Израелската влада даде зелено светло за договорот за Газа
18 јануари 2025Прекинот на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците кои ги држи терористичката милиција Хамас се сѐ поблиску. Како што во текот на изминатата ноќ соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, израелската влада го одобрила договорот.
По одобрувањето од Кабинетот за безбедност вчера попладне, одобрението од целата влада беше последната пречка за стапување на договорот во сила. И покрај противењето на некои десничарски политичари, се очекуваше мнозинството да го поддржи договорот.
Можна е жалба до Врховниот суд
Министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир во Кабинетот за безбедност гласаше против договорот и се закани дека ќе поднесе оставка. Според израелските медиуми, против гласал и министерот за финансии Безалел Смотрич, но тој очигледно не сака да ја напушти владата.
По владината одлука, противниците на договорот во Израел имаат можност во краток временски период да се жалат на истиот пред Врховниот суд. Сепак, се очекува судиите да не дадат никаква причина судот да интервенира против договорот.
Првите заложници ќе бидат ослободени во недела навечер
Во средата (15.01), посредникот Катар и американскиот претседател Џо Бајден објавија дека Израел и Хамас се договориле за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците кои ги држат палестинските екстремисти. Постојат различни извештаи за тоа кога започнува прекинот на огнот. Според договорот, шестнеделниот прекин на огнот треба да започне во недела (19.01) во 12:15 часот (11:15 часот по средноевропско време). Меѓутоа, неколку часа по постигнувањето на договорот, портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи објави дека прекинот на огнот ќе стапи на сила во недела наутро во 7:30 часот по средноевропско време.
Во овој период од шест недели треба да бидат ослободени и 33-ца од заложниците кои сѐ уште ги држат Хамас и другите групи во Појасот Газа. Извори на Хамас соопштија дека три израелски жени ќе бидат првите кои ќе бидат ослободени во недела навечер.
Црвениот крст се очекува да ги прими луѓето заедно со египетските и катарските екипи. Тие потоа би биле однесени во Египет и предадени на израелската страна, која потоа би го извршила и нивниот лекарски преглед.
Спор се водеше околу палестинските затвореници
За возврат, стотици палестински затвореници ќе бидат ослободени од израелски затвор, а израелската армија ќе се повлече од големи делови на Појасот Газа.
Египетски претставник и еден член на Хамас изјавија дека во последен момент се појавиле проблеми со списокот на палестински затвореници што треба да бидат ослободени од израелските затвори во првата фаза. Сепак, тие проблеми се решени.
Израелското Министерство за правда соопшти дека во првата фаза од прекинот на огнот ќе бидат ослободени 737 палестински затвореници. Првата размена е планирана за недела попладне. Потоа треба да бидат ослободени 95 затвореници, од кои 69 жени, 16 мажи и десет малолетни лица, меѓу кои и едно 16-годишно момче.
Хамас инсистира на трајно повлекување
За време на прекинот на огнот ќе се преговара за преостанатите заложници, кои треба да бидат ослободени во втора фаза, која најверојатно ќе биде многу потешка од првата.
Хамас соопшти дека ќе ги ослободи преостанатите заложници само по траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување. Израел вети дека ќе се бори додека не го победи Хамас. Освен тоа, Израел сака да ја одржува безбедносната контрола над Појасот Газа на неодредено време.
Газа наскоро би можела да се снабдува секојдневно
Државната египетска телевизија Ал Кахера Њус вчера објави дека посредничките држави Египет, Катар и САД имале технички разговори во Каиро за „механизмите за спроведување на договорот за прекин на огнот“. Притоа било договорено во Појасот Газа да се пуштаат по 600 камиони со помош дневно.
Според египетски претставник, на дневен ред биле и разговорите за повторно отворање на граничниот премин Рафах, важна врска меѓу Појасот Газа и Египет. Оваа информација ја потврдија и израелски извори.