1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе понуди ли Мицкоски кралство за коњ?

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
4 јуни 2024

Премиерот Мицкоски веројатно ќе понуди кралство за коњ како да се извлече од ветувањата дадени во предизборната кампања во врска со промената на договорите со Грција и Бугарија. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4ga85
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека траат подготовките за формирање на новата влада, последните резерви на патриотското  погонско гориво на ВМРО ДПМНЕ се потрошени. Соочен со новата реалност, тоа најдобро  го знае  Христијан Мицкоски. Знаеше и пред тоа дека по изборите завршува тој  адреналин што го предизвикува патриотскиот вознес, било да се работи за односите со Бугарија и Грција, било за меѓуетничките односи во земјата.
Но, првите чекори по изборната победа и на претседателот на државата Гордана Сиљановска Давкова и на идниот премиер Христијан  Мицкоски  предизвикаа загриженост не само кај соседите и сојузниците во НАТО и во  ЕУ, туку и во земјата, особено  во меѓуетничките односи. По отрезнувањето дека изборите завршија и одговорноста за вкупните состојби е веќе на друга адреса, сирените завиваат смирувачки  и може да се излезе од скривниците на лажните узбуни. Заврши опасноста од албанската наезда, дека Македонците се граѓани од втор ред во сопствената држава. Сега стрепиме од обратното цунами,  од албанско незадоволство на нивните победници на изборите што го подготвуваат Али Ахмети и ДУИ за како велат против  мајоризацијата на ВМРО ДПМНЕ и игнорирање на изборната определба на Албанците.  Прилично сложена  ситуација  што да се прави  до денот на  формирање на новата влада   и особено по преземање на премиерската функција. Мицкоски многу веројатно нуди царство за коњ како да се извлече од  ветувањата во предизборните кампањи   дадени во врска за промена на договорите со Грција и Бугарија од една страна, а од друга како да се справи со најавите што доѓаат од  штабот на Али Ахмети. Се пласираат застрашувачки  информации за разни операции и нови граници со право на самоопределби, федерализација, Илирида.... И да се работи  само за  празни  закани поради неприфатената љубов на поранешниот долгогодишен партнер,  ќе биде многу тешко да се сочува  стабилноста во земјата и да се воспостави  добра клима за  остварување на реформите  за примена  европските вредности.
Тешко е, навистина претешко по така „јуначкиот" цврст став за осуда на  велепредавствата  на националните државни интереси  со прифаќање на бугарско францускиот диктат и неопходноста од промена на Преспанскиот договор, од уцените на ДУИ, да се најде прикладна порака до сите кои веруваа во тоа, да им се каже: видете тоа беше само една нужна  лага за да се освои власта.

Потребен брз и шокантен пресврт

Се разбира, вакво нешто не може да изговори ниту еден политичар за своите  предизборни ветувања   затоа е потребен брз и шокантен пресврт кој ќе се прикаже во јавноста како голем успех и извонредно решение во односите со соседите Грција и Бугарија. Но, како тоа да се направи и да се зачува поддршката на излажаните гласачи кои очекуваат сосема нешто друго и во односите со Грција и Бугарија, но и со албанските политички партии без оглед дали станува збор за ДУИ и Али Ахмети и триумвиратот плус еден на ВЛЕН,  Африм Гаши,  Билал Касами, Изет Меџити и плус Арбен Таравари.  Многу мангупи за летање во круг на рингишпилот на власта, ама малку седишта. Тепачката ќе биде неминовна кој да се качи на вртелешката.

Христијан Мицкоски ВМРО ДПМНЕ
Првите чекори по изборната победа и на претседателот на државата Гордана Сиљановска Давкова и на идниот премиер Христијан  Мицкоски  предизвикаа загриженост не само кај соседите и сојузниците во НАТО и во  ЕУ, туку и во земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW


Добрата вест за ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е што СДСМ е уште во кома од изборниот нокаут, па нема да има во догледно време многу пречки од опозициското делување, така да  вестите на релевантните медиуми можат да почнуваат  со успесите на владата  и кога нема успеси. Доволно е да се сврти вниманието на јавноста на друга страна од она што беа главни ветувања. На пример колку е важно за македонската демократија Талат Џафери да не биде уште една, или две недели премиер на техничката влада.

Стапот и морковот на Мицотакис

Изненадувачки најдоброто решение и како тоа да се спроведе  деновиве му стаса на Мицкоски од страна од каде  најмалку се  очекуваше. Се јави повторно  грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис  со предлог, кој и да не е искрен, вреди брзо да се одговори заради домашната и меѓународната јавност. Мицотакис кој издашно го користи популизмот за свите политички цели го советува Мицкоски дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за обезбедување гласови, но не го издржува водењето сериозна политика. Затоа очекува на крај да превладее логиката Северна Македонија да се врати на тешкиот пат на усогласување на европските критериуми. И доколку се постигне тоа, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор.
Тоа е морковот. Стапот е дека Мицотакис на престојната  конференцијата на НАТО ќе го отвори прашањето за Преспанскиот договор и неговото спроведување за употреба на уставното име на како вели северниот сосед.
Притоа го повторува својот став  во разни варијанти искажан веднаш по изборната победа и  стапување на функцијата премиер. А тоа е дека за Грција е штетен Преспанскиот договор, дека е признат македонскиот јазик, македонската национална припадност и дека и во изменетото име со додавката северна стои суштинското име Македонија што е грчко.
Одамна му го предлагам на Мицкоски истиот став додека беше во опозиција  но  и сега по изборната победа. Може да остане на осудата дека договорите со Грција и со Бугарија се лоши, но дека по нивното прифаќње и усвојување во Собранието ќе ги применува во целост. Разочарувањето кај еден голем дел од гласачите кои очекуваа  радикален пресврт по победата  може да се премавне  во период од наредните  четири години ако се покаже дека е избрана вистинската насока по која  ќе се движи Македонија. Време е и ВМРО ДПМНЕ да голтне една крастава жаба во интерес на Македонија. Конечно треба  јасно да се види вистинскиот однос на ВМРО ДПМНЕ и новата влада кон припадноста на Македонија во ЕУ. Полесно беше како опозиција на јавната сцена да се креваат луѓето на нозе за загрозениот идентитет. Време е и нешто да се сработи, или кажано како што е праведно да се дозаврши тоа што претходниците го постигнале имајќи ги предвид и остапките. Конечно членството во НАТО и ЕУ најмалку е надворешна политика, туку пред се најзначаен државен и национален интерес. Колку ќе биде успешна реализацијата на таа определба толку ќе биде успешна и надворешната политика и односите  со светот.
Колку и да изгледа тешко ова е полесниот дел од работата со која ќе се соочува новата влада и премиерот Мицкоски. Потешкиот дел е стабилноста внатре во земјата. Меѓуетничките односи и јавната кавга со ДУИ се најтенкото место каде се можни сериозни проблеми. Нестабилноста во земјата ќе ги одложи сите други определби и во односите со соседите и со ЕУ. Затоа кон овие чуствителни прашања мора да се има сосема поинаков настап отколку со досегашните навредливи јавни пораки.
Не е иста одговорноста кога сте на власт и во опозиција. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.