Како Иран и Израел од сојузници станаа непријатели
3 октомври 2024Иран директно го нападна Израел со проектили во вторникот вечерта (1.10) - по вторпат од лансирањето на стотици беспилотни летала и ракети во април. Според израелската војска, повторно биле пресретнати „голем број“ ирански ракети. Подоцна вечерта, израелската војска привремено објави дека заканата од Иран „моментално“ е неутрализирана, но дека ќе следи жесток израелски одговор: „Воздухопловните сили остануваат целосно оперативни и ќе продолжат да удираат со полна сила на Блискиот Исток вечерва. како што тоа го правеа минатата година“, изјави портпаролот на армијата, Даниел Хагари.
Иранските ракетни напади немаа никакво влијание врз оперативната способност на воздухопловните сили, додаде тој. Според Хагари, израелските и американските одбранбени системи функционирале ефикасно и имале тесна соработка во откривањето и пресретнувањето на ракетите. „Ќе дејствуваме кога и каде ќе одлучиме, согласно инструкциите на политичко ниво. Овие настани ќе имаат последици“, најави тој.
Иранската државна телевизија ги прослави ракетните напади на Исламската Република врз Израел. По најавата за нападот врз Израел од страна на Иранската револуционерна гарда, водител на државната телевизија го пофали „храбриот ирански народ“ за нападот. Заедно со слики од ракети кои се испукани кон небото, телевизиски канал емитуваше весела музика. Исто така, беа покажани снимки од луѓе како слават во неколку ирански градови, држејќи ги знамињата на либанската милиција Хезболах и нивниот лидер Хасан Насралах, кој беше убиен од Израел во петокот.
Поддршка за Израел
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ракетниот напад на Иран врз Израел изјави дека е „целосно неприфатлив“ и додаде дека САД „уште еднаш ја докажаа нашата посветеност на одбраната на Израел“.
Според британскиот министер за одбрана Џон Хили, во одбраната на Израел учествувала и британската армија.
Нападот на Иран и правото на Израел да се брани го истакнаа и земјите од ЕУ, како Германија и Франција. Германскиот канцелар Олаф Шолц најостро го осуди нападот на Иран .
Од друга страна, беше објавено дека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи имал телефонски разговор со неговите европски колеги веднаш по ракетниот напад на неговата земја врз Израел. Тој, меѓу другото, разговарал со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, како и со колегите во Велика Британија, Франција и други земји, пренесе иранската новинска агенција Ирна. Арагчи изјави дека ракетната операција сега е завршена, но ако Израел возврати, одговорот на Иран ќе биде, како што рече тој, „уште поостар“. Техеран не сака ескалација, но не се плаши од војна, додаде Арагчи.
Од сојузници до непријатели
Иран и Израел се непријатели со децении. Техеран го оспорува правото на Израел на постоење и се заканува дека ќе го уништи „ционистичкиот режим“. Израел, од друга страна, го смета Иран за најголем непријател. Но, не беше секогаш така.
Пред Исламската револуција во 1979 година, двете земји беа тесно поврзани. Иран дури беше меѓу првите земји што ја признаа државата Израел во 1948 година. Во рамките на конфликтот на Блискиот Исток, Израел го сметаше Иран за сојузник против арапските држави. За Техеран, Израел, поддржан од Вашингтон, беше корисна политичка противтежа кон неговите арапски соседи.
Исламската револуција како пресвртница
По победата на Исламската револуција во 1979 година, Иран ги откажа сите договори со Израел. Ајатолахот Хомеини остро го критикуваше Израел за окупацијата на палестинските територии и разви реторика насочена против Израел со цел да ја добие поддршката од арапските држави и населението во тие земји, со што го зајакна влијанието на Иран.
Актуелниот ирански верски водач, ајатолахот Али Хамнеи, ја продолжи таа политика, редовно доведувајќи ги во прашање историските факти за холокаустот. Иран го поддржува Хезболах во Либан, Хамас во Газа и други групи низ регионот, вклучително и бунтовниците Хути во Јемен.
Влошување на односите
Израел, од друга страна, направи малку за да ги намали тензиите. Премиерот Бенјамин Нетанјаху постојано ја споредуваше Исламската Република со нацистичка Германија и остро го критикуваше Атомскиот договор од 2015 година.
Иако во двете општества има поединци кои се залагаат за помирување, политичките односи се позатегнати од кога било, особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и израелската воена одмазда во Појасот Газа.
Според ОН, повеќе од 41.000 Палестинци, главно жени и деца, се убиени во војната во Газа. Во исто време, ракетните напади на Хезболах и израелското бомбардирање на јужен Либан принудија стотици илјади луѓе да побегнат во Либан и Израел.