1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Кој ќе биде вицекандидат на Камала Харис?

Себастијан Хесе | дпа | АРД
3 август 2024

Камала Харис го доби неопходното мнозинство гласови од делегатите за претседателска кандидатура во нејзината Демократска партија.

https://p.dw.com/p/4j4WJ
Камала Харис
Камала Харис има уште три дена да ја донесе можеби најсериозната политичка одлука во својот живот Фотографија: IMAGO/NurPhoto

Американската демократка Камала Харис го обезбеди неопходното мнозинство делегатски гласови за претседателска кандидатура во нејзината партија. Врвот на Демократската партија соопшти дека на онлајн-гласањето Харис го надминала прагот за неопходни гласови за номинација. Тоа значи дека Харис во ноември на претседателските избори во САД ќе се соочи со републиканецот Доналд Трамп.

Нејзината предизборна каса е полна „до пукање“: во јули таа прими донации во вкупна вредност од 310 милиони долари - двојно повеќе од Трамп. Сега недостига уште само еден чекор за кампањата да може навистина и да започне - Харис мора да именува свој т.н. „Running Mate“, односно кандидат за потпретседател. Како што стојат работите, таа планира својата одлука да ја објави во вторник, на предизборен собир во Филаделфија.

Преглед на можните кандидати за заменици:

Џош Шапиро и Калама Харис
Џош Шапиро и Калама Харис на средината од јули во ФиладелфијаФотографија: Kevin Mohatt/REUTERS

Џош Шапиро

Ако ги прашате обложувалниците, со неговото име моментално се тргува особено високо: Џош Шапиро, популарен гувернер на Пенсилванија. Шапиро, на возраст од 51 година, речиси една деценија помлад од Харис, би ѝ користел особено на две нивоа: неговата родна Пенсилванија би можела да биде одлучувачка на изборите во ноември со своите 19 електорски гласови. Шапиро веројатно ќе го инспирира и важниот еврејски електорат во САД. Тоа се чини дека особено го прави Доналд Трамп нервозен: „Ако го земе Шапиро, тогаш ќе ја изгуби својата мала палестинска изборна заедница“, забележа Трамп, притоа знаејќи добро дека тоа веројатно нема да биде одлучувачко на изборите.

Тим ​​Валц, гувернер на Минесота
Тим ​​Валц, гувернер на МинесотаФотографија: JIM WATSON/AFP

Тим Валц

Колегата на Шапиро од Минесота, гувернерот Тим ​​Валц, веќе ѝ даде на Камала Харис вреден подарок. Валц му даде на Трамп етикета „чуден“. Тој го погоди нервот толку многу што „чудно“ или „чуден“ меѓу демократите навира речиси рефлексно кога зборуваат за Трамп или Венс. „Дали некогаш сте го виделе Трамп како се смее?“, праша Валц неодамна на Си-Ен-Ен: „Кога Трамп се смее, тогаш се смее за некого, а не со некого!“ И така, гувернерот, кој, како и Харис, е роден во 1964 година, покажува како можете ефективно да го вознемирите политичкиот противник - едноставно смеејќи му се! „Само слушнете го овој човек“, препорачува Волц. „Тој само исфрла сѐ што ќе му падне на памет: ние го сфаќаме премногу сериозно!

Марк Кели, сенатор од сојузната држава Аризона
Марк Кели, сенатор од сојузната држава АризонаФотографија: KENT NISHIMURA/Getty Images/AFP

Марк Кели

Во секој случај, Волц и Шапиро како конкурент треба сериозно да го сфатат и Марк Кели, сенатор од важната сојузна држава Аризона. Кели е еден вид народен херој - тој е поранешен астронаут. Помеѓу 1996 и 2011 година, неговата работа, како и онаа на неговиот брат близнак Скот, се одвиваше во кокпитот на вселенските шатлови. Трамп е „очаен и исплашен старец“, вели Кели, „ништо друго освен осуден криминалец - за разлика од Харис." Таа е фантастичен, историски кандидат, уверен е Кели.

Шест можни имиња на списокот на Харис

Покрај Кели, Валц и Шапиро, во потесниот избор на Харис има уште три имиња: Енди Бешир, гувернер на Кентаки, Пит Бутиџиџ, министер за транспорт во мандатот на Бајден и Џ.Б. Прицкер, гувернер на Илиноис.

За Харис, личниот однос на доверба се чини дека е исто толку важен како и стратешките размислувања. „Хемијата мора да 'штима'“, нагласуваат постојано луѓе блиски до Харис. Таа сака повторно лично да се сретне со сите шест кандидати во текот на викендов - во официјалната резиденција на американските потпретседатели во Вашингтон. Трката сè уште се чини отворена и сите шестмина сè уште се надеваат дека ќе успеат да се вселат во резиденцијата. Камала Харис има уште три дена да ја донесе можеби најсериозната политичка одлука во својот живот досега.