1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минималецот ќе расте, но дали незадоволството ќе се намали?

Костадин Делимитов
6 јануари 2023

Без „вистински“ социјален дијалог и годинава повеќе ќе биде во знакот на протести.

https://p.dw.com/p/4Lnsp
Денар, македонски пари
Денар, македонски париФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Со многу надеж, но со малку оптимизам стартува уште една неизвесна година во која власта и синдикатите ќе ги кршат копјата во битката за работничките права. По тешката и тензична 2022 година која помина во знакот на протести, со галопирачка инфлација која го изеде стандардот, но која сепак донесе и пробив околу одредени проблематични прашања, како она за минималната плата.

Раст на минималецот

На стартот на годинава, власта се пофали дека минималната плата ќе продолжи да расте, но само по себе тоа не предизвикува којзнае колкаво задоволство кај синдикатите кои имаат и други приоритети за решавање:

„Тоа што минималната плата ќе се зголеми е јасно и е согласно законот кој успеавме да го договориме и за кој добивме поддршка. Колку точно ќе изнесува зголемувањето се уште не е дефинирано, иако се очекува тоа да изнесува околу 1800 денари. Но проблемот е што и тие пари се малку со оглед на огромната инфлација која го изеде досегашното зголемување, а не повлече и зголемување на останатите плати што мора да го издејствуваме“, реагира Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Предупредување за протести

Освен зголемување и на останатите плати, синдикатите имаат и други приоритети за кои ако нема решение предупредуваат дека ќе испровоцираат нови протести:

„Ако вака продолжи, ќе има сигурно протести бидејќи минатата година власта направи многу зла за синдикатите. Еднострано поништија колективни договори кои веќе беа потпишани, носат акти, нема ништо од законот за работни односи кој го усогласуваме веќе пет години. Бараме да се потпише општ колективен договор оти гледате каков хаос е, некој зема, некој не К 15 или регрес за годишен одмор. Ниту образование, ниту здравство, ниту полиција, ниту армија. Да се потпише општ колективен договор во кој што ќе има права за сите работници, а не вака хаотично, не се знае кој закон за кого важи. За некои министерства се зголемуваат плaтите, за некои не. Мора да се решат овие работи оти е криза и вака не може да се преживее“, укажува Ристевски.

Инфлацијата го „јаде“ зголемувањето на платите
Инфлацијата го „јаде“ зголемувањето на платитеФотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Пресметки

Од Владата веќе се пофалија дека минималната плата ќе порасне, но за колку точно засега нема прецизна најава. Пресметките допрва треба да се прават и да се утврдат на ниво на социјалниот дијалог кој се води преку економско социјалниот совет. Од Сојузот на синдикати пред празниците излегоа со своја пресметка која покажува дека зголемувањето треба да изнесува нешто над 2000 денари:

„Според пресметките, трошоците за живот и порастот на просечната плата согласно последните податоци изнесуваат вкупно 24,6 %, а според Законот за минимална плата во новата пресметка се земаат 50% од тоа или 12,3%, па доколку во моментот би се зголемувала минималната плата според пресметките на ССМ значи дека: - во бруто плата: 26 422,00 денари + 3 250,00 денари (29 672,00) денари ќе изнесува минималната плата од март наредната година или во нето плата: 18.000,00 денари + 2.107,00 денари, минималната плата ќе изнесува (20.107,00) денари“, соопштија од ССМ.

Погубна урамниловка

Сепак она што боде очи според најголемата синдикална организација е што целиот процес се уште не повлекува раст и на останатите плати. Во одредени институции тоа се направи, преку измените на законот за административни службеници, но генерално предизвикот останува нерешен:

„Станавме држава во која работникот се сведе на минимална плата. Од околу 30 илјади работници колку што ја земаа, сега во 2023 ќе има 150 илјади што ќе бидат на минимална плата. Тоа не смее да се дозволи, таквата урамниловка би била погубна за работниците. Исто така и да не се почитуваат колективните договори“, реагира Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Загубени работни места

Целата битка, освен на домашен терен синдикатите ја водат и преку постапка пред меѓународните судови. Се ова во услови на сериозна економска криза во која многу фирми пропаднаа, а голем број работници останаа и без работа. Проценките на синдикатите се дека во последниве две години како последица на кризата со пандемијата и енергетската криза изгубени се околу 120 илјади работни места:

„Ако не се преземе нешто, од она што го имаме како податок од 2020 дека сме изгубиле 120 илјади места, тогаш ова бројка ќе биде двојно поголема. Затоа не знам колку ќе биде подобро, од она што го слушаме на економско социјалниот совет и формулата што треба да порасне минималецот. Но гледаме дека владата повторно нема обезбедено доволно средства, која е нивната цел и идеја не знаеме. А не е само минималната плата, треба да се мисли на пораст и на другите плати оти инфлацијата изеде се“, реагира Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Од Владата велат дека минималната плата повторно ќе се усогласува во март, а средствата за такво нешто веќе биле обезбедени во буџетот за годинава кој е тежок безмалку 5,3 милијарди евра. Но за колку точно допрва ќе треба да се утврди:

„Во март ќе има повторно усогласување на минималната плата, согласно информациите кои ќе ги добиеме од Државниот завод за статистика во јануари. Градиме системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Решенија кои секоја година даваат зголемен приход за работниците.. Со минималната плата растат и другите плати“, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Колективно (не)договарање

Што се однесува пак до колективните договори, односно потпишувањето на општиот колективен договор, освен добра волја за решение, засега нема ништо поконкретно од страна на Владата. Сите најави се дека преговорите не се застанати и ќе продолжат се до усогласување на ставовите со синдикатот. Во меѓувреме дел од колективните договори одат пред Уставен суд. Деновиве тоа го најавија од „Гласен текстилец“ кои заедно со правни експерти ја иницираат постапката откако по направените анализи дошле до заклучок дека колективните договори во дел и ги уназадуваат работничките права. Еден од проблемите е оној околу исплатата на К- 15, регресот за годишен одмор, за кој со постојното решение работодавачите имаат можност тоа да изнесува и 100 денари.

Најголем дел од пензионерите во државата живеат со помали месечни примања од минималната плата
Најголем дел од пензионерите во државата живеат со помали месечни примања од минималната платаФотографија: Aleksandar Manasiev

Раст на пензиите

Освен минималната плата, годинава според најавите ќе растат и пензиите и тоа за околу седум проценти за сите 330 илјади пензионери. Според новата методологија за усогласување на пензиите, тоа се прави два пати во текот на годината, во март и во септември. Минатата година пензионерите вкупно добија зголемување од 10 проценти, или двојно помалку од инфлацијата во последните два месеца лани.

Сепак и со последните зголемувања, најголем дел од пензионерите во државата живеат со помали месечни примања од минималната плата што во актуелните услови е многу тешко. Од здружението на пензионерите велат дека дури околу 230 илјади пензионери земаат пензија до 15 илјади денари, што е многу малку за достоинствен живот. Дополнителен проблем е што во изминативе години пензионерите ги загубија привилегиите од типот на бесплатно бањско лекување, а нема ниту позначајни капитални инвестиции во подобрување на грижата за пензионерите и изградба на нови пензионерски домови.

Синдикална кошничка

Од Владата велат дека пензиите годинава и лани растеле досега рекордно. Минималната пензија во октомври изнесуваше 11.525 денари, или за нешто повеќе од 2000 денари во споредба со декември 2019 година. Колку вредат овие пари, доволно покажува пресметката за минималната синдикална кошничка. Последната пресметка што е објавена е направена за октомври лани и изнесува 51.714 денари. Во меѓувреме таа е сигурно уште поскапа. Само за илустрација, во ноември 2021 минималната потрошувачка кошничка според пресметките на синдикатот изнесуваше 34.893 денари.