1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обложувалниците и казината на 500 метри од училиштата

ДТЗ
7 февруари 2024

Собранието со 55 гласа „за“ и ниту еден „против“ ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

https://p.dw.com/p/4c7iO
коцкарница
Eдни бараат затворање, други „процут“ на коцкарницитеФотографија: picture alliance/dpa

Обложувалниците и казината имаат рок од една година за да се дислоцираат на 500 метри од училиштата. Собранието со 55 гласа „за“ ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со кои што се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Законот е донесен во скратена постапка, со европско знаменце. Против носењето на овој закон во дискусијата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа тој да биде повлечен, но нивното барање не помина.

Законските измени за игрите на среќа со месеци ја брануваат јавноста. Полемиката се водеше меѓу различни здруженија - Ведните притискаа за затворање на коцкарниците и обложувалниците и нивно дислоцирање што подалеку од училиштата. Други, пак, бараа да се заштити секторот кој сметаат дека е „најголемиот работодавец“ во земјата.

„За“ и „против“ 

Движењето „Анти-коцкање“ деновиве најави радикални мерки и протести.доколку не поминат измените за Законот за игрите на среќа и забавните игри. Незадоволство владее и кај членовите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС). Тие преку протест денеска изразија незадоволство и загриженост од законските измени за игрите на среќа и најавија правна битка поради штетите коишто ќе му бидат нанесени на секторот. Од претседателот Стево Пендаровски побараа да не го стави својот потпис на законските измени.

Последици 

Затворањето на објектите, според обложувалниците, ќе предизвика никнување на диви играчници, а се доведуваат во прашање и 10.000 вработени во секторот игри на среќа. 

„Ќе водиме правна битка, ќе следат тужби за како што рече, нанесени астрономски оштети, како и иницијатива пред Уставниот суд“, најави Горан Стојменов, претставник на АПИС. 

Со измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е предвидено ограничување на просториите во кои се приредуваат електронските игри на среќа, односно да може да се приредуваат само во простории на посебните игри на среќа за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии, како и да бидат оддалечени од училиштата најмалку 500 метри. 

Стојменов смета дека одредбата за дистанцирање на објектите на игри на среќа не е за заштита на младината, како што тврдат од Владата, туку оцени дека станува збор за предизборен популизам.

„Пратениците кои решиле да ги гласаат овие измени, нека си го постават прашањето – каква заштита може да обезбеди дистанцата кога државата веќе преку четири друштва организира онлајн игри на среќа со кои младите непосредно се изложени на постојан ризик преку достапност на интернет секаде и во секое време“, рече Стојменов. 

обложувалница
Обложувалниците и казината на 500 метри од училиштатаФотографија: picture-alliance/dpa

Апел до Пендаровски 

Претседателот на АСОМ, Васко Илиевски вели законот не решава ниту еден проблем поврзан со игрите на среќа, а последиците од ваквите измени ќе бидат трајни и како што рече илјадници луѓе ќе ги изгубат своите работни места. Тој упати апел до претседателот Стево Пендаровски да не го потпише овој закон.

Протестите следат откако движењето „Анти-коцкање“ побара да се затворат сите игри на среќа во земјава. Јуши Емурлаи од Движењето „Анти-коцкање“ деновиве апелираше до пратениците да не се двоумат и да гласаат за овој закон, бидејќи тоа е иницијатива што ќе започне со оддалечување на 500 метри од средните и основните училишта и ќе заврши со затворање на сите игри на среќа.

„Не“ за игрите на среќа 

Движењето „Анти коцкање“ неколкупати организираше протести за отстранување на објектите на игрите на среќа од населените места.

Но, од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ беа окарактеризирани како „група за играње на црно“, која делува како огранок на една владејачка партија која јавно се критикува дека има бизнис интерес да поминат законските измени на Законот за игри на среќа во ваква форма.

„Лага нa деценијата е дека дистанцата од 500 метри се прави за заштита на младината. Ако целта на Јуши Емурлаи и Џемал Абдиу е навистина да се заштити младината зошто не организираа протести пред Државна Лотарија која е доминантен сопственик во четири компании кои организираат онлајн игри на среќа и преку интернетот се влезени со секој дом, достапни секаде и на секој уред кои ги користат младите секојдневно?“, порачаа од здружението. 

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, деновиве посочи дека Државната лотарија водена од Перпарим Бајрами пулен на Артан Груби само во јануари дала неверојатни 12 милиони евра за терминали за приредување игри на среќа, 12 милиони евра за апарати за коцкање. Од Државната лотарија реагираа дека тоа не е точно.