборите и кога Мицкоски ќе стане премиер Договорот за добрососедство со Бугарија ќе биде поништен и македонските Бугари нема да влезат во Уставот.
Не знам дали ова Мицкоски јавно го кажал, но и да го кажал - излажал, како што тврдеше и за Преспанскиот договор дека ќе го поништи, па потоа дека ќе го подобри, за на крајот да го одмолчува како да не постои. Ниту во едниот ниту во другиот договор со Грција и со Бугарија нема да смени ниту една точка и запирка, туку ќе ги прифати уште првиот ден по седнување на премиерската фотелја, се разбира обвинувајќи ги претходниците за штетни договори, но бидејќи се ратификувани во Собранието е немоќен да ги поништи.
Ете, тоа е таа стратегија на прелага ако Мицкоски дојде на власт. Затоа, кога зборува за парламанетарни избори Мицкоски многу внимателно кажува дека власта нема 80 пратеници и затоа не може да биде сменет уставот. Тоа му е главниот адут.
Дали тоа значи дека доколку по евентуалните предвремени парламентарни избори ако тој има под контрола 80 пратеници Уставот ќе биде сменет затоа што е исполнет тој предуслов на кој сега инсистира? Се разбира, ДА. Мицкоски ако дојде на власт македонските Бугари ќе влезат во Уставот, а корисните будали ќе останат со прстот в уста, вчудоневидени од новото предавство на националните и државни интереси. Сончогледите ќе расцутат и среде зима, поздравувајќи го „најдоброто“ решение.
Што би направил мудар политичар?
Во овој момент одбегнувањето на вистински најдоброто заедничко решение има за цел само освојување на власта и ништо друго. Во овој случај губењето време е најголемата штета за Македонија. Тоа доцнење може да изнедри други непредвидени тешкотии и блокади кои можат да ги одолжат преговорите со ЕУ.
Испуштањето на времето додека трае војната во Украина повторно ќе ја маргинализира Македонија и ќе ја врати назад во изолација како што беше цели 11 години во ерата на „груевизмот“.
- повеќе од авторот: Имаме ли јасна претстава каде припаѓаме
Што би направил мудар политичар, лидер на опозицијата, во вакви околности, кога се носат болни и крајно непопуларни, но историски одлуки за иднината на државата? Постојат две опции - или ќе се приклучи, преземајќи го помалиот дел од одговорноста, но подеднаквиот дел на заслугите, или пак би ја пуштил власта таа одлука да ја донесе само на своја одговорност.
Притоа постојат повеќе начини ВМРО-ДПМНЕ смислено да обезбеди 80 гласа за промена на Уставот. Подобро е тоа што мора да се направи, а не е популарно, политичките противници да го направат затоа што ќе мора истото тоа многу подоцна сами да го прават новите власти. Тоа е најголемиот ризик што може да им се случи на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Да бидат фатени во тешка и непростлива лага по скапо изгубено време. Не поради Бугарите во уставот, туку само заради власт.
- повеќе од авторот: Македонија по седум години
Можеби Мицкоски уште извесно време ќе ги одбива аргументите кои доаѓаат сѐ позасилено од дома и од светот за избор на најдоброто решение за заедничко носење на уставните промени што побрзо, кои кај нас за жал се сметаат за притисоци и нарушување на сувереноста, но тоа навистина ќе биде уште кратко време .
Тоа е тоа време кога тој и партискиот врв треба да одлучат сами да ја прекинат блокадата на преговорите со ЕУ. И да ги изгласаат уставните промени. Ако тоа не го направат, таа одлука ќе ја донесат и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои нема да ги прифатат директивите за попречување на членството на Македонија во ЕУ. Тоа веќе еднаш се случи во Собранието. Во тој случај Мицкоски наместо на предвремени избори ќе мора да го исполни ветувањето дека доколку се изгласаат уставните промени ќе замине од политиката.
Којзнае, можеби тоа е и најдоброто решение.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.