1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој носи подароци на Балканот?

16 ноември 2019

Србија ќе купува софистицрани ракетни системи од Русија, кинескиот лидер Ши Џинпинг и’ вети огромни инвестиции на Грција. Дарови кои тешко се одбиваат. А Европа ги чека предлозите на Париз по драматичното вето на Макрон.

https://p.dw.com/p/3T91R
Symbolbild Spende Geldgeschenk
Фотографија: Fotolia/Africa Studio

Кинескиот претседател Ши Џинпинг три дена оваа недела беше во Атина за да им донесе подароци на Грците и беше пречекан речиси „како Тито“. Но дали се само Кинезите кои носат подароци на Балканот во меланхоличното пост-Макроновско расположение откако не само Македонија и Албанија, туку и другите четири држави како да ја загубија европската инспирација и веќе гласно си го поставуваат прашањето – дали Европа навистина не’ сака нас? Се разбира, јавните вербални поддршки не изостануваат, тие добија дури и некој децибел повеќе. Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, во Скопје имаше вистински инспиративни обраќања барајќи од нас да не се откажуваме од европскиот сон. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, исто така во Скопје, во уште една посета на висок европски политичар за залечување на непријатните рани, тврдеше дека Германија ќе се заложи Македонија да добие датум за преговори. Она што тој го кажа беше на истата линија со изјавата на Ангела Меркел по драматичниот самит на европските лидери – „Многу ми е жал“ – но ништо специјално повеќе. И Мас го кажа истото што го тврдат политичарите од другите важни европски престолнини – сите го чекаат предлогот на Париз за новата методологија во пристапните процеси со Европската Унија.

Претседателот Стево Пендаровски по средбата со Емануел Макрон изјави дека францускиот претседател му рекол оти Париз испратил некаков нон-пејпер во Брисел, но за тоа нема никаква јавна потврда. Хајко Мас вели дека такво нешто, барем досега, нема. Додека европските политичари се обидуваат да ја намалат штетата од драматичното намалување на кредибилноста на нивните ветувања, балканските земји очекуваат нешто многу повеќе од „заклетвите“ дека нивниот збор навистина вреди. Европската поддршка на идејата за малиот Шенген кај многуте неверни Томи во регионот повеќе се сфаќа како елегантен начин Западен Балкан преку економското здружување да остане на границите од Европската Унија, а не како важна подготовка за влегување во блокот. Ова размислување не е без основа, бидејќи главниот мотор за овој малошенгенски простор – Србија, веќе јасно разбира какви се нејзините европски перспективи, без оглед што веќе четири години преговара со ЕУ. Тоа американскиот дипломат Метју Палмер на брутален начин го кажа за време на посетата на Приштина: Белград многу добро знае дека за него нема влез во Европската Унија се’ додека не го признае Косово. Некој ден потоа, во Белград, тоа на српската јавност и’ го кажа на многу пософистициран начин, но суштината остана иста. Заедно со најавата дека Србија може да очекува американски санкции ако купува руско софистицирано оружје.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Ветувања, ветувања

Но има ли нешто повеќе освен ветувања и ветувања? Малку, многу малку. Европската Унија е комплициран политички организам, кому му треба многу време да се усогласи за отворањето на поголеми пристапни фондови за земјите кандидати. Ситуацијата во Унијата е уште покомплицирана затоа што се наоѓа во период на транзиција, кога поради внатрешните битки меѓу политичките групи стапувањето на должност на новата Европска комисија е одложено до 1 декември. Ако биде изгласана во Европскиот праламент. Новата претседателка на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, пред една недела предупреди дека „со блокирањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија францускиот претседател и’ ја отвори вратата на Западен Балкан на Русија“. Тоа е сосема точно. Но, во основа, тоа се само зборови што би требало да го отрезнат Париз и ништо повеќе. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по средбата со Макрон во Париз, се обиде да биде гласник на добри вести тврдејќи дека самиот очекува преговорите со Македонија и Албанија да бидат отворени во март. „Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што владата го направила“.

Дали е тоа обид на Вучиќ да се претстави како гласник на Макрон во регионов? Можеби. Особено поради тоа што е забележливо дека Макрон и Вучиќ се позиционирани на иста трансверзала и дека Париз сега го избра Белград за негов стратешки сојузник во Западен Балкан. Во август Макрон имаше петминутен говор на српски јазик на тврдината Калемегдан во Белград  пред бронзената статуа на женска фигура под која пишува „Ние ја сакаме Франција како што таа не’ сакаше нас, 1914-1918“, подигнат уште во 1930 година. Никаде во светот нема ваков споменик за некоја друга земја. Франција материјално и’ помогна на Србија во 1915 година кога беше нападната од Австро-Унгарија. Потоа огромен број ранети српски војници по тешкиот и измачувачки марш низ Албанија беа префрлени во француските болници на Азурниот брег. Српските војници се бореа заедно со Французите на Солунскиот фронт. На 1 ноември 1918 година француската војска маршираше во ослободениот Белград. Макрон сега им дава посебен импулс на тие историски врски, па за време на посетата на Белград беа потпишани 22 билатерални договори. Некои мислат дека идејата за малиот Шенген можеби е поттикната од Париз за западнобалканските земји да останат на некаков начин соседство на ЕУ. Тешко е да се тврди тоа, но не може ни целосно да се отфрли.

Emmanuel Macron zu Besuch bei Aleksandar Vucic in Belgrad
Се обидува ли Вучиќ да се претстави како гласник на Макрон на Балканот?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Но Вучиќ има стратегија да седи на два и повеќе столови додека гледа како се заглавени преговорите со ЕУ. Она што Лајен го кажа за отворање на балканската врата за Русија се реализира неколку денови по ветото на Макрон. Францускиот дар на голема наклоност кон Србија е само дел од стратегијата на Вучиќ. Нему му стигнуваат и други дарови. Од Русија, особено затоа што Србија одамна се изјасни дека нема намера да влезе во НАТО.  

На 19 октомври, еден ден по ветото на Макрон во Брисел, во Белград допатува рускиот премиер Дмитриј Медведев. Тој дојде за да ја повтори познатата позиција на Москва околу прашањето на Косово и посебно да нагласи дека независноста на отцепената покраина е во срцето на односите меѓу Русија и Србија и дека Кремљ е на сосема спротивната страна од Вашингтон во овој проблем. Заедно со Медведев дојде и најавата дека на заедничката српско-руска воена вежба од 24 до 29 октомври наречена „Словенски штит“ ќе пристигне и екремно софистицираниот ракетен систем „С-400“, кој дотогаш не беше излегол од руска територија. Според многу извештаи, на српската страна тоа и’ било само соопштено без да биде побарана некаква согласност. Овој руски подарок за вежбата беше јасна провокација за НАТО каде членуваат четири од соседите на Србија. 

Вучиќ изјави за „Фајненшел тајмс“ дека одлуката на ЕУ да не се отворат преговори со Албанија и Македонија ја оправдува неговата политика на партнерство со Русија и Кина. И дека Србија ќе продолжи да ги користи Русија и другите незападни сили како еден вид компензација ако биде оставена во чекалницата на ЕУ.

Веднаш потоа, на 31 октомври во Белград дојде функционерот на Стејт департментот Томас Заржецки со поголема екипа за да им укаже на српските политичари дека планираната набавка на противвоздушниот ракетен систем „Тор-М2“ ги доведува во голем ризик американско-српските односи. Вучиќ изјави: „Верувам дека ќе ги разрешиме овие недоразбирања со нашите американски партнери онака како што тоа го правевме и порано“. Ќе видиме дали ќе биде така, затоа што тука не се работи за Србија, туку за Русија. По изјавата на Макрон за лондонски „Економист“ дека НАТО е во „мозочна смрт“, Вучиќ доби и поголем кураж да ги прима руските подароци.

Други колумни од авторот:

Во процепот

Што сака Макрон на Балканот

Главата на змејот

На југот од Балканот, во Атина, на кинескиот претседател Шин Џинпинг му беше послан црвен килим од Акропол па се’ до пристаништето Пиреја.

Кинескиот лидер дојде во Атина само една недела по неговата средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Пекинг за да му даде печат на планот Грција да ја претвори во „логистички центар“ за извозот на кинеските стоки на европскиот пазар. Клучот за таквиот проект е пристаништето во Пиреја, каде сега мнозински акционер е државната кинеска фирма „Коско“. Ши на Мицотакис му рече дека двете нации се поврзани со длабокото историско наследство. „Ние двете сме антички цивилизации и треба да ги здружиме рацете за да им донесеме благосостојба на нашите народи“. Круна на посетата беше прошетката на Ши Џинпинг на Акрополот, преку кој, како што нагласија кинеските официјални лица, „ние заедно сме мост на историјата“. Кинезите нагласуваа дека „ако сакаме да се поврземе со западниот свет, ние мора да ја разбереме Грција".

Der chinesische Präsident Xi Jinping besucht Griechenland
Во Грција на кинескиот претседател Шин Џинпинг му беше послан црвен килим од Акропол до пристаништето ПирејаФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Messinis

Разбирањето не оди без подароци. Еден од нив е вложувањето на нови 600 милиони евра во пристаниште во Пиреја. Со досегашните вложувања преку Пиреја веќе оди 10 отсто од извозот на кинеските стоки во Европа и планот е тоа да прерасне во најголемо пристаниште на Медитеранот и да им конкурира на Ротердам и Хамбург. Кинезите мислат да заштедат милиони долари со тоа што контејнерите со кинески стоки преку Суецкиот Канал би доаѓале во најблиската точка во Европа. Владата на Мицотакис, која е целосно бизнис ориентирана, за неколку месеци одобри две третини од предлозите на „Коско“ за проширувањето на пристаништето. Двете влади потпишаа 16 договори, а меѓу нив е и намерата на Кина да инвестира во енергетска врска меѓу островот Крит и копното, како и отворање на уште еден институт „Конфучиј“ на грчки универзитет. Ши Џинпинг за време на посетата амблематични изјави дека со продлабочувањето на економската соработка пристаништетот во Пиреја треба да стане „глава на змејот“, преку кој ќе се зголеми влијанието на Кина во Медитеранот.

Парите и брзите резултати проектираат нови сојузништва. Поранешниот премиер Алексис Ципрас реши во април да ја приклучи неговата земја кон кинеската „Иницијатива појас и пат“, а Мицотакис тоа го стави во петта брзина. Иако со тоа несигурно оди по јаже. Американскиот државен секретар Мајк Помпео, за време на октомвриската посета на Атина, ги предупреди своите домаќини дека кинеските зделки изгледаат „премногу добри да бидат вистинити“. Тој ја обвини Кина дека „користејќи економски средства ги принудува земјите да склучуваат договори во корист на Пекинг и ги оставаат своите клиенти заглавени во долгови“. Но не е само Мицотакис тој кој игра на кинеската карта. И неговиот претходник, Ципрас, имаше разбирање за Пекинг – тој одби да ја поддржи изјавата на ЕУ за нарушувањето на човековите права во Кина. Мицотакис сега ќе има голема задача да ги убеди западните сојузници во НАТО и ЕУ дека Грција не е тројанскиот коњ на Кина во Европа. Тоа е тешка задача за него. Планот на Вашингтон е да се засили јужното крило на НАТО и делумно за тоа е цврстата решеност Македонија што е можно побрзо да стане членка на алијансата за да не остане заглавена во рускиот и кинескиот сендвич кој се пече во Белград и Атина.

Некои на Балканот сакаат да ја олеснат зависноста. Оваа недела Бугарија објави дека од следната година таа ќе постигне целосна независност во снабдувањето со гас. Сега Бугарија стопроцентно се снабдува со руски гас. Премиерот Бојко Борисов најави дека преку гасоводот од грчкиот град Комотини до Стара Загора земјата ќе може да добива азербејџански гас преку гасоводот ТАП, но и да се снабдува со ЛНГ од САД, Катар, Кипар и Египет. Енергетската безбедност е национална безбедност, прогласи Борисов. Неговиот план за излегување од руската енергетска сенка е при крај. На задоволство на Американците. Тоа почитување на сојузништвото САД знаат да го наградат. 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар