1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел: Протести и генерален штрајк за спас на заложниците

ЖА
2 септември 2024

По откривањето на шест мртви заложници, се зголемува притисокот врз владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Протести се одржаа во Тел Авив и Ерусалим. Најголемиот синдикален сојуз повика на генерален штрајк.

https://p.dw.com/p/4kAAf
Масовни протести против владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Тел Авив
Масовни протести против владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Тел АвивФотографија: Jack GUEZ/AFP

Во Израел, најголемиот синдикат Хистадрут повика на генерален штрајк за денеска (понеделник), откако шест заложници беа пронајдени мртви во тунелите на Хамас во Појасот Газа. Целта е да се зголеми притисокот врз владата за да се согласи на  прекин на огнот,  со цел преостанатите заложници, кои сѐ уште ги држи Хамас во Појасот Газа, да бидат вратени дома.

Пред тоа, Форумот за роднини на заложниците повика на генерален штрајк и апелираше до синдикатите да им се придружат.

Лидерот на опозицијата Јаир Лапид го поддржа овој повик. „Нетанјаху и кабинетот на смртта одлучија да не ги спасуваат заложниците“, напиша тој на платформата X. Тој ги обвини за смртта на заложниците.

Израелска армија: Заложниците се убиени од Хамас

Речиси единаесет месеци откако терористичката милиција Хамас го нападна Израел, израелската армија во саботата пронајде  тела на шест заложници во тунел во близина на Рафах во јужниот дел на Појасот Газа.

„Тие беа брутално убиени од терористите на Хамас непосредно пред да стигнеме до нив“, изјави портпаролот на армијата Даниел Хагари.

Претставниците на Хамас, од друга страна, го обвинија Израел дека заложниците загинале во бомбардирањето. Израелската армија ги отфрли овие тврдења како „психолошка војна“.

Според извештаите на израелските медиуми, тројца од пронајдените мртви заложници требало да бидат ослободени доколку се постигне договор. Според израелските информации, Хамас сѐ уште држи околу 100 заложници, а армијата има сознанија дека од нив десетина се мртви. Досега армијата ослободи осум заложници, а во Газа се пронајдени 37 тела. Во ноември и декември, 105 заложници беа ослободени како дел од договор во замена за 240 Палестинци.

Протести во повеќе градови

Протести имаше во повеќе градови во Израел. Во Тел Авив, илјадници луѓе демонстрираа со сино-бели национални знамиња на главните улици во градот, барајќи  договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

На бината симболично беа поставени ковчезите на шесте заложници. Снимките од воздух ја покажуваат блокадата на главниот автопат во Тел Авив. А во Ерусалим демонстрантите ги блокираа улиците и протестираа пред резиденцијата на Нетанјаху.

Штрајкот во моментов е ограничен на понеделник

„Наместо договор добиваме вреќи со мртви тела. Заклучив дека само нашата акција може да ги разбуди оние кои треба да се разбудат“, порача Арнон Бар Дејвид, шефот на Хистадрут, алудирајќи на потезите на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Премиерот се обвинува дека спречил постигнување договор за ослободување на заложниците со постојано поставување на нови барања.

Почнувајќи од понеделник во шест часот наутро, „целата израелска економија ќе стапи во целосен штрајк“, напиша синдикалниот лидер кој ги повика сите вработени во јавниот сектор да се приклучат на прекинот на работата.

Антивладин протест во Тел Авив, Израел
Антивладин протест во Тел Авив, Израел со барање за договор за ослободување на заложницитеФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Најважниот израелски аеродром Бен Гурион е затворен од 7 часот по средноевропско време. Хистадрут претставува стотици илјади вработени. Бар-Давид изјави дека штрајкот засега е ограничен на понеделник.

Галант бара повлекување на одлуката на кабинетот за коридорот Филаделфија

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ги повика  колегите од кабинетот да се откажат од претходната одлука израелските трупи да останат присутни во таканаречениот коридор Филаделфија, кој се наоѓа долж границата меѓу Појасот Газа и Египет.

„Веќе е доцна за заложниците кои беа ладнокрвно убиени“, напиша Галант на социјалната мрежа Х, „Останатите заложници, кои се уште се во заробеништво на Хамас, мора да бидат вратени дома“.

Кабинетот за безбедност ноќта меѓу четвртокот и петокот одлучи израелските војници да останат во тој коридор. Критичарите на премиерот Нетанјаху го обвинија дека со оваа одлука де факто решил да ги жртвува заложниците.

Присуството на израелски војници во пограничната област е клучно прашање во преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Галант беше единствениот кој гласаше против оваа владина одлука. Сега тој побара владата „веднаш да се состане и да ја повлече одлуката донесена во четвртокот“.