Се празнат училиштата - 500 првачиња помалку од лани
9 август 2024Бранот на иселување продолжува да ги празни македонските училишта. Во мај во основните училишта се запишале 17.200 првачиња, или за 500 помалку од лани.
„Податоците се поразителни. Државата не може да има иднина ако продолжи овој тренд. Ќе се потрудиме да ги промениме состојбите, да ги задржиме нашите граѓани да останат тука и да бидат задоволни од условите за образование, за работа и живеење“, изјави во четвртокот (08.08) министерката за образование и наука, Весна Јаневска по посетата на Основното училиште „Наум Охридски“ во селото Булачани.
Според неа, мора да се работи на сите полиња, за да се стопира процесот на иселување на младите. Поради тоа, Министерството за образование и наука (МОН) во следните три години најавува дека ќе се градат нови 28 училишни спортски сали во Македонија. „Само така можеме да им создаваме подобри услови за образование и живеење во Македонија, посилно чувство на припадност во општеството и мотив да останат и понатаму да помогнат во развојот на државата“, вели Јаневска.
Помалку ученици и во основно и во средно
Според податоците на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2023/2024 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.124, што претставува намалување за 1.6 % во однос на претходната учебна година, кога имало 185.099 ученици.
Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2023/2024 година, изнесува 67.278, што исто така значи намалување за 2.8 % во однос на претходната учебна година, кога имало 69.227 средношколци. Од 2017/2018 до 2022/2023 вројката на ученици во основото образование е намалена за 6.272 деца.
Клуч на врата
Поради намалениот број на ученици, постои опасност дел од училиштата, посебно во руралните средини, да се затворат. Во тек е проект за оптимизација на училишната мрежа во земјата. Под лупа ќе бидат ставени училишта во одредени региони каде има само по неколку деца, а на оддалеченост од два километри постои друго централно училиште, каде децата ќе можат да посетуваат настава.
За една година 14 основни училишта во Северна Македонија ставиле клуч на вратата. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека од 976 во 2021/2022 година, бројот на основни училишта минатата година се намалил на 962. Истовремено, било затворено и едно специјално основно училиште и сега нивниот број е 35. Статистиката исто така забележува намалување и на бројот на паралелки и на ученици. Пораст има само на бројот на наставници.
Иселувањето зема замав
Податоците меѓу двата пописи покажуваат дека населението во земјата се намалило за над 200 илјади.
Анализите на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) од минатата година покажаа дека за шест проценти се намалил бројот на младите луѓе во Северна Македонија меѓу два пописа од 2002 до 2021. Проценките се дека над 77.000 млади лица кои се родени во државата, заминале во странство последните години. Тоа е речиси колку што има население во Битола (74.550).
Северна Македонија забрзано старее, а ако продолжи загрижувачкиот тренд на иселување на младите, за десет години земјата може да се соочи со загрижувачки последици. Последната деценија се појавуваат трендови кои укажуваат дека вртоглаво се намалува бројот на младото население што предизвикува проблем во основните и во средните училишта.
Има се помалку ученици, се затвараат училишта и тој негативен тренд се чувствува веќе втора деценија по ред. Ваквиот процес тешко може да се спречи. За 15 години, има околу 50 илјади помалку ученици во основното училиште, а околу 30 илјади во средното училиште. Според статистичарите, ризикот е голем, бидејќи со заминувањето на младите, Северна Македонија губи значајно работоспособно население, што влијае на пазарот на труд и предизвикува недостиг на стручен кадар во земјата.