И со 1.000 евра во месецот тешко се преживува
20 јуни 2024На едно семејство во Северна Македонија му се потребни минимум илјада евра за да се подмират основните трошоци. Вредноста на минималната синдикална кошница за јуни изнесува 60.325 денари и е зголемена за 235 денари споредено со минатиот месец (60.090). Само од јануари до сега, вредноста на минималната синдикална кошница е зголемена за 3.162 денари односно за 5,5 проценти.
Најмалку пари за хигиена и здравје
На семејствата кои живеат под кирија во стан од 60 квадрати во јуни им биле потребни 75.700 денари за основните трошоци. На храна и пијалоци, според пресметките на синдикатите, се издвојуваат 21.952 денари, за образование се предвидени 7.022 денари, а за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.014 денари. Најмалку пари остануваат за лична хигиена - 1.827 денари и за здравје - 1.069 денари.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец од минатата година.