1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИРИ: За членство во ЕУ се 68% од македонските граѓани

ДТЗ
14 мај 2024

Доколку денеска би се одржал референдум за приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ - 68 отсто од граѓаните би гласале „за“, додека 13% би биле „против“.

https://p.dw.com/p/4fpSH
Македонија
ИРИ: За членство во ЕУ се 68% од македонските граѓаниФотографија: Petr Stojanovski /DW

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Анкетата е спроведена во Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, во периодот од 2 февруари до 5 март.

Доколку денеска би се одржал референдум за приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ - 68 отсто од граѓаните би гласале „за“, додека 13% би биле „против“.

Поддршка од 68 проценти од испитаниците има и во Босна и Херцеговина, додека во Албанија дури 92 проценти се изјасниле со поддршка за влез во ЕУ. Во Србија на 40 отсто од граѓаните би дале позитивен одговор на евентуален референдум. 

„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во ЕУ може да помогне за постигнување одржлив просперитет“, вели Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

Македонија и ЕУ
Широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ)Фотографија: AP

ЕУ или Русија како партнер?

Сепак, 47 проценти од испитаниците во Северна Македонија се сомневаат во сериозните намери на ЕУ да им понуди членство на земјите од Западен Балкан. Во однос на курсот на државата во однос на надворешната политика, 31% ја гледаат ЕУ како парнер, додека 23 проценти сметаат дека треба да се одржуваат врски и со Западот и со Русија. Македонските испитаници сметаат и дека членството во НАТО има многу позитивен импакт врз земјата (32%), додека 8 отсто имаат сосема спротивно мислење.

Во однос на тоа која земја ја гледаат како најголем сојузник, 34% од Македонците ја гледаат Србија како најблизок пријател, додека по неа се САД со 17 и Турција со 12% поддршка. Како најголема закана, македонските граѓани (23%) ја гледаат Бугарија, додека Русија е на второ место и неа како закана ја гледаат 12% од испитаниците.

Приоритети за Западен Балкан

Кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата е еден од првите три приоритетни проблеми.

Дури 78 % од граѓаните сметаат дека земјата оди во погрешна насока, а економијата и корупцијата се наведуваат како најголеми проблеми со кои се соочува земјата. Па така, 72 проценти од македонските испитаници сметаат дека корупцијата е најголемиот проблем со кој се соочува државата. Тие сметаат дека најкорумпирани се политичките партии и нивните лидери (26%) и судството (23%).

Македонските граѓани како најголеми проблеми со коишто се соочуваат ги детектираат високите трошоци за живот - 31%, корупцијата - 22%, невработеноста -10% и економијата (5%).

На кои политичари им веруваат?

Според анкетата на ИРИ, најголема популарност ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со 14%, по што следуваат Али Ахмети, Максим Димитриевски и Стево Пендаровски со по 5%.

Во однос на институциите, македонските жители (25%) најмногу им веруваат на верските институции и армијата (16%). Најмала доверба имаат во политичките партии, парламентот и судовите.