Кочница наместо капак на цената на гасот
20 декември 2022Од летото, министрите за енергетика во неколку наврати разговараа за ограничување на цените на гасот во ЕУ. Сега, пред крајот на годината и среде грејна сезона, донесоа одлука. Во иднина цената на природниот гас не треба генерално да се ограничува, туку само да се кочи.
15 земји од ЕУ побараа поставување „капак“, односно определување на горна граница на цените. Меѓутоа, Германија и некои други земји не сакаа да се вклучат во ова. Тие сметаат дека безбедноста на снабдувањето би била загрозена доколку добавувачите би го продале гасот на клиенти кои плаќаат подобро. Резултатот е компромис заснован на предлозите на Комисијата на ЕУ. „Мисијата е исполнета, исто како на филм“, изјави чешкиот министер за енергетика Јозеф Сикела, во улога на претседавач на министерскиот состанок. „Имаме договор."
Магична граница - 180 евра
Споредено со претходните години, откупните цени за природен гас на референтната берза ТТФ (Title Transfer Facility) во Холандија годинава се зголемија делумно за десетпати. Сега цената треба да се ограничи на 180 евра за мегават час, но само ако оваа цена се наплаќа три дена по ред на ТТФ. Освен тоа, цената на TTФ мора да биде околу 35 евра повисока отколку на други споредливи места за тргување со течен гас во светот.
Доколку оваа кочница доведе до намалена продажба на гас за Европа и го загрози снабдувањето со гас бидејќи бродовите со течен гас се враќаат назад или не се истовараат, цената повторно треба да се зголеми, односно да се ослободи од кочницата. Продавачите и купувачите на гас не можат да бидат принудени да го работат својот бизнис преку берзата TTФ во Холандија. Продажба ќе биде можна и надвор од пазарот на кој важи кочницата за цената. „Ова не е фиксна граница на цените, туку динамична граница“, објасни Јозеф Сикела.
Како се движи цената на гасот?
По многу ценкања, министрите договорија горен праг од 180 евра за мегават час, а во моментов цената е 115 евра. Во ноември просечната цена била помала од 100 евра. Во август, кога пазарите беа во паника поради прекинот на испораките на руски гас преку големите гасоводи, цената беше близу 350 евра. Астрономски суми, ако се има предвид дека цените на гасот во 2019/2020 година беа од 10 до 20 евра.
Зголемувањето на цената започна во есента 2021 година, бидејќи побарувачката се зголеми поради добриот економски развој по епидемијата на коронавирусот. Руската војна против Украина и недостигот на руски резерви потоа брзо доведоа до недостиг на гас и енормно зголемување на цените. Во меѓувреме, состојбата на пазарот на гас се стабилизира на високо ниво поради намалената побарувачка и полните резервоари за гас. Сепак, експертите веруваат дека е можно повторно зголемување на цената напролет, кога резервоарите за складирање гас ќе треба да се полнат повторно. Тогаш веројатно ќе биде интересна кочницата за цената на гасот. Дотогаш би можела да важи реченицата на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој на самитот на ЕУ рече дека горниот праг за кочницата на цената треба да биде толку висок, што никогаш нема да мора да се примени.
Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон во Брисел изјави: „Овој механизам има предности, но и ризици“. Има стравувања дека сега, кога добавувачите знаат дека ЕУ е подготвена да ги плати тие 180 евра за мегават час, би можеле да ги подигнат цените блиску до горниот праг за кочницата, изјавија претставници на Комисијата на ЕУ пред вчерашната (19.12) средба. Целата процедура, како што се вели, е огромен експеримент на економската политика, бидејќи во ЕУ досега речиси и да немало никакви пазарни интервенции од ваков вид. „Доколку се испостави дека одредена интервенција на пазарот не е соодветна, тогаш се надевам дека ќе смогнеме политичка сила за тоа повторно да се доведе во прашање“, рече скептичниот германски министер за енергија, Роберт Хабек.
Капакот не е едноставно капак
Механизмот на ЕУ за пазарна корекција, како што официјално се нарекува итната сопирачка, треба да се применува од 15 февруари. Тоа нема никаква врска со националните ограничувања на цените или ценовните сопирачки што одделните земји-членки на ЕУ ги наметнаа на сопствените пазари. Во Германија, државата треба да го субвенционира гасот до потрошувачка од 80% од претходните години. Тоа значи дека тука не е ограничена набавната цена на гасот за снабдувачите, туку потрошувачката. Државата ја плаќа разликата. Германија за ова има предвидено сума до 200 милијарди евра. Во Шпанија е ограничена цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија.
- повеќе: Инвестиции во течен гас: Скапо и глупаво?
Министрите за енергетика, исто така, постигнаа согласност за создавање заедничка платформа за купување за европските гасни компании. Пазарната моќ на потрошувачите треба да се здружи за да се издејствуваат пониски цени на светскиот пазар. Освен тоа, проширувањето на обновливите извори на енергија треба да се промовира повеќе и побрзо од претходно. Постапките за одобрување на турбините на ветер, на пример, треба да се скратат и рационализираат. Целта е што побрзо да се премине од скап гас на вода, ветер и сончева енергија.