1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги добие клучните позиции во ЕУ по изборите?

Тагесшау | БЈ
17 јуни 2024

По европските избори, на ред е распределбата на врвните функции во ЕУ. Каква ќе биде судбината на Фон дер Лајен, Мишел, Борел и Мецола? Од денеска на таа тема преговараат шефовите на држави и влади од 27-те земји членки.

https://p.dw.com/p/4h7RB
Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен
Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен (архивска фотографија)Фотографија: Geert Vanden Wijngaert/AP Photo/picture alliance

Пред една недела граѓаните на Европа гласаа за нов состав на Европскиот парламент. Сега лидерите од ЕУ на вечера во Брисел ќе дискутираат околу важни персонални прашања. Вечерва (17.06), на почетокот на средбата, со нив ќе биде и Урсула фон дер Лајен, но нема да присуствува на самата вечера, на која ќе се одлучува за нејзината политичка иднина.

Шефовите на држави или влади на ЕУ ќе разговараат за последиците од изборниот резултат. Некои од нив имаа прилика за тоа уште на маргините на самитот на Г7 во Италија и на конференциите за Украина во Швајцарија и во Берлин. 27-те членки на ЕУ ќе разгледуваат кое партиско семејство ќе ги добие кои клучни функции.

Фон дер Лајен сака да остане

Прво ќе се пополни местото во најмоќната институција на ЕУ, која предлага закони и го надгледува исполнувањето на европските договори, имено Европската комисија. Политичарката Фон дер Лајен беше врвен кандидат на европските демохристијани, ЕПП. Таа би сакала да остане на чело на ЕК. По изборите во 2019 година на пример беа потребни пет недели за да се распределат сите функции. Овојпат тоа би можело да оди побрзо, што барем според ЕПП и шефот на пратеничката група Манфред Вебер, би било логична последица од изборниот резултат. Тој апелира до лидерите да го почитуваат демократскиот глас за неговата партија и да потврдат уште еден мандат за Фон дер Лајен на чело на ЕК. За тоа не е потребна едногласна одлука, туку квалификувано мнозинство.

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен би сакала да остане на чело на Европската КомисијаФотографија: Fabian Immer/REUTERS

Шолц притиска

12 од 27-те лидери припаѓаат на ЕПП, па се чини дека нивната поддршка за Фон дер Лајен е обезбедена. Вебер веднаш по изборите имаше координации со нив и истото ќе го стори и денеска, во пресрет на вечерата. Покрај тоа, уште најмалку три земји членки, чиишто лидери не се од редовите на ЕПП, треба да гласаат за Фон дер Лајен. Такви се на пример Германија или Франција.

Канцеларот Олаф Шолц ја познава Фон дер Лајен од времето кога беа дел од истиот кабинет, а со неа соработуваше и во изминатите години. Шолц бара брзо решение и се залага за тоа персоналните работи во ЕУ да бидат решени до крајот на месецот. Тоа би требало да биде и во интерес на францускиот претседател. Емануел Макрон го споменуваше и поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, за некоја од врвните функции во Унијата. По поразот на неговата коалиција, Макрон сега има доволно работа со подготовката на предвремените парламентарни избори во Франција. Освен тоа, тој беше предлагачот на Фон дер Лајен за првиот мандат. Исто така, се чини јасно оти унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе биде против неа.

Канцеларот Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен
Канцеларот Олаф Шолц ја познава Фон дер Лајен од времето кога беа дел од истиот кабинетФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

Нов претседател на Европскиот совет

Покрај ЕПП, во европскиот персонален покер треба да дојдат на потег другите партии од политичкиот центар. Португалскиот екс-министер Антонио Кошта, социјалист, би можел да стане претседател на Европскиот совет и како наследник на Шарл Мишел би бил задолжен да ги организира и води европските самити. Либералната естонска премиерка Каја Калас се споменува во контекст на надворешната политика, а во прилог ѝ оди регионалната пропорционалност.

Источна Европа бара на регионот да му припадне една водечка функција. Претседателка на парламентот би можела да биде демохристијанката Роберта Мецола. Доколку 27-те членки брзо ги спакуваат персоналните прашања, формалниот предлог би можел да биде поднесен веќе на следниот самит на ЕУ за две недели. Потоа парламентот е на потег да го избира претседателот на ЕК.  

Кавга околу Мелони како „мнозински фактор“

Вебер, кој треба да го организира мнозинството за реизборот на Фон дер Лајен, прво преговара со Социјалдемократите и со Либералите за персонални и содржински сличности. Трите групи заедно имаат 406 гласа. Потребни се најмалку 361, но на тајното гласање се смета дека ќе има и пратеници кои ќе отстапат од курсот на нивната пратеничка група. Вебер и Фон дер Лајен не исклучуваат ни преговори со ултрадесната партија Фратели Диталија на италијанската премиерка Џорџа Мелони. Во тој случај, пак, Социјалдемократите би се повлекле. И Зелените се понудија како партнер за преговори со ЕПП. Дали парламентот уште во првата недела од работата кон средината на јули ќе може да гласа за нов шеф на ЕК останува да се види. Тоа зависи и од исходот на денешната вечера во Брисел.