1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгор скапа живеачка: мерки има, но зошто нема ефекти?

Костадин Делимитов
16 февруари 2023

Ништо од очекувањата дека цените ќе се намалат. Граѓаните се жалат, надлежните се правдаат, експертите, пак, критикуваат за институционална некадарност.

https://p.dw.com/p/4NY3w
Инфлацијата македонските граѓани ја чувствуваат кога ќе влезат во маркетите
Инфлацијата македонските граѓани ја чувствуваат кога ќе влезат во маркетитеФотографија: Petr Stojanovski

Ценовното „цунами“ никако да забави, а камоли да запре. Бранот поскапувања делумно стагнира, но цените генерално не се намалуваат. Податокот што го објави државната статистика за 17,1% инфлација во јануари, во споредба со истиот период лани е сигнал за сериозна загриженост и уште една потврда дека мерките кои ги преземаат надлежните во власта се без посакуваниот ефект. Граѓаните реагираат дека живеачката станува прескапа:

„Ниту нешто поевтинува, а како што гледам нема ниту да поевтини. Ова станува веќе ужас. Некои производи се двојно поскапени. Можеби лебот малку поевтини, но не сум сигурен. Но се друго е огин скапо. До каде ќе оди вака не знам“, коментира Душко Д. кој го сретнавме пред еден од маркетите во скопската Општина Карпош.   

Цени како во ЕУ 

Статистички, најголемо поскапување има кај храната. За една година од дури 25,1%. Или конкретно, лебот е поскапен за 39,1%, месото за 28,3%, млекото, сирењето и јајцата за 36,2%, маслото за јадење за 18,4%, овошјето за 11,4%. Трендот не запира и покрај мерките на владата за ограничување на маржата и мерката за повластена цена на струјата за производителите. Експертите предупредуваат дека цените на пазаите се како во земји од ЕУ. Критикуваат дека власта не прави доволно за да се справи со предизвикот и да ги заштити граѓаните:

„Факт е дека имаме увезена инфлација, но факт е и дека Владата може да направи повеќе во заштита на стандардот на граѓаните. Доколку ги погледнеме цените на основните производи компаративно и со земји членки на ЕУ, тие  се на повисоко ниво. Ние можеме да зборуваме за проценти, за бројки, но инфлацијата граѓаните ја чувствуваат кога ќе влезат во маркетите. На пример млекото кое пред една година чинело 42 денари, сега е над 80 денари. Тоа е инфлацијата за граѓаните. Она што е дури запрепастувачки, имаме случаи на наши граѓани да одат да пазарат во соседна Грција, да купуват одредени производи заради тоа што таму се поевтини“, коментира во изјава за Дојче веле, Кирил Миновски, поранешен министер за финансии. 

Најголеми поскапување има кај храната. За една година , на пример, лебот во македонските продавници е поскапен за 39,1%,
Најголеми поскапување има кај храната. За една година , на пример, лебот во македонските продавници е поскапен за 39,1%,Фотографија: DW/K. Delimitov

Надлежните според него имаат механизми да реагираат, но проблемот е што досега тоа се прави многу неажурно:

„Треба да се работи пред се на разбивање на оние монополи или увознички производствени лобија кои што сопствените недостатоци ги префрлаат на крајниот потрошувач, што значи дека проблемите што ги имаат со профитабилноста ги решаваат на едноставен начин, со зголемување на цените. Тука мислам дека најголема улога треба да одигра министерството за економија кое што може да следи и примери од соседството, мислам дека во Албанија имаше замрзнување на маржите или нивно утврдување на максимална маржа, во делот на основните производи, но и да се влијае со засилена контрола на инспекторатите“, укажува Миновски и додава дека репресивната страна сама по себе е недоволна: 

„Потребна е и поголема интеракција, состаноци со главните играчи на овој пазар, производители, дистрибутери, маркети, да се изнајдат решенија на кој начин да се стави под контрола инфлацијата. Постојат можности, модалитети, треба да се разговара, тоа е концепт на дијалог помеѓу приватниот и јавниот сектор. Меѓу креаторите на политики и оние кои што непосредно функционираат во економијата и да се изнаоѓаат решенија. Не постои магична формула, но доколку се седне и се разговара ќе се изнајде решение во интерес на зауздување на инфлацијата и да не се нарушува и онака нискиот животен стандард на граѓаните", смета Миновски.

Ограничување на цени

За дел од експертите е илузорно да се очекуваат позитивни ефекти ако не се врати мерката за ограничување на цените

„Цените може да се намалат само ако Владата донесе одлука за нивно ограничување, како што направи на крајот на 2021 година, но гледаме дека не постои волја за такво нешто. Затоа би кажал дека главниот фокус на граѓаните во наредниот период треба да биде на тоа да се зголемат примањата, платите, пензиите, социјалната помош. Тие треба да пораснат барем онолку колку што беше инфлацијата лани, односно барем 14%, за да се спречи луѓето да осиромашат поради повисоките цени. Ако тоа не се направи, илјадници луѓе ќе паднат во сиромаштија и годинава“, смета економистот Бранимир Јовановиќ.

Празни паричници: Инфлацијата драматично ги осиромашува македонските граѓани
Празни паричници: Инфлацијата драматично ги осиромашува македонските граѓаниФотографија: K. Schmitt/Fotostand/imago images

Кризно профитерство 

Владата веќе предупреди дека т.н. кризно профитерство нема да се толерира. Ги повика компаниите да си го одржат ветувањето и се закани дека ќе ги повлече субвенциите за струја на оние кои не ги намалиле цените на производите:

„Ако нема дополнително намалување ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите подобро тие средства да ги дадеме на граѓаните преку различни мерки", изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Институционална неспособност 

Ваквиот став на Владата според дел од експертите не е решение на проблемот. Клучот е велат во постапувањето на институциите кои целосно потфрлиле во менаџирањето на кризата. 

„Очигледно и оваа криза како и многу други претходно докажа дека толкав е капацитетот на нашите институции. Приватниот сектор е покапацитетен од јавниот сектор. И во конфликтот или спојот кој кого ќе контролира излегува дека приватниот го контролира јавниот сектор. И ние треба тоа да го прифатиме како факт и да работиме на тоа да јавниот сектор, без разлика која иституција, министерство, инспекторат, да може да ја игра таа игра на контрола на пазарните движења. Не со репресивни мерки, туку со контрола, со дозволени пазарни мерки кои ги дава законот. Тоа го прави Владата и може да го прави, тоа е нормална пазарна економија, но ние немаме такви институции бидејќи не ги изградивме триесет години. И кога ќе дојде некој кој ќе сака да прави нешто, да ги зголемува цените ти му викаш немој ќе ти ја зголемам струјата. А тој вели, не ми давај, јас ќе ги зголемам цените. Тоа е суштината, тоа е проблемот, ние не свативме дека немаме ли добри и капацитетни институции бадијала зборуваме за добро функционирање на современа пазарна економија. Ќе функционира налик на оние латиноамерикански држави", вели за Дојче веле, универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Минималната плата би требало да порасне, но дали тоа ќе биде доволно за да се ублажи притисокот на инфлацијата?
Минималната плата би требало да порасне, но дали тоа ќе биде доволно за да се ублажи притисокот на инфлацијата?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Повисоки плати 

Во растот на цените мала утеха е што платите ќе треба да пораснат. Од наредниот месец ќе има корекција кај минималецот​​​​​​​ кој се очекува да ја надмине границата од 20.000 денари. Но што ќе значи тоа и за останатите плати е неизвесно, оти се` уште се кршат копјата околу предлог законот за плати во државниот и јавен сектор.

Синдикатите реагираат дека зголемувањето на минималецот е минимално и веќе изедено од инфлацијата. За тоа колку таа е доволна, покажува нивната пресметка за месечните потреби на едно четиричлено семејство. Според т.н. синдикална кошничка на Сојузот на синдикати, во јануари таа изнесувала 50.799 денари, или речиси три сегашни минимални плати. Најмногу пари или 19.206 денари се трошат за храна и пијалоци, а 13.313 денари за режиски трошоци. За хигиена биле потребни минимум 3.097 денари, а за превоз 3.668 денари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема