Како Германија го спаси биткоин
19 август 2023Зачетоците на биткоинот датираат од есента 2008 година, среде колапсот на големите американски банки заради шпекулациите со недвижнини. И иако некои како Австриецот Џулијан Хосп, брзо заработија милиони и потоа го фалеа биткоинот на социјалните мрежи, „официјалниот“ став бараше голема претпазливост.
Па така, тогашниот претседател на германската централна банка, Јенс Вајдман, упорно повторуваше дека овие „пари“ чија единствена вредност е шпекулативната, се крајно опасни и дека таму лесно може и да се изгубат пари.
Сепак, популарноста на ваквите криптовалути растеше. Порасна и профитот што го правеа луѓето со нив.
Но, што со тоа? Дали да се плаќа данок на таков приход? Вакво прашање до Министерството за финансии упати пратеникот од редовите на германските Либерали (ФДП), Франк Шефлер. Одговорот стигна пред десет години, а германското ресорното министерство на чело со Волфганг Шојбле издаде директива која се покажа како крајно далекувидна. Таа во добра мера дури и беше спас за таквите криптовалути. Имено, според ставот на германското министерство, биткоинот е форма на „приватни пари“, па се плаќа и данок на зголемувањето на неговата вредност, доколку се шпекулира како што тоа го предвидуваат германските закони.
Неверојатно далекувидно
До тој одговор од министерството, биткоинот „беше нешто чудно“, вели Шефлер денес. „Или не знаеја што е, или го класифицираа во некој нејасен сегмент”, вели тој. Во секој случај, исклучително интересно е толкувањето на биткоинот од министерството во тоа време како „приватни пари“. До тогаш тоа значеше на пр. жетони или ваучери со кои можете да добиете пијачка во гостилница или на прослава што е, инаку, многу вообичаен начин на организирање на плаќањето на разни прослави во Германија.
Со такви „приватни пари“ не може да се шпекулира и тие целосно ја губат својата вредност кога ќе заврши прославата. Во исто време, жетоните во салон за забава секогаш имаат иста вредност преточена во „вистински пари”.
Но, биткоинот? Се разбира, мотивот на Министерството за финансии беше пред сѐ да наплати данок и од таа добивка, но тоа толкување се покажа крајно мудро и далекувидно. Економистот Филип Занднер вели дека „тоа беше од фундаментално значење за третирањето на биткоинот во Германија“. Од тогаш помина една деценија, со биткоинот се случија разни нешта, а министерството не мораше да менува ниту една запирка во толкувањето.
„Таа одлука многу рано покажа како правилно се интерпретира биткоинот, имено како суровина и средство за чување на вредност, а не како валута или како монетарна услуга. Германското министерство за финансии тогаш направи сè точно како што треба и тоа многу рано“.
Основата и стабилноста на криптовалутата
Затоа пред десет години мислењето на Берлин со големо внимание беше прифатено во целиот свет. И не само тоа. Во дефиницијата на германското министерство за криптовалутата, од исклучителна важност е додатокот околу начинот на плаќање на данокот на добивка според важечките законски прописи во оваа земја што и натаму гласи дека данокот од шпекулации се плаќа само доколку добивката се реализира со купопродажба во рок од една година.
„Секој што шпекулира и купува и продава релативно брзо и често, ќе мора да плати данок на добивка“, вели Занднер. „Но, некој што купува и ја чува криптовалутата повеќе од една година - што го прават вистинските љубители на биткоинот кои би сакале ако може да го чуваат засекогаш - не го плаќа данокот на зголемената вредност“.
Токму овој поттик долгорочно да се инвестира во криптовалути, помогна во голема мера да се стабилизира вредноста на биткоинот, дури и во најголемите бури низ кои минуваа криптовалутите.
Во меѓувреме, Германија постави подетални правила, а толкувањето на германското министерство во најголема мера е преземено во таканаречената МИЦА (Пазари со крипто-средства) регулатива на Европската унија. „Ова ја направи Германија навистина отворена и пријателска земја за биткоинот“, убеден е Занднер.
Кој го има, го фали
Значи, дали треба да инвестирате пари во криптовалути? Младите во Германија се тие кои најмногу размислуваат за тоа: три проценти од младите веќе купиле одредена количина криптовалута, секој трет размислува за тоа, а 23 проценти од прашаните не исклучуваат таква можност. Тешко е да се каже дали зголемувањето на вредноста на биткоинот во следните десет години ќе биде исто толку голема како во изминатата деценија, кога неговата вредност скокна од 4 илјади евра на повеќе од милион. Тоа е многу, многу повеќе од која било акција би постигнала.
Сепак, сомнежите сè уште се присутни. Колку е паметно да се трошат пари на таков начин? Гуруто на американските берзански шпекуланти, Ворен Бафет, не пропушта прилика да предупреди дека нема да вложи „ниту еден цент“ и дека тоа е само рулет или машина за коцкање.
Сепак, без оглед на одлуката дали да се инвестира или не, германската регулатива за криптовалути останува на важност. Таа го покажа својето значење и во колапсот на крипто-размената ФТХ, кога многумина ги загубија сите пари што ги инвестираа.
Но, германските регулативи успеаја да направат разлика „меѓу нерегулирана фирма која имплодираше со своите измамнички активности и технологија која се покажа дека може да опстане“, вели Занднер.
Со други зборови, некој кој има биткоини и ги вложил своите пари во нив, нема да престане да анимира и други да го сторат истото затоа што само така и тој може да стане побогат.