1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Кога циркусот е во градот!

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
20 мај 2024

Во циркусот учиме ние, возрасните, повторно да го гледаме животот низ очите на децата и да се потсетиме на тоа што го знаевме како деца. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4g3nD
Влез во циркусот Ронкали во германскиот град Келн во мај 2018 година
Влез во циркусот Ронкали во германскиот град Келн во мај 2018 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Hardt

За мене циркусот во Скопје доаѓаше заедно со летото. Кога школската година се ближеше до крајот, едно утро некој од учениците  ќе извикаше: „Еј, дојде циркусот!” Кога тој беше во градот, сиот свет се преобразуваше. Такво беше моето чувство  за циркусот  во Скопје кога  бев на возраст на внука ми. Мислам дека моето рано детство заврши  во  јулската вечер  кога излеговме од шаторот на циркусот среде скопскиот парк. Цврсто сум уверена дека тоа беше  вечерта спроти скопскиот земјотрес. А заврши моето детство затоа што во земјотресот загинаа моите најдобри другарки. Три сестрички, заедно со нивните родители. Од нтернетот дознав дека 26 јули  1963 бил петок. Обично со фамилијата одевме во летата во паркот во недела, ама во циркус сигурно и во делник. Тогаш под блескавото „небо” на  циркускиот шатор чувствував дека летото и циркусот го преобразуваат градот во  магична приказна.  Нејзината магија одеше со мене во ноќта и додека се враќавме дома. Ми се чинеше дека светилките  од циркускиот шатор продолжуваат да одат со мене како ѕвезден облак. Тогаш во циркусот уште имаше егзотични животни. Затоа се‘ во него мирисаше на непознати светови. Таа мешавина од  непознати мириси беше залепена врз  топката од зашеќерени пуканки, која ја држев во циркусот сето време в рака, додека восхитена се џарев угоре, кон „циркуското небо”.  Од восхит заборавав да јадам. Дома, во пуканките уште посилно го мирисав циркусот. Затоа уште помалку ми се јадеше. Циркусот постои само за децата, си велев во таа ноќ, во која не ме фаќаше сон. Додека седев  под блескавиот шатор, чувствував дека се наоѓам среде сонот. Среде оној свет за кој дотогаш мислев дека постои само во мојата фанатазија. 

Совршен ритуал

Повеќе од шест децении подоцна, сега како баба, пак седев во петокот  вечерта среде Келн во најголемиот келнски циркус „Ронкали” ( Zirkus Roncalli). И пак восхитено сознав дека циркусот сите ги преобразува во деца. Зашто јас во тој миг пак бев детето  на 11 години! Знаев дека внука ми го виде тоа во мојот  восхитен поглед. Тој не се разликуваше од нејзиниот. Како што и јас знаев дека сите што седеа околу нас во преполниот циркуски шатор, беа деца. Вистински или само преобразени во децата што биле некогаш. Таква е силата на магијата на  циркусот. Околу нас седеа  2000 деца, зашто и бабите и дедовците, и тетките и вујковците, седеа крај своите внуци со детски поглед. Тој беше толку полн со детска радост, што тие во тој миг сигурно не знаеја која е нивната вистинска возраст.Уште кога стигнавме пред циркусот, се‘ беше  како тогаш, кога јас одев во тој магичен простор со фамилијата во Скопје.  А со тоа и Келн, на мигови, за мене беше Скопје во шеесеттите.

Артистите на циркусот Ронкали ја поздравуваат публиката по успешниот настап
Артистите на циркусот Ронкали ја поздравуваат публиката по успешниот настапФотографија: Circus Roncalli 2016

Во нашиот свет што е доминиран од интернетот, небаре се‘ се случува во виртуелниот простор. Филмовите ги гледаме затворени во своите домови. А ние  дури се радуваме што не мораме да одиме во кино! На истиот начин може да  ја видиме и програмата на најпознатите циркуси во светот. Така брзо забораваме што беше магијата на одењето со фамилијата во кино. Дури и кога самите си правиме пуканки, за да го гледаме филмот од каучот. Но ниту нивниот мирис, ниту нивниот вкус не се исти со оние што ги паметиме од детството. Зашто посетата на циркусот беше секогаш многу повеќе од тоа. Таа беше совршен ритуал, во кој беа обединети толку многу нешта. Во тој ритуал беше возбудата на децата, мирисот на летото, џагорот на публиката,  додека чека да ја пуштат да влезе во магичниот шатор. Децата во циркусот можат да ги видат одблизу кловновите пред претставата.Тие и сега шетаа во предворјето на циркусот и разговараа со децата, како тогаш, во скопскиот парк.

Тоа што во нашиот виртуелен свет го забораваме е токму магијата на ритуалите и на особените културни простори како кино-салите и циркуските шатори. Во годините во кои интернетот го освојуваше светот, невидливо за нивните некогашни љубители беа затворени многу култни кино-сали, но тој процес беше најпогубен за циркусот. Не само малите, туку и прочуените големи циркуси се најдоа пред банкрот, беа затворени или тешко преживуваат. Најпознатиот келнски циркус „Ронкали” беше основан  1975-та од австриските уметници Бернхард Паул (Bernhard Paul)  и Андре Хелер (Andrè Heller). Откако Хелер го напушти  по кусо време, Бернхард Паул 1978-та се пресели во Келн, каде што е  седиштето на циркусот и  денес. Од 2018-та неговото име е  „Циркус-театар Ронкали”.

Да се гледа животот низ очите на децата

Оваа година „Ронкали”  ја започна турнејата со совршено конципираната програма „Уметност-е-уметност” (ArtistArt). Чудесната приказна ја раскажува историјата на уметноста, оживувајќи ги  на сцената кловновите од сликите на Пикасо, сцените од парискиот живот од сликите на Матис и Тулуз-Лотрек, ликовите од делата на Фрида Кало, како и атмосферата од филмовите на Фелини, која директно ја сугерираше музиката од  неговиот филм „Улица“ ( „La Strada“).„Ронкали”, за  Енди Ворхол „најчудесниот циркус  во светот”, ја раскажува приказната на еден циркус, кој самиот е восхитен од онаа поголемата приказна, на уметноста. Неа ја раскажуваат музеите, книгите, концертите или изложбите.  „Ронкали” нив ги оживува како „живи слики”. Артистите се од сите страни на светот, а со тоа тие уште поавтентично ја раскажуваат приказната на циркусот кој го обединува сето човештво. Тоа е магијата на уметноста, на која припаѓа и циркусот. Програмата е преполна животна радост и  творечка раскош, детски восхит за волшепството и за бајките. А додека човек седи среде тој огномет  од чудесна музика, раскошни костуми и  врвни уметници, тој сознава дека мора да постои циркусот ( не само за децата!) за да учиме да сонуваме. Мора да постои циркусот, за да можат возрасните во него да се потсетат на своите соништа од детството.

Во циркусот учиме ние, возрасните, повторно да го гледаме животот низ очите на децата и да се потсетиме на тоа што го знаевме како деца. Дека во секое нешто чека да биде откриена една нова чудесна приказна. Конечно, во циркусот сознаваме дека фантазијата е лечебна, затоа што за миг ни ги отвара очите, за да сознаеме дека сме го заборавиле оној праизвор, од кој се раѓа радоста на животот – детската фантазија. Затоа во програмата на „Ронкали” беше музички раскажана и „Алиса во земјата на чудата”. Таа земја на чудата, која сите ја знаеме од лектирата во нашето детство, всушност, го прикажува светот како огромен циркус. 

Изведна на кловнот Карилон во циркусот Ронкали во германскиот град Менхенгладбах во 2017 година
Изведна на кловнот Карилон во циркусот Ронкали во германскиот град Менхенгладбах во 2017 годинаФотографија: picture alliance/dpa/H. Ossinger

Исконската слика на циркусот

Програмата на „Ронкали” отсекогаш беше длабоко поетска.Таа  и сега  ја нуди замислата на „Ронкали”  како треба да изгледа иднината на циркусот кој е во  хармонија со уметноста. Циркусот отсекогаш беше присутен во делата на големите поети на филмот, како во „Улица” на Федерико Фелини или во „Небото над Берлин” на Вим Вендерс. Особено во филмот на Вендерс  циркуската уметност е длабоко проникната од поезијата, но и од сознанието дека сонувачите во циркусот ги надминуваат границите на видливото. Уметниците во циркусот секогаш зрачат животна радост, но и блага меланхолија. Можеби затоа што тие се единствените уметници кои  никогаш не ја заборавиле  детската игра. Циркуските уметници се „возрасни деца”. Тие  веќе сознале дека  детството, тоа безвременско време, е многу кусо. Затоа мора да постои циркусот за да не‘ враќа секогаш одново во рајот на детството. Во тој рај, во циркускиот, затоа има и бескрајна радост, но и блага меланхолија. Таа е тагата на уметниците по детството, затоа што сите соништа на уметноста доаѓаат од тој  непресушен извор во детството.

Во совршената приказна на циркусот, на крајот се појавува повторно малечкиот кловн, со неговиот дом на тркала, вагонот, и малечкото куферче. Тоа е исконската слика на циркусот! Кловнот полека го отвори куферчето. Во него стоеше: „I love Köln!"Во градот на Рајна, циркусот „Ронкали” одамна ја најде својата нова татковина. Со новата турнеја „Ронкали” ја раскажува и својата приказна. За мене таа беше приказната на секој циркус. И на оној од моето детство, во скопскиот парк. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.