1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу царините: ЕУ сака да ги поскапи возилата од Кина

Бернд Ригерт
13 јуни 2024

Електричните возила од Кина се субвенционирани на нефер начин, смета ЕУ и сега би можела да возврати со свои мерки. Сѐ уште важи грејс период и има отпор.

https://p.dw.com/p/4gzH6
Кина електрични автомобили
Кина во поход со електрични автомобили на европскиот пазарФотографија: AFP

Европската комисија се заканува дека ќе го стори тоа што германската и други европски влади сакаат да го спречат, имено воведување на казнени царини од 4 јули за електрични автомобили произведени во Кина. Со ваквата заштитна мерка за европските производители се реагира на „нефер субвенции“ од Кина, се вели во соопштението од ЕК. ЕУ со тоа го следи примерот на САД, кои сега веќе имаат  100 проценти казнени царини за возилата од Кина.

Погодени се кинеските производители и една американска фирма

На што мора да сметаат сега извозниците од Кина во однос на европскиот пазар? ЕУ има за секој производител различна висина на царина, во зависност од подготвеноста за соработка во повеќемесечните истраги на Унијата. Во краен случај може да бидат наплатувани до 38,1 проценти казнени царини, покрај редовните 10 проценти царина за сите возила од Кина. Најголемиот производител на светот, „Built Your Dreams" (БИД) ќе треба да плаќа казнена царина меѓу 17 и 20 проценти, покрај редовните давачки. Од мерката е погодена и  американската фирма Тесла,  која произведува во Шангај возила, кои се извезуваат во Европа.

Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас
Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас: Комисијата има контакти со кинеските власти за да се најдат можни решенијаФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu Agency/picture alliance

Рок до 4 јули

Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Шинас, ги претстави мерките во Брисел и рече дека Комисијата има „контакти со кинеските власти за да се најдат можни решенија." Царините ќе бидат привремено воведени, само ако разговорите предвидени да се водат според правилата на СТО не покажат резултат до 4 јули. Привременото се должи на фактот дека и членките на ЕУ имаат право на глас, односно нивните министри за трговија треба до 2 ноември да гласаат за ваквите мерки. Шведска, Унгарија, Чешка, Словачка и Германија отфрлаат казнени царини од различни причини. Франција и Шпанија пак, инсистираат на таквата мерка за да си ги заштита  домашните производители  од евтината конкуренција.

Германија е против

Кинеските  електрични автомобили во Германија  се во просек за 20 проценти поевтини отколку европските од иста класа. Германската влада до сега аргументираше дека казнени царини во клучната индустрија за е-автомобили може само да предизвика несакани реакции од Кина и дека на крај ќе настане вистинска трговска војна, која ќе направи поголема штета. „E-возилата во Европа мора да станат поевтини со поголема конкуренција, отворени пазари и значително подобри услови на локациите во ЕУ, а не со трговски војни и затворање на пазарите", рече германскиот министер за сообраќај, Фолкер Висинг во Берлин.

Кина ги отфрла обвинувањата

Не требаше долго да се чека на реакција на Кина. Портпарол на кинеското министерство за надворешни работи во Пекинг изјави дека ЕУ ги повредува правилата на меѓународната трговија и принципите на пазарното општество. „Протекционизмот нема иднина. Отворена соработка е патот напред", рече Лин Џијан.

Германија, Фолксваген
Дали германските автомобилски производители ќе профитираат и како ќе реагира Кина? Фотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Кина во моментов на електрични возила од Европа има царини во висина од 15 проценти, кои во иднина би можеле да бидат драстично повисоки. Не се исклучени ни одмазднички мерки во други бранши. Кинески производители на возила кои се во државни раце ги отфрлија најавените мерки на ЕУ и најавија дека и натаму ќе останат на европскиот пазар. Здружението на европски производители на автомобили во Брисел застана зад казнените царини на ЕУ. Директорката на здружението, Зигрид де Фриз, рече дека поважно од царините е да се направи цврста индустриска стратегија за електромобилноста во Европа, пристапот до потребните ресурси, евтина енергија и широко распространета мрежа за полнење на струја и водород.

Какви последици имаат царините?

Институтот за светска економија од Кил пресмета дека годинава би биле  експортирани околу 500 илјади електрични возила од Кина во Европа. Бројката може да се намали на 375 илјади ако се воведат казнените царини. Дупката на пазарот би била пополнета со тоа што европски производители ќе продаваат повеќе во Европа отколку на други пазари. Намалувањето на понудата ќе може да доведе до растечки цени за купувачите. Пазарниот удел на кинески автомобили во годинава се очекуваше да изнесува 15 проценти. 

Ќе возат ли Германците кинески автомобили?

Дали ЕК смета дека намалувањето на расположливите возила е добра идеја, кога истовремено се залага за трансформација кон климатска неутралност во ЕУ? Еврокомесарот Валдис Домбровски уште во октомври минатата година кога започна постапката против Кина, рече дека во принцип возилата се потребни, но дека конкуренцијата мора да почива на фер услови. Кинеската влада мора да ги намали субвенциите и прекумерните капацитети во Кина, смета тој. Темата ќе игра улога и на средбата на Г7 во Италија. ЕУ е критички настроена кон трговската политика на САД насочена кон изолација. Казнени царини на САД за кинески автомобили предизвикаа голем притисок за увоз кај ЕУ. Како Бајден ќе реагира на тоа дека  и Тесла е погодена од мерките на ЕУ, е едно од многуте отворени прашања во овој трговски покер.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија