1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран погуби наводен шпион на Израел

ЕМФ | агенции
16 декември 2023

Наводен агент на израелската тајна служба Мосад денеска е погубен во Иран.

https://p.dw.com/p/4aF18
Протести во Канада против погубувањата во Иран
Протести во Тороното, Канада, против погубувањата во Иран (архивска фотографија)Фотографија: Mert Alper Dervis/AA/picture alliance

Во Иран денеска (16.12) е погубен маж поради шпионирање за Израел, се вели од правосудни извори во Иран. Смртната казна против „шпион на ционистичкиот режим“, според правосудниот портал Мисан Онлајн, била извршена во затворот во Сахедан. Лицето било осудено на смрт поради „соработка со тајни служби и шионажа“ за Израел, како и поради собирање и проследување доверливи информации на израелската тајна служба Мосад со цел „попречување на јавниот ред“, јавува Мисан Онлајн. Порталот, меѓутоа, не дава информации за идентитетот на погубениот, како ни за судскиот процес против него.

Иранските власти претходно најавија апсење на неколку лица под обвинение за шпионирање за странски земји, вклучително и Израел. Во декември 2022 година, во Иран беа обесени четворица мажи осудени за соработка со израелските тајни служби.

Иран не го признава правото на постоење на Израел. Двете држави водат војна во сенка со години: Иран го обвинува Израел за серија акти на саботажа и убиства насочени против неговата нуклеарна програма. САД и Израел го обвинуваат Иран за вмешаност во ракетни и напади со беспилотни летала врз бродови во Персискиот Залив поврзани со Израел.

Според повеќе групи за човекови права, Иран, по Кина, е на второ место во светот по број на погубувања. Според организацијата Иран Хјуман Рајтс со седиште во Норвешка, само од почетокот на годината во Иран биле егзекутирани повеќе од 600 луѓе - најголем број во последните осум години.