Балканските мафијаши главни на пазарот на дрога во ЕУ
22 ноември 2022Извештајот укажува дека стратешката географска позиција на земји како Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, во комбинација со големата побарувачка на дроги, особено во ЕУ и Турција, ги засилила активностите на криминалните групи.
„Некои ЕУ-членки се лоцирани на шверцерските рути кои минуваат низ Западниот Балкан пред повторно да влезат во ЕУ. Ова значи дека шверцерските текови можат да бидат комплексни“, се наведува во извештајот кој е дел од поголема студија спроведена меѓу 2019 и 2022 година.
Помош од дијаспората и технологијата
Големите дијаспори од регионот во ЕУ исто така овозможуваат искористување или регрутирање на поединци во овие мрежи, наведува извештајот. Особено се наведува оперативното присуство на групи од Западниот Балкан во Белгија и Холандија, каде пристаништата во Антверпен и Ротердам се важни за дистрибуција и увоз во ЕУ. Другите важни локации за овие групи во однос на пазарот на кокаин, хероин и канабис се Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија и Обединетото Кралство.
Овие мафијашки мрежи ја користат најновата технологија за да ја подобрат ефикасноста на производството на дрога, шверцот и перењето пари, се наведува во извештајот. Тоа вклучува комплексна опрема за култивација во затворен простор, дронови и користење на криптовалути и шифрирана комуникација.
И Западниот Балкан и земји во ЕУ служат како прибежиште за криминалци кои се кријат од ривалски криминални групи или од полициски прогон.
„Членови на италијански и турски криминални мрежи ја избегнуваат правдата со криење на Западниот Балкан, додека руските криминални организации се инволвирани во активности на перење пари на крајбрежјето во регионот“, се наведува во извештајот.