Вонредна состојба во делови од БиХ поради поплавите
15 мај 2019Дождот кој не престанува од неделата предизвика големи проблеми во делови од Босна и Херцеговина. Поради поплави е прогласена вонредна состојба во повеќе градови и наредена е евакуација во подрачјката кои се загрозени од поплави.
Реките се прелеани во регионите околу Приједор, Бања Лука, Бихаќ и Добој, соопштија босанските власти. Поплавени се повеќе стотици куќи, како и стотици хектари обработливо земјиште.
Повеќе патишта во загрозените региони се непроодни поради надојдената вода или лизгање на земјиштето. Во регионот на Жепче, во северна Босна, се трага по шестогдишно дете, кое било однесено од надојдената вода.
Премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, изјави дека „опасноста не е помината“ и ги повика граѓаните „да ги следат упатствата на властите, без да влегуваат во паника“.
Раководителот на метеоролошкиот институт на Репоублика Српска, Томислав Шајиќ, за денеска најави нови врнежи од дожд, но не толку силни како во претходните денови.
Поплави има и во Хрватска. Најлоша е состојбата во Костајница, на границата со БиХ, изјави Зоран Чавловиќ од Националниот центар за борба против поплави. Сппоред агенцијата Хина, дел од градот нема струја и вода за пиење. Десетици куќи се поплавени и во Карловац. Хрватската државна телевизија јави дека пожарникари во тој регион спасиле седум туристи, меѓу нив и две деца, од поплавен камп на брегот на реката Корана.
Во мај 2014 година од поплави во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија беа погодени речиси два милиони луѓе. Во катастрофата животот го загубија 77 лица, од кои 51 во Србија.