САД: Кина забрзано го проширува својот нуклеарен арсенал
30 ноември 2022Кина веројатно ќе има на располагање околу 1.500 атомски боеви глави до 2035 година доколку продолжи со сегашното темпо на развој на нуклеарно оружје, се наведува во последниот извештај на Пентагон.
Бројката ја нагласува растечката загриженост на САД во врска со намерите на Кина за проширување на нуклеарниот арсенал иако проекциите не сугерираат дека Кина го забрзува темпото на својот, и онака, брз развој на боеви глави.
„Тие имаат брзо зголемување кое е некако премногу значајно за да се држи во тајност“, соопшти висок претставник на американското министерство одбрана за време на брифингот за годинешниот извештај на Пентагон за кинеската војска.
Во извештајот, кој првенствено ја покрива активноста во 2021 година, се наведува оти Кина во моментов во нуклеарните залихи има повеќе од 400 боеви глави.
Како што соопшти американскиот претставник, проекцијата на Пентагон за кинескиот нуклеарен арсенал од 1.000 боеви глави до 2030 година останала непроменета и додаде дека проекцијата за 2035 година е заснована на непроменето темпо на развој на атомско оружје од страна на властите во Пекинг.
Кина вели оти нејзиниот атомски арсенал е помал од арсеналот на САД и на Русија и дека е подготвена за дијалог, но само доколку Вашингтон ги намали своите нуклеарни залихи на ниво на Кина.
Според податоците на истражувачкиот центар од Стокхолмскиот меѓународен инститот за истражување на мирот (СИПРИ), САД имаат залихи од околу 3.700 боеви глави, од кои речиси 1.740 се распоредени.
Во извештајот на Пентагон повторно е изразена загриженост поради сѐ поголемиот притисок на Пекинг врз Тајван.