Кинескиот претседател Ши на разговори во Србија
8 мај 2024Кинескиот претседател Ши Џинпинг денеска (8.05) во Белград изјави дека односите меѓу Кина и Србија се на високо ниво и дека меѓу двете земји и двата народа постои искрено и силно пријателство. На почетокот на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, Ши рече дека е „импресиониран и длабоко трогнат“ од церемонијата за пречек што се одржа во негова чест во Белград.
Ши беше пречекан пред Палатата Србија со почесен плотун и со кинеската химна. По повод неговата посета, улиците на главниот град на Србија се украсени со кинески знамиња. На плакатите им се посакува срдечно добредојде на „кинеските пријатели“.
Според српскиот министер за финансии Синиша Мали, на разговорите на Ши и Вучиќ станува збор за „голем проект“. „Сакаме да привлечеме голема инвестиција од Кина во многу перспективна област“, изјави тој за државната телевизија РТС. Ова е прва посета на кинескиот претседател на Србија по пандемијата на корона.
Кина инвестираше милијарди долари во Србија, пред сѐ во рударството и преработувачката индустрија. Минатата година Пекинг и Белград потпишаа и договор за слободна трговија.
По посетата на Србија, Ши попладнево заминува за Унгарија. И Србија и Унгарија одржуваат добри односи со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина.
Посетата на Ши се совпаѓа со 25-годишнината од НАТО-бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград, на 7 мај 1999 година. Во нападот кој се случил по грешка за која беше обвинета ЦИА, загинаа три лица. Пред да пристигне во Белград, Ши во гостинска статија за српскиот весник „Политика“ напиша дека Кина никогаш нема да дозволи „повторување на таква трагична историја“.