Скопје меѓу најкорумпираните и највалкани градови во Европа
15 февруари 2024Скопје е на дното на листата според процентот на жители кои се задоволни од животот во својот град во Европа. Под него, меѓу европските главни градови, се само Атина и Тирана, а околу него, со слични околу 75% задоволни жители, се Рим, Белград и Подгорица, покажува истражувањето за 2023 година кое го спровела Европската комисија.
Едвај 13% од жителите на Скопје сметаат дека квалитетот на животот во нивниот град во последните 5 години се подобрил. Тоа е најмал процент во целиот регион на Балканот и Југоисточна Европа, и втор најнизок во цела Европа, по Рим. Наспроти нив, над 57% оцениле дека животот во нивниот град последните години се влошил. Исто така највисок процент во Европа, по главниот град на Италија.
Скопјани се меѓу најнезадоволните во Европа од јавниот превоз, здравствените услуги, спортските терени, културните објекти и понуда, зелените површини, училиштата и образовните институции... Во сите тие области, стапките се далеку под европскиот просек.
По малку парадоксално, Белград и Скопје се градови со најголем раст на процентот на задоволни жители во периодот од 2019 до 2023: од животот во Белград во 2023 година задоволни се 69% од анкетираните, што е раст за 6 проценти во однос на 2019, а во Скопје задоволни се 72% што е раст од 4 проценти.
Задушени од воздухот
Задоволството од квалитетот на воздухот на неговите жители, го прави Скопје убедлив европски рекордер- над 87 отсто од анкетираните жители се незадоволни. По него, на дното на листата, се Белград и Букурешт. Слични се бројките и за хигиената. Над 76% од жителите се незадоволни од тоа колку е чисто Скопје. Полоши оценки во Европа имаат само италијанските Палермо и Рим, и францускиот Марсеј.
Скопје е неславен рекордер и во уште една ставка: корупцијата. Имено, над три четвртини или точно 75.9% од анкетираните оцениле дека нивната градска администрација е корумпирана. По Скопје следуваат Белград и Рим со малку пониски стапки. На ниво на цела Европа, просекот на граѓани кои сметаат дека нивната градска администрација е корумпирана е близу 42%.
Скопје има најмал просек на луѓе што пешачат во Европа, едвај нешто над 20 проценти, а друштво во тој дел му прават Анкара и Ла Валета. За споредба, најмногу, околу 35 проценти во просек, пешачат жителите на Стокхолм, Хелсинки и Лондон, од главните градови во Европа. Обратно, дури 65% Скопјани секојдневно користат автомобил. Само Рејкјавик, од главните градови во Европа, има нешто повисок просек-68%, а европскиот е околу 44%.
Лесно до работа, безбедно и евтини станови?
Малку подобри вести од Скопје доаѓаат во одговорите на прашањето: Дали е лесно да се најде работа во вашиот град? Нешто над 35 проценти анкетирани скопјани сметаат е лесно да се најде работа во нивниот град, што е околу 10 отсто под европскиот просек, но сепак повисоко од голем број други градови. Во рамки на европскиот просек се и одговорите на прашањето: колку безбедно се чувствувате кога да се движите ноќе сами? Речиси 60% се чувствуваат безбедно во Скопје.
Интересно, според истражувањето, скопјани не го чувствуваат растот на цените на недвижностите во нивниот град. Дури 57% рекле дека во Скопје е лесно да се најде стан за разумна цена, додека 31% сметаат дека тоа не е случај. Останатите не одговориле или не знаеле. За споредба, во Европа во просек, над 70% од жителите на градовите сметаат дека не е лесно да се најде дом за разумна цена, додека само 24% сметаат дека тоа е можно.
Во истражувањето кое го спровело ИПСОС во периодот меѓу јануари и април 2023 година, биле опфатени 848 испитаници од Скопје, од сите возрасни категории и со речиси идентична поделба во однос на полот.
Целото истражување можете да го прочитате на следниот линк.