1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплавите во Херцеговина однесоа најмалку 14 жртви

Мехмед Смајиќ
4 октомври 2024

Катастрофални поплави ја погодија Херцеговина и централниот дел на Босна и Херцеговина. Потврдени се 14 смртни случаи. Најтешко погодена е Јабланица, која е целосно отсечена.

https://p.dw.com/p/4lPVo
Кисељак, БиХ
Поплавени куќи во Кисељак, БиХФотографија: Armin Durgut/PIXSELL/picture-alliance/dpa

Поплавите што ја погодија Херцеговина и централниот дел на Босна и Херцеговина предизвикаа сериозна хуманитарна и инфраструктурна криза. Досега се потврдени 14 смртни случаи, а според Дарко Јука, раководител на Одделот за односи со јавноста на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон, се уште има многу пријави за исчезнати лица. „Сè уште не ја знаеме точната бројка. Не се сеќавам на ваква криза од војната до денес. Размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки“, рече Јука.

„Во моментов ситуацијата е најкритична во Долна Јабланица, која е целосно изолирана“, рече Јука, додавајќи дека се урнати патишта и неколку мостови на реката Дрежанка, што дополнително го отежнува пристапот до настраданите и снабдувањето со залихи. 

Слични катастрофални поплави во БиХ се случија и во 2019 година. 

Ангажман на армијата  

Претседателството на Босна и Херцеговина донесе одлука за ангажирање на вооружените сили на Босна и Херцеговина во Јабланица, која беше погодена од катастрофална поплава по обилните врнежи во текот на претходната ноќ. 

Кисељак БиХ
Жител на Кисељак се пробива низ својот двор по големите поплави во БиХФотографија: Armin Durgut/PIXSELL/picture-alliance/dpa

Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина испрати барање за помош на армијата и хеликоптери во поплавените подрачја. До ЕУФОР е испратено барање за ангажирање на хеликоптер за медицинска евакуација и во моментов се врши итен транспорт на тешко повредено дете од Јабланица.

Освен Јабланица, изолирано е и поширокото подрачје на Коњиц. Повредените жители се евакуираат со чамци што ги користат припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Цивилната заштита, локалните рибарски клубови и Планинската спасувачка служба. Сите расположливи ресурси во моментов се распоредени на теренот, вклучително и полицијата и Црвениот крст, додека соседните кантони и општини нудат помош во форма на персонал и опрема.

Лоша временска прогноза  

Лошите временски прогнози за претстојниот викенд дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Се очекуваат нови врнежи кои можат да предизвикаат уште поголеми проблеми. Јука го предупреди населението да остане во безбедните зони и да не ризикува со непотребно излегување на отворено. 

Босна и Херцеговина Поплави
Поплавени автомобили во централна Босна и ХерцеговинаФотографија: Rusmir SMAJILHODZIC/AFP

Покрај Јабланица и Кисељак, погодени се и областите Високо, Фојница, Крешево и Хаџиќ. Најтешка е ситуацијата во Јабланица, каде според непотврдени информации се стравува дека бројот на загинати би можел да биде поголем од десет.

Фотографиите од теренот покажуваат куќи покриени со наноси, додека пороите покриваат патишта и мостови. Во Долна Јабланица поплавата го зафати приземјето на џамијата, а во многу делови водата стигна до покривите на куќите. Снимени се и драматични сцени од патиштата, кои целосно исчезнаа под наноси на земјата.

Според извештаите, состојбата на патиштата продолжува да се влошува. Авто-мото службата ги предупреди возачите да бидат крајно внимателни при возење или да избегнуваат патување во погодените подрачја.

Размерите на катастрофата стануваат се појасни како што доаѓаат нови извештаи од теренот, а жителите на погодените области се соочуваат со долготрајна борба да се опорават од овие страшни последици. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема