Шефот на групата Вагнер најави повлекување од Бахмут
5 мај 2023Со месеци околу Бахмут, во источна Украина, се водат жестоки борби, а на руска страна во нив учествуваат платеници на групата Вагнер, кои постепено ги истиснуваат украинските трупи од градот. Сега шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин и` се заканува на Москва со повлекување на своите борци, иако е непознато колкумина од нивучествуваат во борбите за Бахмут.
Пригожин во објава на неговиот канал на Телеграм наведе и конкретен датум за повлекувањето – 10 мај, доколку Русија не обезбеди снабдување со муниција. „Без потребната муниција моите момчиња нема веќе да трпат непотребно високи загуби, ним им се заканува бесмислена смрт“, порача Пригожин.
Според него, од вкупна површина од 45 квадратни километри во Бахмут, под руска контрола не е уште само парче од 2,5 квадратни километри. Неговите наводи не може да бидат независно проверени.
„Ако не ни ги испратите потребните гранати, не ни ја ускратувате нам победата, туку му ја крадете на целиот руски народ“, изјави Пригожин.
Не е прв пат што Пригожин отворено оди на курс на конфронтација со руското воено раководство. Само неколку часа пред заканата со повлекување од Бахмут, Пригожи објави видео, исто така на Телеграм, кое го прикажува пред паднатите борци на групата Вагнер. Со јасни и делумно навредливи зборови, Пригожин им се обрати директно на рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу и на началникот на Генералштабот, Валери Герасимов.
„Шојгу! Герасимов! Каде е мојата проклета муниција?“, се дереше Пригожин во камерата, истакнувајќи дека неговите борци на фронтот во Украина се стигнати како „доброволци“, а Шојгу и Герасимов поради неуспесите во испораката на муниција „ќе стигнат во пеколот“.
Како реакција на објавите на Пригожин на Телеграм, од Кремљ стигна само кратко соопштение. „Секако дека го видовме тоа на медиумите. Но, не можам да коментирам нешто што се однесува на тековната специјална воена операција“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Русија и натаму го користи терминот „специјална воена операција“, а употребата на терминот „војна во Украина" кривично се санкционира.
Доколку Пригожин навистина ги повлече своите трупи, тоа би било еден ден откако Русија на 9 мај ќе ја слави годишнината од победата над национасоцијалистичка Германија, на која традиционално во Москва се одржува голема воена парада.