1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како „картата за шанси“ треба да го спаси пазарот на работа

Штефани Хепнер
4 јуни 2024

„Картата за шанси“ во Германија е достапна од први јуни. Тоа значи дека работа во земјата може да бараат и луѓе кои не доаѓаат од ЕУ. Дали тоа ќе го ублажи недостигот од квалификувани работници? Експертите се скептични.

https://p.dw.com/p/4gbvo
негуватели нега
Негувателите се особено барани - на фотографијата е прикажан тренинг за негуватели од странство кои треба да почнат да работат во ГерманијаФотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Со нов систем на бодови - таканаречената картичка за шанси - Германија сака да привлече квалификувани работници од странство и конечно да го стави под контрола недостигот од квалификувани работници - слично како во Канада или Австралија. Еве како треба да функционира системот и каде експертите гледаат недостатоци.

Како функционира картичката за можности?

Од 1 јуни 2024 година, барателите на работа кои не се од земји членки на ЕУ можат да дојдат во Германија користејќи ја таканаречената картичка за шанси. Ним не им е потребен договор за вработување на неопределено време, туку имаат време од една година да бараат работа. Предуслов за добивање на картата за шанси е најмалку две години стручна обука или универзитетска диплома, како и основни познавања на германски јазик на ниво А1 или англиски јазик на ниво Б2. Личната врска со Германија исто така игра улога.

Поените се доделуваат во зависност од професионалното искуство, јазичните вештини, возраста и поврзаноста со Германија. Секој кој е квалификуван за работа во која има голем недостиг од работна сила добива дополнителни поени. Под одредени околности, периодот за барање работа може да се продолжи најмногу за две години.

Колку пари треба да се заработуваат?

Барателите на работа треба сами да си ги платат животните трошоци. Само оние кои се успешни во барањето работа можат да останат подолго. Но, предуслов е бруто платата годишно да биде најмалку 40.770 евра или да се исплаќа во согласност со тарифата. Паралелно со барањето работа е дозволено секундарно вработување до 20 часа.

Картичката за шанси е трет дел од Законот за доселување квалификувани работници. Законот беше донесен во 2020 година од тогашната коалиција на Социјалдемократите и конзервативната ЦДУ со цел да привлече работници од земји кои не се членки на ЕУ.

Германија - омилена земја за живот и работа

Што е со луѓето од Западен Балкан?

За работниците од земјите од Западен Балкан од 1-ви јуни има повеќе можности на германскиот пазар на труд, дури и ако тие немаат обука. Сепак, тие мора да покажат договор за вработување пред да влезат во земјата.

Досега, преку таканаречената регулатива за Западен Балкан, во Германија годишно имаа шанса да дојдат 25.000 работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Сега квотата е двојно зголемена - на 50.000 годишно.

Колку работници недостасуваат во Германија - и зошто?

Според германскиот министер за труд Хубертус Хајл, до 2035 година во Германија ќе мора да бидат заменети седум милиони квалификувани работници. Тоа не е можно без доселување. Во земјата има недостиг од работници, особено во делот на негата и угостителството. Недостигаат и квалификувани работници во ИТ-сферата, како во компаниите, така и во установите.

За недостигот има повеќе причини. Германското општество станува сѐ постаро, а таканаречената „бејби бум“ генерација, во која се раѓале повеќе деца, наскоро ќе замине во пензија. Освен тоа, има нови работни места и гранки во сферата на дигитализацијата каде има недостиг од квалификувани работници. Како резултат на тоа, се одбиваат нарачки, работното време се редуцира, а пациентите и постарите луѓе веќе не се соодветно згрижени.

квалификувани работници
До 2035 година во Германија ќе мора да бидат заменети седум милиони квалификувани работнициФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Во просек, едно работно место во делот на геријатриска нега останало непополнето 251 ден, информираат од Министерството за економија, а во секторот за производство на градежни материјали непополнето останало 249 дена. Германскиот Ифо-институт за економски истражувања проценува дека недостигот на квалификувани работници ќе ги чини компаниите во Германија дополнителни 49 милијарди евра.

Ваквите бројките всушност се чинат доста оптимистички во споредба со претходната година: Сојузниот завод за вработување објави дека во април имало околу 701.000 слободни работни места, односно околу 70.000 помалку од претходната година. Според Ифо-институтот, во март 2024 година недостигот на квалификувани работници бил малку намален - околу 36,3 отсто од компаниите пријавиле „тесни грла“, додека минатата година тоа биле 43,6 отсто.

Меѓутоа, фактот дека бројките се благо намалени не е добра вест, зашто тоа главно се должи на слабеењето на конјунктурата во Германија. Кога конјунктурата повторно ќе заживее, недостигот на квалификувани работници повторно ќе се зголеми, вели експертот на Ифо-институтот, Клаус Волрабе.

Побрзо до работа со познавање германски јазик

Кои се проблемите со картичката за шанси?

И покрај сите овие нови можности, истражувачите за миграција остануваат скептични. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд и професиите (ИАБ) во изјава за „Рајнише пост“ вели дека очекува ограничено влијание на новите мерки. За разлика од Канада, на пример, се работи само за можност да барате работа. Во Канада, пак, системот на бодување води до постојано право на престој - и затоа е многу поатрактивен.

Покрај тоа, картичката за шанси не е вистинско олеснување, зашто барателите на работа ширум светот веќе се вмрежуваат со потенцијалните работодавци преку видео конференции и ги добиваат своите работни места преку Фејстајм или Зум. Други доаѓаат во Германија како туристи и потоа бараат работа.

Германскиот сојуз на синдикати гледа пречки уште во делот на предусловите. Не сите земји, како што се вели, имаат државно призната стручна обука. Понекогаш младите ја учат својата професија преку неформален „тренинг на работното место“ без диплома. Освен тоа, барателите на работа ќе треба да докажат дека можат да се издржуваат себеси. Затоа, Сојузот на синдикати речиси не очекува некакви „позитивни ефекти“.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи