1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ќе му се суди на Радоичиќ во Србија?

Немања Рујевиќ
29 септември 2023

Милан Радоичиќ и други учесници во крвавата пресметка кај Бањска сега им се достапни на српските власти. И што сега? Соговорниците на ДВ сметаат дека ќе мора се судат и дека тоа го става Вучиќ во непријатна положба.

https://p.dw.com/p/4Wvaa
Милан Радоичиќ
Милан Радоичиќ (архивска фотографија)Фотографија: N1

Потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ се наоѓа во „централна Србија“, изјави претседателот Александар Вучиќ во средата вечерта гостувајќи на РТС.

Тоа беше необична потврда дека Радоичиќ ја предводел вооружената група која во неделата го блокирала патот кај Бањска, убила косовски полицаец и учествувала во размена на оган околу манастирот цел ден - пред, мистериозно, да тргне на север по шумските патеки.

Вучиќ тоа не го кажа, но не ни демантираше. Тој само додаде дека Радоичиќ ќе мора да „одговара на прашања“. Очигледно, на српските власти им се достапни барем уште неколку членови на вооружената група.

Вучиќ навести дека има „сведоци“ кои наводно виделе дека двајца Срби од групата се ладнокрвно убиени, а потврди дека некои луѓе биле примени во болницата во Нови Пазар.

Но, што ќе се случи со нив сега? Ќе се гонат ли Радоичиќ и другите во Србија? Во однос на ова, Вучиќ не се искажа докрај. 

„Милан Радоичиќ никогаш не се криел. Тој ќе одговори на поканата на властите на Република Србија. Тој е човек кој себеси се смета за борец за слобода. Но, има работи и прашања на кои тој ќе треба да одговори“, рече претседателот.

Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна прес-конференција во недела на 24 септемвриФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Главниот уредник на неделникот „Време“ Филип Шварм вели дека тоа било порака до Радоичиќ „доброволно“ да им даде изјава на српските власти. „Веројатно сите овие луѓе ќе дадат некакво сведочење, но речиси сум сигурен дека ништо нема да излезе од тоа“, изјави Шварм за ДВ.

Право во служба на политиката

Ситуацијата е и правно зачинета. Од белградска гледна точка, крвавата пресметка во Бањска се случи на територијата на Србија - но во делот каде што нема ефективна контрола. Владата на Вучиќ се согласи со бриселските договори српските судии, обвинители и полицајци да имаат пристап до косовските институции.

Тие институции воопшто не соработуваат со српските институции - затоа што Србија и Косово не се признаваат. И да сакале политички, Белград и Приштина немаат никаква правна рамка меѓусебно да ги екстрадираат обвинетите или да разменат докази, објаснува адвокатот Иван Ниниќ.

Но, без разлика на овие проблеми, Ниниќ тврди дека јавно достапните информации се доволни за српското обвинителство да отвори случај за Бањска. „Србија не можеше ова да го окарактеризира како терористички акт, бидејќи не го признава Косово, но најпрво можеше да најде поблага квалификација - на пример, неовластено поседување и носење оружје, да формира случај и да почне да собира информации, можеби некому да одреди притвор“.

Бањска
Напаѓачи во дворот на манастирот Бањска на 24 септември (видео споделено од Владата на Косово)Фотографија: Office of the Kosovo Government

Сепак, работата не е ослободена од политика. Затоа Ниниќ, во изјава за ДВ, претпоставува дека она што Радоичиќ и другите ќе им го кажат на српските истражители ќе биде однапред договорено со режимот во Белград и БИА.

„Евентуална излезна стратегија за Вучиќ - но и за Радоичиќ и други лица кои очигледно се на болничко лекување - би бил договор со обвинителството да се признае одредена вина. Така би оделе во затвор и практично би се спасиле“, вели Ниниќ.

„Тоа е многупати видено кога станува збор за луѓе од светот на криминалот - тие се осудени за нелегално поседување оружје или фалсификување документи со цел да се спречи екстрадиција во друга земја или гонење за посериозни кривични дела“, додава адвокатот.

Вучиќ во темниот вилает

Политички е уште позачинета ситуацијата. Меѓу косовските Срби, тројцата мештани убиени во судир со полицијата се сметаат за „херои“ или барем „страдалници“.

Митровица
Луѓето во Митровица палат свеќи за загинатите во вооружениот конфликт во БањскаФотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Вучиќ не ги употреби тие термини, но јасно стави до знаење дека ги разбира луѓето кои ги зедоа пушките и како единствен виновник го посочи косовскиот премиер Албин Курти и неговиот „терор“ врз Србите. Работата дополнително ја развија таблоидите блиски до српските власти.

„Вучиќ секако е во ситуација - како што самиот вели - што и да направи нема да успее“, вели Филип Шварм.

Бидејќи, како што додава новинарот, Српска листа и Радоичиќ како важен фактор се токму производ на политиката на Вучиќ. Вучиќ сега ниту може целосно да се откаже од нив, ниту целосно да ги прегрне.

„Бањска го стави во позиција да се правда и да ја префрли вината на некого. Засега избра да биде Курти, но би рекол дека тоа не е доволно за Западот“, вели Шварм.

Тој смета дека и ненадејното распишување избори за 17 декември, кое исто така беше објавено во интервју на РТС, е принуден потег за повторно купување време за Вучиќ. „Накратко, Вучиќ се надева дека Радоичиќ повеќе нема да биде случај и дека ќе удави се во изборната кампања“, додава уредникот на „Време“.

Адвокатот Ниниќ не е убеден дека оваа тактика ќе помине на Запад. Тој вели дека Србија ќе биде под огромен притисок сериозно да им суди на Радоичиќ и останатите. „Ова сега е товар на плеќите на целата нација, бидејќи можеме да станеме сигурна куќа за Радоичиќ. А со тоа што ќе го пушти Радоичиќ во вода, Вучиќ би ја пресекол гранката на која седи“, заклучува Ниниќ.

Србите кои беа уапсени на Косово се обвинети за тероризам и напад на уставниот поредок на Косово. Што е со оние кои пребегнаа во Србија? Засега ниту едно српско обвинителство не објави ништо за тоа.