1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Висинг ја напушта ФДП и останува министер за сообраќај

Тагесшау | ЕМФ
7 ноември 2024

Владеачката коалиција во Германија се распадна, либералната ФДП ја напушти владата, но Фолкер Висинг останува. Тој ја напушта својата партија ФДП и останува министер за сообраќај.

https://p.dw.com/p/4mjdu
ФДП Фолкер Висинг
Фолкер Висинг ја напушта ФДП и останува министер за сообраќајФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

И покрај распадот на владеачката „семафор“-коалиција и заминувањето на либералната ФДП од владата, министерот за транспорт Фолкер Висинг сака да остане на функцијата до планираните нови избори - и ја напушта ФДП. Канцеларот Олаф Шолц (СПД) го прашал дали е подготвен да ја продолжи функцијата под новите услови, соопшти Висинг во Берлин. Тој размислил и му дал потврден одговор на Шолц.

Висинг најави и дека сака во иднина да се приклучи на владата како непартиски член. „Не сакам да бидам товар за мојата партија“. Затоа тој го информирал лидерот на партијата Кристијан Линднер дека ја напушта ФДП. „Не се дистанцирам од основните вредности на мојата партија и не сакам да се приклучам на друга партија“, тврди Висинг. Ова, уверува тој, е лична одлука што ссоодветствува со неговото поимање на одговорноста. „Сакам да си останам доследен на себе“, изјави Висинг.

Лидерот на парламентарната група на ФДП, Кристијан Дир, вчеравечер (6.11) рече дека сите министри од неговата партија сакаат да ги поднесат своите оставки до Сојузниот претседател.

Нови избори се очекуваат во март

Германската владеачка коалиција се распадна вчеравечер. По жестокиот спор околу идната насока на економската и буџетската политика, канцеларот Олаф Шолц најави дека ќе го исфрли министерот за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер од кабинетот и ќе побара гласање за доверба во парламентот во јануари. Гласачите, според Шолц, може да очекуваат предвремени избори во март.

Во гостинска статија за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на почетокот на ноември, министерот за сообраќај Висинг се изјасни за останување на либералите во коалицијата. Истиот ден протече документ од лидерот на партијата Линднер, во кој тој повикува на преуредување на економската политика - што дополнително го засили долготрајниот коалициски спор.