1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за игри на среќа не помина во Собранието

14 март 2024

Во Собранието во средата не поминаа измените во Законот за игри на среќа кои, претходно, одби да ги потпише претседателот Стево Пендаровски поради злоупотреба на европското знаменце.

https://p.dw.com/p/4dVfp
09.06.2014 DW Journal Wirtschaft Wettbüro London, Mai 2014
Фотографија: DW

Нема ништо од предложените измени во Законот за игри на среќа, откако во Собранието за нив гласаа само 51 пратеник. За изгласување на измените, согласно Уставот, беше потребно апсолутно мнозинство од 61 пратеник. За законските измени најмногу притискаше ДУИ, која долго го туркаше решението како дел од своите предизборни ветувања. 

Од Асоцијацијата за приредувачи на игри на среќа (АПИС) во четвртокот ја поздравија одлуката и порачаа дека со тоа се спасуваат работните места на 10 илјади луѓе во оваа индустрија.

„И покрај агресивната долготрајна негативна кампања против игрите на среќа, предизборните притисоци, мнозинството пратеници останаа доследни на ставот дека нема да дозволат злоупотреба на ЕУ знамето за законски измени кои немаат никаква врска со хармонизација со европското законодавство“, порачаа од АПИС.

Во Собранието во средата завладеа конфузија по гласањето откако, најпрво собранискиот спикер Јован Митревски соопшти дека измените не биле донесени, а малку подоцна, по консултација со собраниските служби да дополни дека „законот е изгласан, но не е усвоен“.

Причината за конфузијата е одлуката на Уставниот суд од 2020 година, според која, за усвојување на закони кои не биле потпишани од шефот на државата по првото гласање, потребно е апсолутно мнозинство од пратениците во Собранието. Митревски во својата констатација, појаснуваат од Собранието, се реферирал на потребното мнозинство во редовна постапка. 

Контроверзен закон

На 13 февруари, претседателот Стево Пендаровски одби да ги потпише измените во Законот за игри на среќа донесени на 7 февруари, оценувајќи дека во постапката било злоупотребено европското знаменце.

Стево Пендаровски
На 13 февруари, претседателот Стево Пендаровски одби да ги потпише измените во Законот за игри на среќаФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце. Собранието тогаш, со 55 гласа „за“ ги усвои измените со коишто се предвидуваше обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

Пендаровски подоцна соопшти дека неговата одлука да не го потпише указот е донесена врз основа на детална анализа на текстот на законот и на постапката во која што е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на ЕУ во земјата, како најважен партнер во процесот на преговори. 

Законските измени за игрите на среќа со месеци ја брануваат јавноста. Полемиката се водеше меѓу различни здруженија - едните притискаа за затворање на коцкарниците и обложувалниците и нивно дислоцирање што подалеку од училиштата. Други, пак, бараа да се заштити секторот кој сметаат дека е „најголемиот работодавец“ во земјата.