1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во С. Македонија и геополитичката слепост на ЕУ

Deutschland Ulf Brunnbauer Professor
Улф Брунбауер
3 мај 2024

Во Северна Македонија на 8 мај се избира нов парламент и претседател на државата. Притоа, сегашната проевропска влада може да ја загуби власта и евентуално да следи свртување на земјата кон Русија, пишува Улф Брунбауер.

https://p.dw.com/p/4fTYy
Претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија
Претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија - важни за иднинатаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Во глобалната суперизборна 2024 година, за земја со 1,8 милиони жители е тешко да привлече внимание. Но, изборите во Северна Македонија заслужуваат интерес, зашто нивниот исход е тесно поврзан со разочараните надежи во Европската унија – и со ризици за ЕУ.  Изборното однесување  и внатрешнополитичките одредувања на курсот во Северна Македонија имаат потенцијал да предизвикаат немири надвор од границите на земјата. Северна Македонија постојано ја докажуваше својата страст и способност да страда за големата цел - влез во ЕУ. За тоа дури  го смени и државното име.  Но, ЕУ редовно ја игнорира земјата. Повеќе од 20 години по нејзиното барање за членство во ЕУ, Северна Македонија сѐ уште чека на отворање на преговарачките поглавја. Многу луѓе во земјата се чувствуваат предадени од ЕУ - уште повеќе, тие се плашат од ерозија на нивниот национален идентитет или дури и губење на нивната државност, откако Бугарија го блокира патот кон пристапниот процес со постојано нови апсурдни историско-политички барања. Резултат: според анкетите,  проевропската влада,  предводена од социјалдемократите, е во опасност да биде сменета од власт. Најголемата опозициска партија, барем во минатото латентно проруска,  национал-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ,  го користи ова расположение и успешно се позиционира како бранител на  националната независност. 

За државата ова не значи ништо добро. Клиентелизмот, корупцијата, етничките тензии и непрофесионалноста во делови од јавната администрација може да се поправат само во рамките на ЕУ. Но вака, многу од жителите на земјата ќе продолжат да се иселуваат од земјата, не само во Германија, со што Северна Македонија губи драгоцен потенцијал. За ЕУ оваа прогноза е срамота. Се заканува обновување на етнички конфликти, уште една земја од Западен Балкан би можела да се сврти кон исток, додека Брисел целосно го проигра својот кредибилитет како стабилизирачки фактор во овој регион исполнет со тензии. Очигледно, актерите во ЕУ сè уште не ја разбрале експлозивната геополитичка динамика на Балканот.

Германскиот историчар професор д-р Улф Брунбауер, научен директор на Лајбниц-Институтот за источна и југоисточна Европа, редовно спроведува истражувања во Северна Македонија.

Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.