1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Доделена Нобеловата награда за мир за 2023

СН/агенции
6 октомври 2023

Нобеловиот комитет во Осло денеска соопшти дека годинешната Нобелова награда за мир ѝ е доделена на затворената иранска активистка Наргес Мохамади.

https://p.dw.com/p/4XBwK
Иранската активистка Наргес Мохамади (архивска фотографија)
Иранската активистка Наргес Мохамади (архивска фотографија)Фотографија: Iran Emrooz

Нобеловата награда за мир за 2023 година ќе ѝ биде доделена на активистката Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран, но и за нејзината борба за човекови права и еднакви слободи за сите.

„Доколку иранските власти донесат правилна одлука, ќе ја пуштат да присуствува на церемонијата на 10 декември, на што искрено се надеваме“, соопшти норвешкиот комитет.

Иранската активистка и новинарка Наргес Мохамади, која ја започна својата децениска кариера промовирајќи го граѓанското општество и правата на жените, работи од затвор спротистаувајќи се условите во кои се држат таа и другите затворенички.

Обвинета за „ширење пропаганда“, 51-годишната Иранка отслужува десет години во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Минатата година, таа ја објави книгата „Бела тортура“ за иранската употреба на изолација во самица и сензорна депривација против неа и другите затвореници.

На годишнината од смртта на Махса Амини, Мохамади и други организираа протести во затворот Евин, палејќи ги нивните шамии, се вели во објавата на еден од нејзините профили на социјалните мрежи.

Еден колега на активистката, кој сакаше да остане анонимен од безбедносни причини, рече дека Мохамади е „една од ретките која не само што останала во Иран, туку е сè уште активна, без разлика дали е надвор или во затвор“. 

Иран спроведува бранови апсења против активисти, новинари и интелектуалци во обид да го елиминира несогласувањето и да ги заостри социјалните ограничувања. Откако избувнаа протестите по смртта на Амини минатата година, иранските власти уапсија околу 20.000 луѓе.

Гробот на Џина Махса Амини
Гробот на Џина Махса АминиФотографија: UGC

Нобеловата награда за мир е признание за посебни заслуги во областа на обединување на народите, разоружувањето или намалувањето на светските или регионалните воени потенцијали, политичко и друго образование, како и одржувањето на мировни конференции.

Оваа награда, како и другите Нобелови награди, е донација на шведскиот пронаоѓач и фабрикант Алфред Нобел, а од 1901 година се доделува секоја година на 10 декември на манифестација во Осло, на денот на неговата смрт.

Ова е петта Нобелова награда за 2023 доделена од почетокот на неделава. Претходно беа доделени наградите за медицина, за физика, за хемијаи за литература. Во понеделник (9 октомври) ќе биде доделено и последното Нобелово признание за годинава- наградата за економија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема