1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСрбија

Како балканските гангстери станаа кралеви на кокаинот

БГ /РТР
4 мај 2024

Слободан Костовски, Бранислав Паневски, Александар Нешиќ... се само дел од балканските гангстери уапсени поради шверц на стотици тони кокаин. Агенцијата Ројтерс го истражува криминалното царство на балканската мафија.

https://p.dw.com/p/4fTT4
Кокаин Дрога
Балканскиот картел е главен шверцер на дрога од Јужна Америка во ЕвропаФотографија: Christoph Hard/Geisler-Fotopress/picture alliance

Во 2018 година, осудениот шверцер на кокаин Слободан Костовски избега од бразилски затвор и се врати во Европа со лажен пасош. По враќањето во Србија, тој брзо им се вратил на старите навики. Во август 2023 година, Костовски беше уапсен во Белград и обвинет за шверц на 2,7 тони кокаин од Бразил, кој бил пресретнат во близина на Канарските острови. 

Познат како „генералот“ меѓу своите соработници, Костовски долги години шверцувал огромни количини дрога во Европа, се наведува во извештај на српската полиција од 2022 година. Денес 70-годишниот Костовски, долго живеел во Бразил, што му овозможило да оформи блиски врски со производителите на кокаин во соседните Колумбија, Боливија и Перу, и да организира транспорт на дрогата во Европа, се наведува во српскиот извештај. Костовски сега очекува судење во Белград, а ни тој, ниту неговиот адвокат не сакаа да ги коментираат обвинувањата за Ројтерс.

Балканската мрежа 

Властите во повеќе држави велат дека балканските шверцери доминираат во превозот на дроги од Јужна Америка до пазарите во Париз, Лондон и Берлин, и ја претвораат Европа во главен пазар за кокаин во светот. Нивниот успех се должи на користењето на криминалните контакти во заедниците на балканската дијаспора на двете страни на Атлантскиот океан, како и со инфилтрирање на прекуморскиот сообраќај преку кој се пренесуваат околу 90% од светските стоки, велат американски, европски и јужноамерикански полициски извори. 

„Кога станува збор за големи пратки кон европскиот континент, единствената група која е хегемона е балканската“, вели Иво Силва, полициски детектив од Бразил кој го истражувал Костовски уште од крајот на 2000-те години во рамки на Операцијата Нива.

За разлика од нарко-картелите во Мексико и Колумбија кои имаат вертикална, територијална структура, балканците работат во мали групи кои се многу мобилни, тајни и можат да пренесуваат огромни количества кокаин. Иако бандите не се монолитни и често се судираат меѓусебе, сепак, колективно се нарекуваат Балкански картел. 

Дрога Ротердам Холандија
Запленет кокаин на пристаништето во Ротердам, Холандија во 2023 годинаФотографија: Openbaar Ministerie, Netherlands Public Prosecution Service/AP/picture alliance

„Кај нив не постои стриктна хиерархиска структура. Тие немаат кум“, вели поранешен детектив на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА). Само минатата година, во водите на Атлантикот биле запленети над 9 тони кокаин поврзан со балканската мрежа, што е раст за 300% во однос на 2015 година, покажуваат податоците на европската агенција за поморски анализи и операции. Дополнително, властите во белгискиот Антверпен минатата година запленија 116 тони кокаин, а холандските уште 60 тони во 2023 година. 

Изградбата на мрежата 

Присуството на криминалците од земјите од Западен Балкан во Јужна Америка сега е поголемо од било кога, вели истражувач на Еуропол за Ројтерс. Тој вели дека постојат повеќе од 50 шверцерски келии од Западниот Балкан низ цела Јужна Америка, која ја одржуваат стотици криминалци. 

„Во моментов, тие се најголемата мафија за поморски шверц во Јужна Америка“, вели бразилскиот полициски детектив Алешандре Кустодио кој минатата година предводеше голема полициска операција против балканските шверцери. 

Властите велат дека доминацијата на балканските криминалци во глобалната трговија со кокаин е резултат на повеќедецениско инвестирање во луѓе и врски на двете страни на Атлантикот.  По распадот на Југославија во 1991 година, во хаосот балканските криминалци изградија успешни шверцерски операции. Кога војните завршија, голем дел од нив се префрлија во Јужна Америка во потрага по нови можности. 

Таму изградија сојузи со силни криминални групи како Револуционерните сили на Колумбија или бразилската Прва капитална команда, кои што им помагаат во набавката и транспортот на евтин кокаин. За шверц на дрогата се користат илјадниците луѓе од Балканот кои работат за светски карго компании. Балканските криминалци поткупуваат или им се закануваат на балканските морнари кои работат за големите компании. Кога дрогата ќе стигне до Европа, таму со дистрибуцијата и продажбата помагаат членовите на балканската дијаспора.

Кокаин Колумбија
Колумбиската полиција пресретнува брод полн со кокаин во март 2023 годинаФотографија: Colombian National Navy/AFP

Слободан Костовски бил дел од првиот бран гангстери кои пристигнале во Јужна Америка, тврди бразилската полиција. По доаѓањето, Костовски најпрво шверцувал цигари од Парагвај, а потоа се етаблирал во други активности, како шверц на дрога и оружје. Во 2006 година се вселил во пристанишниот град Виља Веља, во близина на Викторија, каде живеел со својата сопруга Бразилка и нивниот син.

„Постоеше заеднички стратешки напор да се испратат претставници на различни балкански картелски групи во Јужна Америка за да се населат, да фатат корени, да се венчаат со локалното население. На крајот, поголемиот дел од нив станаа плодни шверцери на кокаин“, вели поранешниот детектив на ДЕА.

Откривањето на групата  

Властите во повеќе земји сфатија со каква група си имаат работа дури по една огромна заплена. Во 2019 година, американските власти запленија околу 18 тони кокаин, вреден над 1 милијарда долари, скриен во товарен брод на компанијата МСЦ (Медитеранска транспортна компанија). Заплената на кокаинот, една од најголемите во историјата на САД, покажа колку длабоко се вовлекла балканската мафија во компанијата. МСЦ е најголемата светска транспортна компанија со седиште во Женева, Швајцарија. Во неа се вработени голем број морнари од Балканот, а фирмата има и центар за тренинг на регрути во Црна Гора. Меѓу уапсените беа петмина Црногорци и еден Србин. Осомничениот главен организатор на шверцот, поранешниот црногорски боксерски шампион Горан Гогиќ го чека своето судење во Њујорк.

И Костовски ги користел бродовите на МСЦ за своите операции. Регионот во кој живее Костовски во Бразил е познат по гранитот и мермерот, па тој и неговата група одлучиле да го користат нивниот извоз како покритите за шверцот на дрога. Длабеле дупки во камените блокови во кои ја криеле дрогата.

Тука во приказната влегува еден Македонец- Бранислав Паневски кој важи за десна рака на Костовски. Тој во јули 2010 година изнајмил магацин во близина на пристаништето во Виторија каде планирал да ја товари дрогата во камените блокови. Но, веќе во ноември 2010, бразилската полиција ја открила бандата и запленила 159 килограми скриени во еден камен. Паневски и Костовски биле уапсени и осудени на 20 години затвор поради меѓународен шверц на дрога. Сандра Костовски, која ги помагала операциите на својот сопруг со шверцување на готовина од Европа во Бразил, е осудена на 14 години затвор. Во меѓувреме таа е на слобода, но одби да зборува за случајот. Откако одлежа дел од затворската казна, на слобода е и Паневски.

Костовски избега од затвор во Србија во 2018 година, користејќи лажен пасош. Во тој период, европската полиција почна да истражува две енкриптирани мрежи за комуникации- EncroChat и Sky ECC, за кои веруваше дека ги користат криминалните банди. За неколку години, француските, белгиските и холандските полицајци открија цел еко-систем на подземна криминална мрежа во која отворено се зборува за убиства, шверц на оружје и дрога. Од 2020 година до денес, уапсени се над 6.500 криминалци низ цела Европа. 

Што имаат заедничко бананите и кокаинот?

Кон крајот на 2021 година пристап до податоците добива и српската полиција. Таа открива дека Костовски по бегството од Бразил и натаму раководи со шверцот на дрога. Комуникациите и движењето на Костовски биле следени повеќе од една година, со цел да се заплени главната пратка. До средината на 2023 година, полицијата го идентификувала бродот со кој пратката на Костовски требала да патува преку океанот. Се работело за „Осеаниа Дос.“ Од моментот кога го напуштил пристаништето во бразилскиот град Салвадор во јули минатата година, полицијата го следела секое негово движење.

„Балканскиот картел потона“, соопшти Еуропол откако на 24 август 2023 беше запленет бродот, а Костовски беше уапсен.

Новата генерација 

Два месеци подоцна во Бразил, полицијата уапси уште еден голем балкански нарко-шверцер, Александар Нешиќ. Неговиот татко Горан пристигнал во Бразил во 2004 година и бил еден од главните во мрежата за шверц на боливиски кокаин во Европа, заедно со Костовски. Горан Нешиќ е уапсен во 2013 година и осуден на 15 години затвор. Во 2018 е екстрадиран во Србија каде требало да отслужи уште 8 години, но денес е слободен.

Бизнисот го преземал неговиот син Александар. За разлика од татко му кој поткупувал морнари за да ја пренесуваат дрогата во Европа, Александар Нешиќ шверцувал со мали бродови кои полесно ги заобиколувале контролите. Во 2022 година американските власти запленија еден таков мал брод со 5,5 тони кокаин во него. Неколку месеци подоцна, бразилската полиција заплени друг брод кој превезувал 1,2 тони кокаин. Александар Нешиќ е обвинет како главен организатор на шверцот, и уапсен во октомври 2023. Се уште го чека почетокот на судењето. 

Полицијата смета дека и покрај успесите против балканските шверцери, тие и натаму ја преплавуваат Европа со кокаин користејќи нови тактики. Бразилскиот детектив кој ја предводел истрагата за Нешиќ вели дека балканските банди во минатото користеле лажни компании за шверц на дрогата, но сега купуваат легитимни извозни фирми.

Американски нарко детектив кој соработувал во истрагата на бразилската полиција вели дека балканските криминалци се „најголемата локомотива“ која ја одржува трговијата со кокаин кон Европа. „Тие ја сменија својата методологија, и тоа функционира“, вели тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема