1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историската вина на ВМРО-ДПМНЕ

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
12 декември 2023

Собраниското неостварено гласање за уставни измени ќе се оствари на парламентарните и претседателските избори, со големи изгледи Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ, без разлика кој ќе победи. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4a30w
Ерол Ризаов
Ерол РизаовФотографија: privat

Веќе е кристално јасно дека уставни измени ќе нема. Штета, голема штета, што нема да го видиме тој историски пораз кој ќе беше прогласен за голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери. Можам да го замислам тој патриотски триумф кога претседателот на Собранието го констатира резулататот од гласњето дека уставните измени не се донесени. Мнозинството од 72 гласа „за“ не е доволно Бугарите да влезат со останатите десет етнички заедници, или како што се викаат делови од народи, во македонскиот Устав. Би било тоа вистински вознес на уште еден катастрофален пораз прогласен за победа.

Но, и без гласање, ВМРО-ДПМНЕ со своите сателити тоа веќе го прокнижи како победа. Е, сега останува прашањето што по неа, што ќе ни се случува по ваквата „заслужена“ победа без гласање. Собраниското неостварено гласање ќе се оствари на парламентарните и претседателските избори, со големи изгледи Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ, без разлика кој ќе победи на изборите. Ќе биде работата доцна стасаа и Марко и Јанко на Косово Поле. Пак ќе бидат потребни 80 гласа „за“ во Собранието. Што мислите, ќе има ли некоја коалиција двотретинско мнозинство да ја заврши работата? Секако, тоа е голема неизвесност. Која е гаранцијата дека и идната опозиција, која и да е, нема да ја продолжи блокадата на преговорите со ЕУ, или ќе го враќа ударот за неусвоените уставни промени?

Како вчера да паднале од Марс

Пак ќе треба Бугарите да влезат во Уставот, и по изборите. Ќе може ли да се остварат реформите кои се најважни и кои се суштинската содржина на преговорите? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ветува дека и по преземањето на власта нема попуштање без подобар договор со Бугарија и промени во преговарачката рамка, или некакви други остапки кои ќе бидат прифатливи како можен реципроцитет. Тоа не значи ништо друго освен сигурно одложување на преговорите со ЕУ на неодредено време, на голема радост на лево/десните радикали и противници на членството во ЕУ, кои сѐ уште се кријат зад излитената флоскула демек и ние сме за Европа, ама не по оваа цена.

Што ќе правиме тогаш со реформите во кои се содржани сите тридецениски партиски ветувања во сите области и сѐ она што пред сите избори беше цврста определба за отстранување на метастазите на македонското болно општество? Почнувајќи од владеење на правото, судските реформи, пресметка со организираниот криминал и корупција , подобро здравство, образование, економија, живиотен стандард, земјоделство, екологија, култура, медиуми и сѐ друго што опфаќаат преговарачките поглавја за изградба на демократска држава.

И на тоа имаат одговор Христијан Мицкоски и неговите истомисленици кога, како да не биле тука, како вчера да паднале од Марс, велат „па кој ни брани тоа да го направиме сами“. И навистина, кој ни брани тоа да го правиме сами и без преговори со ЕУ?

Се разбира, никој. Ама немаат одговор зошто тоа не го направивме во изминатите 32 години од кои ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беа безмалку по 16 години на власт, но и во опозиција и ги имаа сите владини и собраниски механизми за одлучување, претседателските функции, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, кој е на власт 20 години.

Доста лажете бре!

Човек не може да се изначуди како ли им успева оваа голема лага дека можеме сами, кога на очиглед цели 32 години не успеаја да ги направат реформите, како што не можеше да ги направи сама ниту една земја кандидат за членство во ЕУ. Без помош на ЕУ и финансиска и стручна и искуствена таа грандиозна преобразба на постокунистичките земји која сѐ уште трае е невозможна. Има уште нешто многу значајно за улогата на ЕУ за време на преговорите, а тоа е позитивниот притисок на Брисел да се остварат реформите како што треба. Во периодот на преговорите, кои траат повеќе години, јавноста ги оценува владите според успехот на остварување на реформите, а не според лагите и ветувањата. Тука оценките се за конкретни успеси и неуспеси.

Можеме да измислуваме лаги, да откриваме неброени непријатели и предавници, странски платеници да се обвинуваме меѓу себе кој повеќе крадел и лажел, можеме да веруваме во лагите дека по Вардар ќе пловат бродови до Црно и Егејско Море, ќе татнат брзи возови и ќе возиме по автостради, можеме да веруваме дека е крај на корупцијата и организираниот кримнал по освојување на власта, можеме да смислуваме рајски градини и повторно и повторно да констатираме дека ги испуштаме сите шанси да станеме дел од таа цивилизација каде што бегаат нашите деца и внуци „главом без обзира“.

Можеме да се преправаме дека не гледаме што Македонија станува еден голем пензионерски дом на старци, сиромаштија и партиска олигархија. Колку генерации потрошивме постојано барајќи ја вината, час кај политичките противници, час во ЕУ, час во Америка. Може ли некој да ја пресмета цената што Македонија во изминатите 15 или 20 години не стана членка на ЕУ и колкаво заначење ќе имаше тоа и за идентитетот и за јазикот и за достоинството и за оправдување на независноста на државата? Досега таа независност не е оправдана. Тоа може се случи, ако се случи на денот на приемот на Македонија во ЕУ.

Партиските пропагандисти и корисните будали и понатаму упорно ни велат дека не треба да брзаме, мораме да го сочуваме идентитетот и достоинството. Па, така ли се брани идентитетот и достоинството? Така што самите ќе си ставаме блокади? За колку луѓе ова ќе биде последната шанса да ја видат Македонија во европското семејство? Колку генерации ја испуштија можноста во изминатите 20 годни да го доживеат тоа? Децата што 1991 година на денот на независноста има по 14-15 години веќе се пред шестата деценија од животот. Тие што имавме по 40 години, ја трошиме осмата децнија ако сме имале среќа да останеме живи.

Доста бре лажете! Внесете ја Македонија во ЕУ, каде што припаѓа. Ако не почне тој процес сега, нема ни да заврши.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема