1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина сака „стратешко партнерство“ со Асад

ЕМФ | агенции
22 септември 2023

По долгогодишна дипломатска изолација, сирискиот властодржец Башар ал-Асад добива важен сојузник: на средбата со кинескиот претседател Ши Џинпинг двајцата политичари денеска објавија „стратешко партнерство“.

https://p.dw.com/p/4Wh2g
Кина | Средба на кинескиот претседател Ши Џинпинг и сирискиот претседател Башар ал-Асад во Хангжу
Средба на кинескиот претседател Ши Џинпинг и сирискиот претседател Башар ал-Асад во Хангжу, Кина (22.09.2023)Фотографија: SANA/REUTERS

Кина и Сирија сакаат да изградат „стратешко партнерство“. Продлабочените односи меѓу двете земји ќе бидат важна пресвртница во нивната историја, изјавил кинескиот претседател Ши Џинпинг, а пренесува државната телевизија ЦЦТВ, по повод посетата на неговиот сириски колега Башар ал-Асад.

Прво патување по речиси 20 години

Асад отпатува во Кина за првпат по речиси 20 години и вчера (21.09) пристигна во градот Хангжу за да присуствува на церемонијата на отворањето на Азиските игри. Тој со години беше во голема мера меѓународно изолиран поради неговото брутално задушување на бунтовниците во Сирија.

Кина | Сирискиот претседател Асад во Хангжу
Сирискиот претседател Асад во кинескиот град Хангжу (21.09.2023)Фотографија: Huang Zongzhi/Xinhua/picture alliance

Кина го поддржуваше Асад во Советот за безбедност

Сепак, Кина, како и најважните сојузници на Асад, Русија и Иран, одржуваше односи со Сирија и постојано го поддржуваше сирискиот владетел со воздржување при расправите за резолуциите на Советот за безбедност на ОН кои ја критикуваат Сирија.

Во мај, земјите од Арапската лига повторно му посакаа добредојде на Асад во својот круг, а Кина и Сирија пред извесно време ја проширија својата економска и политичка соработка.Сирија сака да стане дел од кинескиот мегапроект „Новиот пат на свилата“, во кој владата во Пекинг сака да инвестира неколку стотици милијарди евра. По повод десетгодишнината од проектот, во октомври ќе се одржи форум за „Новиот пат на свилата“, на кој во Пекинг се очекува и рускиот претседател Владимир Путин.