1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли Николоски право да говори во Стразбур од име на ЕПП?

28 април 2023

Пратеници од ГЕРБ тврдат дека издејствувале да му се суспендира правото на Александар Николоски да говори во Стразбур од име на ЕПП. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа не е точно.

https://p.dw.com/p/4QeyO
Александар Николоски ВМРО-ДПМНЕ
Александар Николоски, ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

На пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, му е суспендирано правото понатаму да зборува во име на групата на Европската народна партија (ЕПП), тврди пратеникот на ГЕРБ, Георг Георгиев. Наводно, тоа се случило откако Георгиев и неговата сопартијка Деница Сачева, реагирале до претседателот на групата на ЕПП, Александар Почеј, со тврдење дека Николоски направил тешка повреда на процедурите и правилникот за време на заседанието на Парламентарото собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур.

„Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ го зеде правото да зборува од името на групата на Европската народна партија (ЕНП). Тоа значи, дека тој по одредена тема треба да го изрази ставот на целата партија, а не неговиот личен, и не на националната партија што ја претставува, туку ставот на ЕПП. Тој ја злоупотреби таа процедура, кога во триминутен говор точно седум пати ја нападна Бугарија, на тема која не е ни во надлежност на групата на Парламентарното собрание, туку на Комитетот на министри. Тоа очигледно беше целонасочен напад, однапред замислен, режиран“, изјави за Бгнес, Георг Георгиев.

Што кажа завчера (26.04) Николоски во говорот пред ПССЕ?

„Една земја членка, Бугарија, не е посветена на своите обврски како членка на Советот на Европа. Бугарија со години одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права. Има 16 пресуди на Судот поврзани со Македонците во Бугарија кои не се спроведуваат. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат својот мајчин јазик, ограничено им е на правото на собирање, како и учество на избори. Овие пресуди мора да се спроведат! Националниот устав и судовите на Бугарија не можат да бидат над пресудите на Европскиот суд за човекови права“, рече меѓу другото Николоски.

На веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ вчера (27.04) беше објавен уште еден говор на Николоски, во кој тој побарал Советот на Европа да воведе санкции кон Бугарија затоа што не ги спроведува пресудите на Судот од Стразбур.

ЕПП Европска народна партија лого
Дали Николоски имал право да зборува од името на Европската народна партија (ЕПП)? (фото: логото на ЕПП)Фотографија: AP Graphics

Спротивни тврдења

По прашањето дали е суспендирано правото на Николоски да говори во ПССЕ од име на ЕПП, во моментов има две дијаметрално спротивни верзии. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа не е точно, од ГЕРБ тврдат дека има суспензија.

„Тоа суспендирање беше дочекано со аплауз од останатите колеги членови на сите делегации, и нему отсега натаму ќе му биде забрането да се искажува по такви прашања. Исто така, Бугарија прими и официјално извинување за она што се случи во салата на Парламентарното собрание“, изјави Георгиев од ГЕРБ.

Тој посочи дека Бугарија е посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, дека ѝ помага на РСМ на секој можен начин и ќе продолжи да го прави тоа, но ќе се спротивстави ако биде нападната.

„Оттука натаму, се надевам дека (Николоски - н.з.) ќе знае оти спроти него има една сериозна, солидна држава, и дека нејзините претставници нама да дозволат да се прават злоупотреби со неа“, изјави бугарскиот пратеник.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека токму претседателот на ЕПП застанал во одбрана на Николоски.

„Вчера имало состанок на ЕПП, каде жестоко на раб на инцидент Бугарите го нападнале Претседателот на ЕПП - зошто му дозволил да зборува на Александар Николоски, кој побарал санкции против Бугарија поради очигледното кочење и застојот со евроинтеграциите. Претседателот на ЕПП застанал во одбрана на Николоски, одговарајќи дека долги години е тука и дека како потпретседател на ЕПП има право на говор и ставови кои ги изнесува во име на ЕПП“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што е познато, лани во јануари Николоски беше избран за потпретседател на групата на ЕПП во Парламентарното собрание на Советот на Европа, а покарај него на таа позиција беа избрани и Бернард Фурние од Франција, Дора Бакојани од Грција, Улрих Вокер од Германија, Луис Рамос од Португалија и Ингерд Шо од Норвешка.

ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ: Претседателот на ЕПП застанал во одбрана на НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Санкции за Бугарија

Во говор на Николоски кој партијата го објави вчера, тој уште еднаш се осврнува на пресудите на Судот од Стразбур кои Бугарија не ги спроведува.

„Како што јасно се вели во резимето на овој Извештај - Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е приоритет за Парламентарното собрание и Советот на Европа“, вели Николоски, посочувајќи дека тие обврзувачки пресуди мора да ги спроведат сите држави, со добра волја и без одлагање.

Според Извештајот на кој се осврнува Николоски, Бугарија е седма земја со најголем број нерешени предмети: нема спроведено вкупно 166 пресуди на Европскиот суд за човекови права, од кои 16 се за основните човекови права на Македонците кои живеат во Бугарија.

„Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови, кога нивните основни човекови права - право на слобода на говор, право на здружување, право на национална самоидентификација и правото на употреба на мајчиниот јазик - не се почитуваат. Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија тоа одбива да го направи. Одбива да ги регистрира нивните здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја-членка на Европската унија“, вели Николоски.

Притоа, уште еднаш потсетува на 16-те пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на Македонците во Бугарија и на фактот дека досега ниту една од нив не е спроведена од Бугарија.

„Ова е силно поткопување на кредибилитетот на Судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува (...) Советот на Европа мора да ја казни Бугарија и да спроведе санкции за да ја принуди Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и другите земји кои одбиваат да ги спроведат пресудите. Тоа е единствениот пат да се оди напред“, порачал Николоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи