1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како дојде до распад на германската владеачка коалиција

Сабине Кинкарц
7 ноември 2024

По отказот од канцеларот Олаф Шолц за министерот за финансии од редовите на Либералите, Кристијан Линднер: Зошто политичките разлики станаа непремостливи?

https://p.dw.com/p/4mkJt
Сојузниот канцелар Олаф Шолц, министерот за финансии Кристијан Линднер и министерот за економија Роберт Хабек
Канцеларот Олаф Шолц (во средината), министерот за финансии Кристијан Линднер (лево) и министерот за економија Роберт Хабек (архивска фотографија)Фотографија: Ben Kriemann/PicOne/picture alliance

„Премногу често потребните компромиси беа фрлени во сенка со јавно исценирани спорови и гласни идеолошки барања. Премногу често сојузниот министер Линднер некомпетентно блокираше закони. Премногу често тактизираше од тесни партиско-политички мотиви, премногу често ми ја изигра довербата“, рече со јасно видлива фрустрација канцеларот Олаф Шолц вчеравечер (6.11) околу 21:15 часот, кога официјално го соопшти разрешувањето на Кристијан Линднер. „Како канцелар не можете да го толерирате ова“, рече Шолц.

Како што нагласи канцеларот, во изминатите три години, откако на власт се СПД, Зелените и Либералите, постојано давал предлози „како коалиција од три различни партии може да дојде до добри компромиси“, но тоа често било тешко и „понекогаш болно допирал и до границите“ на сопствените политички убедувања.

Неуспех пред сѐ поради парите

Постои точен датум кога првата трипартитна коалиција во историјата на Сојузна Република Германија толку многу западна во турбуленции што веќе не можеше да се стабилизира. На 15 ноември 2023 година, Уставниот суд оцени делови од буџетот на владата во Берлин како неуставни. Тоа е денот кога на коалицијата од СПД, Зелени и Либерали ѝ беше одземена финансиската основа за работа.

Конкретно станува збор за околу 60 милијарди евра, чија употреба беше забранета од страна на највисокиот германски суд. Бундестагот, за време на пандемијата, одобри кредити за борба против коронавирусот, но на крајот не беше потрошена целата сума. Меѓу првите одлуки на т.н. семафор-коалиција беше пренамената на средствата за финансирање на климатската и енергетска политика, но тоа според оценката на Уставниот суд се коси со Уставот.

А, токму многуте милијарди овозможија воопшто и да се формира коалиција чии основни политички убедувања всушност не се вклопуваат. СПД и Зелените во суштина се левичарски партии кои се залагаат за силна држава и имаат потреба од многу пари за социјална политика и заштита на климата. Економски либералната ФДП фактички во сите сфери застапува спротивно мислење.

Министерот за финансии Кристијан Линднер
Министерот за финансии Кристијан Линднер при полагањето заклетва во декември 2021 годинаФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP

На почеток со 60-те милијарди се премостуваа спротивности

Либералите инсистираат на личната одговорност на граѓаните, а државата, според нив, треба да интервенира само во исклучителни случаи и финансиски максимално да се воздржува. Во предизборната кампања партијата вети дека ќе го санира Буџетот и дека ќе ја почитува уставната должничка кочница. Специјалниот фонд од 60 милијарди евра кои не беа дел од Буџетот, првично ги премости разликите и беше финансиска основа за делување на владата оти овозможуваше да се штеди во Буџетот, а истовремено да се трошат пари за црвено-зелената социјална и климатска политика.

Прва пречка за нееднаквите партнери

Плановите беа големи - Германија требаше да стане предводник во делот на заштита на климата и требаше да се изградат 400 илјади нови станови, социјалната држава да се модернизира, помошта за невработените да стане т.н. граѓански додаток и да се воведе основна детска заштита и пензија со акции. Нивото на пензиите требаше да се стабилизира на 48 проценти, да се зголеми минималната плата и да се зголемат издатоците за истражување и развој.

Коалицијата која започна со едно селфи на претседателите на Зелените, Аналена Бербок и Роберт Хабек, лидерот на ФДП, Кристијан Линднер и неговиот генерален секретар Фолкер Висинг, првично добро функционираше. Неколку дена по сојузните избори во септември 2021 година, четворицата политичари истовремено ја објавија фотографијата на своите профили на Инстаграм. Во објавата стои: „Во потрага по нова влада, ги испитуваме заедничките нешта и бараме премостување на разликите. Па дури и наоѓаме начини. Возбудливи времиња“. Објава токму од Зелените и Либералите, две партии кои не можат да бидат поразлични во однос на нивните основни политички убедувања. Префериран партнер на Зелените беше СПД, која победи на изборите. Но, дуото не постигна парламентарно мнозинство, па им требаа и Либералите. Ова беше и првата пречка во коалицијата. Либералите секогаш можеа да дејствуваат од позиција на самодоверба на некој кој е незаменлив.

 Фолкер Висинг, Аналена Бербок, Кристијан Линднер, Роберт Хабек
Се започна со селфи: Фолкер Висинг и Кристијан Линднер (ФДП), заедно со Аналена Бербок и Роберт Хабек (Зелени)Фотографија: Instagram/@volkerwissing/via Reuters

Канцеларот зборува за „коалиција на рамна нога“

Имаше доволно добри намери. Кога се презентираше коалицискиот договор, беше кажано дека преговори со толку различни перспективи биле „богатство“ и дека „спротивностите може меѓусебно да се надополнуваат“.

Олаф Шолц (СПД), кој беше избран за канцелар нешто подоцна, потсети на првиот сообраќаен семафор поставен на Потсдамер плац во 1924 година. „Граѓаните и тогаш беа скептични - дали ова има смисла, дали може да функционира?“. Тоа што се вклопува тука и се поврза, рече Шолц и додаде дека „коалицијата е на рамна нога“.

Тонот станува поостар, кризите се множат

Ни сто дена не траеше ветувањето дека дискусиите секогаш ќе се водат во доверливост и дека нема да се излегува во јавноста со нацрти, туку само со готови решенија. Но, и ниту една коалиција досега не се соочила со толку големи предизвици. Пандемијата повторно зема замав, Русија ја нападна Украина, испораките на гас и нафта изостанаа и на Германија ѝ се закануваше енергетска криза.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Тиквата првпат напукна кога министерот за финансии Линднер излезе во медиумите со идејата на возачите да им се даде попуст за полнење гориво поради вртоглавото зголемување на цените на бензинот и дизелот. Зелените, кои беа изненадени од предлогот, реагираа разлутено и негативно и тоа јавно и го ставија на знаење.

ФДП продолжува со мерки за штедење

Оттогаш тонот стануваше сè погруб. Закон за парно греење, граѓански додаток, кочница за задолжување, азил и миграција - сѐ почесто се покажуваше ривалство, а спорот сè повеќе ја засенуваше политичката работа. Граѓаните ја казнуваа коалицијата со сѐ помала поддршка, а таа загуби енормно на углед. Семафор-коалицијата успеа да стане најнепопуларна влада во историјата на Сојузна Република Германија.

Разликите беа доминирани од спорот за парите. СПД и Зелените имаа проблем со кочницата за задолжување. Војната во Украина, финансиската и помошта во оружје за Киев, трошоците за бегалците, неопходното вооружување на Бундесверот, потребата од санирање на инфраструктурата во Германија - списокот на потреби стануваше сѐ подолг. Но, Либералите не попуштаа и тераа со курсот за штедење.

кочница за задолжување Германија
Либералите инсистираат на кочницата за задолжувањеФотографија: Torsten Sukrow / SULUPRESS.DE/picture alliance

Шлаканицата на покраинските избори - притисок врз владината коалиција

Либералите не дозволија да бидат одвратени од нивниот курс ни откако Уставниот суд во ноември 2023 година ја донесе пресудата за Буџетот. Но, отпорот на СПД и Зелените против наложеното штедење од страна на либералниот министер за финансии растеше. Преговорите за буџетот за 2025 година завршија со нацрт до Бундестагот во кој имаше дупка од околу дванаесет милијарди евра.

Покрај тоа, на покраинските избори на истокот, во покраините Тирингија и Саксонија, во септември 2024 година, се покажа дека никогаш во историјата партии што владеат на сојузно ниво – во случајов СПД, Зелените и ФДП – не забележале толку лош резултат. СПД изненадувачки успеа да победи само во Бранденбург, додека Либералите во сите три сојузни покраини станаа политички неважни.

Нема веќе шанси за компромиси

По изборите, лидерот на ФДП, Кристијан Линднер постави ултиматум и зборуваше за „есен на одлуки“. Тој притискаше брзо да се донесат и контроверзни законски предлози. Расположението беше катастрофално. Лидерката на СПД, Заскија Ескен за „ФАС“ изјави дека ФДП провоцира затоа што „очајно“ се обидува да се профилира. На Линднер, кој зборуваше за „есен на одлуки“ му префрли дека „жонглирањето со податоци и ултиматуми е одраз на природа на играч“.

Во октомври Линднер дополнително формулираше каталог со барања во кои практично се откажува од целата економска и финансиска политика на коалицијата. СПД и Зелените зборуваа за провокација и уште тогаш имаа сомнежи дека Линднер се стреми кон тоа да биде исфрлен од коалицијата.

Што понатаму?

Шолц сака да финализира одредени итни законски предлози до крајот на годината. Во јануари канцеларот во Бундестагот ќе го постави прашањето за доверба со што ќе го отвори патот за предвремени избори. Гласањето треба да биде на 15 јануари. „Вака пратениците во Бундестагот може да одлучат дали ќе го отворат патот за предвремени избори“, порача Шолц. Изборите потоа би можеле да се одржат најдоцна до крајот на март, според роковите пропишани во Уставот. Редовните избори, инаку, беа предвидени за  септември 2025 година.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ