„Кафе“ за Орбан, зелено светло за Киев, разочарување за РСМ
15 декември 2023Украина и Молдавија ќе почнат пристапни преговори за членство во ЕУ. Унијата ѝ додели кандидатски статус на Грузија, а ќе ги отвори преговорите со БиХкога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Ова е одлуката на лидерите на земјите членки на ЕУ, што ја објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Сакаме да ја поддржиме Украина, тоа е исклучително важно. Ова е многу моќен политички сигнал, многу моќна политика одлука“, изјави Мишел пред новинарите во Брисел по одлуката на Европскиот совет, нагласувајќи дека таа е исклучително важна за кредибилитетот на ЕУ. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, одлуката ја оцени ако „стратегиска“, со став дека тој ден ќе остане врежан во историјата на ЕУ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на сите кои работеле помогнале за за таа одлука.
„Историјата ја пишуваат оние кои никогаш не се уморуваат да се борат за слобода“, напиша Зеленски на социјалната мрежа „Икс“.
Според украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денот е историски и „сега преовладува само едно чувство - чувството дека ништо не било залудно“. Молдавската претседателка Маја Санду ја поздрави одлуката на ЕУ, со која „Молдавија отвора нова страница“.
„Денеска ја чувствуваме топлата прегратка на Европа. Ви благодариме за поддршката и вербата во нашиот пат“, напиша Санду на „Икс“.
Стратегијата на Шолц
Европската комисија постави седум услови за Киев, главно поврзани со борбата против корупцијата, владеење на правото и заштита на малцинствата, а на почетокот на ноември објави дека повеќето од нив се исполнети и дека препорачува почеток на преговори за членство. Унгарскиот премиер Виктор Орбан тврдеше дека Украина исполнила само четири од условите и треба да почека. Но, тој вчера се откажа од најавуваното вето и ја напушти салата, со што им помогна на лидерите да донесат едногласна одлука за Украина во негово отсуство.
Според бриселскиот портал „Политико“ кој се повикува на тројца функционери запознати со текот на настаните, ваквиот исход се должел на стратегијата на германскиот канцелар Олаф Шолц. Со цел да помине одлуката за која се согласни 26 лидери, а се противи само Унгарија, Шолц му предложил на унгарскиот премиер накратко да ја напушти просторијата („да си земе кафе надвор од собата“). Тоа им овозможило на останатите да го одобрат патот на Украина за пристап со потребната едногласност - затоа што правилата на ЕУ велат дека консензусот се исполнува и ако еден лидер е отсутен. Белгискиот премиер, Александер Де Кро, синоќа изјави дека Орбан не го искористил правото на вето, што значи дека одлуката е обврзувачка за сите 27 земји членки.
Стратегијата - и зелено светло за Украина, и можност Орбан да каже дека не гласал „за“, се потврди веднаш. Во видео што го објави на Фејсбук, Орбан вели дека „26 земји-членки биле категорични дека таа одлука треба да биде донесена, а Унгарија одлучила дека ако 26-те одлучат така, тие треба да одат по својот пат“.
„Унгарија не сакаше да биде вклучена во таа лоша одлука и затоа остана настрана од неа“, објави Орбан.
Но, само неколку часа по одлуката на ЕУ за Украина, Унгарија ја блокираше европската финансиска поддршка помош од 50 милијарди евра за Киев (33 милијарди евра во заеми и 17 милиони евра во грантови), која е дел од предлогот за долгорочниот буџет на ЕУ до 2027 година. Холандскиот премиер Марк Руте изразил надеж дека договор за помош на Украина може да биде постигнат кон крајот на јануари следната година, кога предлогот повторно ќе се разгледува. Според „Политико“ Унгарија сè уште може да интервенира во многуте преостанати чекори кои бараат едногласност. Претходно, Европската комисија деблокираше 10,2 милијарди евра замрзнати кохезиони фондови на ЕУ наменети за Унгарија, потег за кој ЕК тврдеше дека е независен од заканите на Орбан за блокирање на пристапувањето на Украина.
Спасов: Понижувачка за нас
Eвропскиот совет во заклучоците ја потврдувa целосната и недвосмислена поддршка на перспективата на Западен Балкан во ЕУ, и повикува на забрзување на процесот на придружување на регионот.
„Европскиот совет го нотираше дописот на Комисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан, чија цел е да се забрза социо-економското конвергенција меѓу Западниот Балкан и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрува регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ. Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин заснован на заслуги“, се вели во заклучоците.
ЕУ е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ги спроведе уставните измени.
„Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени“, се наведува во документот.
„Одлуките на ЕУ се уште една голема неправда кон нас“, коментира поранешниот амбасадор, Ѓорги Спасов по одлуката ЕУ, веројатно од солидарност да почне разговори за членство со земја која е во војна.
Тој нотира дека Македонија која се придржува до надворешната политика на ЕУ, која од 2005 доби кандидатски статус и е оценувана и преоценувана, која го смени името за таа цел, која е членка на НАТО што се сметаше како предворје за членство во ЕУ - нема да ги почне преговорите затоа што во дадениот рок не го променила Уставот.
„Никој не смееше тој услов да направи да биде услов над условите. Амбасадорот на Холандија ни кажа в лице дека тоа не бил дел од договорот со ЕУ, туку наша обврска преземена од разговорите со Бугарија. И никој во ЕУ не се запраша што ќе се случеше ако исполнувањето на тој услов, кој од Македонија не се отфрла, се одложеше за подоцна, а Македонија сепак да ги почне разговорите со ЕУ. Не е јасно дали од наша страна е побарано такво нешто и дали Бугарија и ЕУ такво нешто одбиле. Не е јасно дали нашите дипломати објасниле дека со ваква одлука се наградуваат само оние кои го блокираат членството на Македонија во ЕУ. Им дава ли ЕУ и Бугарија на тие сили аргумент дека се успешни во нивната политика? Или, некој сметал дека засега е доволно вината да се гледа само во оние што од кои било причини засега се против промената на Уставот“, пишува Спасов на Фејсбук.
Според него, оваа одлука на ЕУ - колку и да изгледа принципиелна заради неисполнување на „условот на условите“ - е срамна и понижувачка за нас.
„И никој од нашите политичари барем јавно не спомена дека тоа е неправда. Наведнаа глава и рекоа така треба, самите сме си виновни и крај (...) Никој не беше убеден дека со евентуалното одложување на исполнувањето на овој услов и со почнувањето на разговорите Македонија ќе станеше преку ноќ членка на ЕУ, но тоа ќе ја одржуваше надежта кај граѓаните дека има светло на крајот од тунелот и дека тоа светло со сигурност не е некој друг воз. Митот за ЕУ како сојуз на држави кој има разбирање за слабите и проблемите на помалите земји и во тешки моменти покажува солидарност кон нив, кај нас за жал исчезнува и води кон нови разочарувања“, оценува Спасов.
Тој смета дека тоа не се поправа со финансиска поддршка и со сувопарни лекции на евроамбасадорите кај нас, за тоа дека не сме добри ученици.