1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кинески балони: шпионски летала или цивилни објекти

Астрид Пранге
7 февруари 2023

По соборувањето на наводниот шпионски балон од Кина во американскиот воздушен простор, сега е откриен балон и над Колумбија. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/4NBNa
балон САД Кина шпионажа
На први февруари, кинески балон влезе во воздушниот простор на САД, по што Пентагон го обвини Пекинг за шпионажаФотографија: Chad Fish/AP Photo/picture alliance

Над кои земји летаат кинески балони? 

Инцидентот во САД не е изолиран случај. Кинеските балони не летаат само во воздушниот простор на САД. Во понеделникот (6.02) кинеското Министерство за надворешни работи го потврди постоењето на кинески балон над Колумбија. Тој, како што се вели, „ненамерно“ влегол во воздушниот простор на земјите од Латинска Америка. Слични летечки објекти од Кина двапати беа забележани и во северна Јапонија во 2020 година.

Дали е ова првпат над САД да се појави кинески летечки објект? 

Не. Според телевизијата ЗДФ, за време на претседателствувањето на Доналд Трамп, три такви балони лебделе непречено над САД. Според Пентагон, во текот на изминатите години се забележани слични објекти, но последниот балон ја надлетувал земјата подолго од вообичаеното.

Како реагира Кина на соборувањето на балонот од страна на САД? 

Пекинг официјално протестираше поради соборувањето на балонот. Соборувањето „им нанесе сериозна штета на напорите на двете страни за стабилизирање на кинеско-американските односи“, се вели во официјалната изјава на кинескиот заменик министер за надворешни работи Шие Фенг. Пекинг го повика Вашингтон „да не презема понатамошни дејствија што им штетат на интересите на Кина“. Според Пекинг, балонот бил „цивилен воздушен брод“ кој ненамерно влегол во американскиот воздушен простор поради „виша сила“.

Кина Шие Фенг
Според кинескиот заменик министер за надворешни работи Шие Фенг, балонот е „цивилен воздушен брод“Фотографија: Phoenix TV/AP/picture alliance

Која е причината за соборување на балонот? 

Американската влада го смета осомничениот кинески шпионски балонза операција за извидување на американските воени објекти. Една од причините за тоа е што воздушниот брод се наоѓал во близина на воздухопловната база во сојузната држава Монтана, во која се чуваат интерконтинентални ракети со нуклеарни боеви глави.

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкенизјави дека упадот во воздушниот простор на САД е „неприфатлив“ и „неодговорен“. По наредба на американскиот претседател Џо Бајден, балонот во саботата (4.02) беше соборен од американски воени авиони над водите во близина на брегот на Јужна Каролина. Во меѓувреме, нуркачите бараат остатоци за да ја реконструираат техничката опрема на балонот. На 15 февруари Сенатот на тајна седница треба да биде информиран за резултатите од истрагата.

САД Хагерстаун Џо Бајден
„Успешно соборен“: Американскиот претседател Џо Бајден го објави соборувањето на кинескиот балон на 4 февруари 2023 година на аеродромот Хагерстаун во САДФотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images

Зошто балоните се толку јасно видливи? 

Балоните се огромни објекти со големина колку три училишни автобуси. Тие обично летаат на 24 до 37 километри над површината на Земјата. Ова е многу повисоко од патничките авиони, кои ретко летаат над 15.000 метри, но е многу пониско од сателитите, кои обично орбитираат околу Земјата на растојание од околу 200 до 600 километри. Кинескиот балон беше соборен на височина од 18.000 метри.

Дали балоните се погодни за шпионажа? 

Да. Воздушните бродови се сметаат за евтин и практичен инструмент за извидување. Тие можат од поблиску и со поголема резолуција од сателитите да извидуваат големи области. Балоните опремени со радари и камери веќе беа користени за шпионажа од страна на САД и поранешниот Советски Сојуз за време на Студената војна.

Како реагираше меѓународната заедница на инцидентот? 

Германија изрази загриженост поради растечката тензија меѓу Пекинг и Вашингтон. Политичарот од СПД, Михаел Рот, ја смета аферата со балонот за „предвкус на заострувањето на конфликтот меѓу Кина и САД во наредните години“.

Естонија, Канада и Јужна Кореја се позиционираа многу поостро. Естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу на Твитер напиша дека ја поддржува „одбраната на суверенитетот на САД“. Слични изјави дадоа и неговиот јужнокорејски колега Парк Џин и канадскиот премиер Џастин Трудо. 

Европската унија е воздржана. Безбедноста и заштитата на воздушниот простор се прашања на националната безбедност и тоа е во надлежност на засегнатите земји, се вели во соопштение објавено во неделата (5.02).