1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Инаугурација на Владимир Путин

Тагесшау | ЕМФ
7 мај 2024

Со денешната инаугурација, почнува новиот шестгодишен претседателски мандат на Владимир Путин. На церемонијата нема да има претставници од САД и многу европски земји, меѓу кои и Германија.

https://p.dw.com/p/4fZoq
Русија Владимир Путин
Владимир Путин денеска почнува нов мандатФотографија: Kremlin.ru/REUTERS

Владимир Путин денеска (7.05) треба да го почне новиот мандат на функцијата претседател на Русија. На инаугурацијата во Кремљ ќе бидат присутни претставници на руската влада и двата дома на парламентот, како и високи гости од странство. Притоа, државите членки на ЕУ се однесуваат различно. Германската агенција ДПА, повикувајќи се на европски дипломатски извори, јавува дека земји како Франција, Унгарија и Словачка ќе испратат свои претставници на церемонијата со цел да ги одржат отворени каналите за разговор.

Голем број други држави, пак, меѓу кои и Германија, нема да имаат свои претставници на церемонијата. Тие сметаат дека учество на инаугурацијата, со оглед на руската инвазија на Украина, не е во ред. „Германија нема да учествува“, потврди вчера портпаролка на германското Министерство за надворешни работи. Во случајот на Германија, освен тоа, треба да се додаде дека и германскиот амбасадор во Русија, Александер Граф Ламбсдорф, во моментов не е во Москва. Германската влада го повика на консултации во Берлин со оглед на сајбер нападите врз СПД и голем број германски компании кои ѝ се припишуваат на Русија. Германската влада за нападите обвинува единица на руската воена тајна служба.

На инаугурацијата на Владимир Путин нема да има ниту официјален претставник на ЕУ. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, претходно се изјасни против учество на ЕУ на церемонијата во Москва. Според дипломатски извори, не мислат сите како Борел. Како што се вели, некои дипломати во ЕУ предупредувале дека неприсуството на церемонијата би можело да ѝ служи на Русија како покритие за уште поголемо игнорирање на дипломатските правила и норми од нејзина страна во иднина.

На заклетвата на Путин нема да присуствуваат ниту САД. „Нема да имаме претставник на неговата инаугурација“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер. Запрашан дали овој потег значи дека САД го сметаат Путин за нелегитимен, Милер одговори: „Ние секако не ги сметавме овие избори како слободни и фер, но тој е претседател на Русија и ќе продолжи да ја извршува таа функција“.

71-годишниот Владимир Путин ја води Русија како претседател или премиер од почетокот на милениумот. Во март, на многу критикуваните избори, тој го освои петтиот мандат - а со тоа и уште шест годинина функцијата - со повеќе од 87 отсто од гласовите. ЕУ остро го критикуваше начинот на кој беа спроведени изборите. Се вели дека рускиот електорат имал многу ограничен пристап до фактички информации и „немал вистински избор“. Причината за тоа, меѓу другото, беше и тоа што од изборите беа исклучени голем број кандидати - вклучително и сите оние кои се изјаснија против руската војна против Украина.