1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеХрватска

Хрватска: факултетски дипломи на распродажба

Игор Ласиќ
8 јуни 2024

Иако во последните две децении имаше институционална девалвација на системот на трансфер на знаење на високото образование, државата го олесни формирањето на институции од овој тип, а системот за контрола не функционира.

https://p.dw.com/p/4gkdO
Загреб
Порано во Хрватска имаше четири универзитети, а сега има тринаесетФотографија: picture-alliance/dpa/M. Prpic

Неодамнешната афера со сомнителната универзитетска диплома на уште еден хрватски политички кадар - новиот министер за земјоделство Јосип Дабро, во медиумите на Република Хрватска предизвика, меѓу другото, многу презир кон  високообразовниот систем во соседна Босна и Херцеговина, каде што тој функционер наводно се школувал. Сепак, индиректно се нагласува фактот дека самата Хрватска е многу оптоварена со свои слични проблеми. Тешко е да се заборават, на пример, неодамнешните скандали со плагијат на одредени политичари на Универзитетот во Осиек и на други места, исто така на членови на владејачката коалиција во Хрватска. 

Во последните години во Република Хрватска, драматично е доведен во прашање целиот државен систем за лиценцирање на нови институции во високото образование, како и реакредитацијата на студиските програми или контролата на квалитетот на испитните комисии на факултетите. Бројот на овие институции буквално порасна во овој век, додека нивните наставници „ротираат“ во голема мера на неколку адреси, особено оние со потекло од јавниот сектор кој ги обучувал и приватниот сектор кој ќе ги привлече со дарежливи хонорари. Затоа што сопствен кадар не произведуваат - сепак тоа е скапа работа. Денеска во Хрватска работат девет државни и четири приватни универзитети, додека не толку одамна имаше само четири вкупно. 

Сам свој контролор 

Ако се знае дека според вообичаениот стандард се препорачува еден универзитет на милион жители, тоа значи дека Хрватска има три пати повеќе отколку што е пожелно, па затоа е тешко да се зборува за веродостојниот квалитет на пренесеното знаење, што очигледно стана нешто како профитабилна пазарна стока. Но, покрај толку многу универзитети, денес во Хрватска има 31 велеучилиште, односно повеќе од едно по жупанија. На нив особено ни го привлече вниманието проф. д-р Дамир Станзер од Факултетот за храна и биотехнологија во Загреб, кој се истакна и како аналитичар на состојбата на хрватската наука: „Јавните факултети и дел од приватните се под директно влијание на владејачката политика“. 

Дамир Станзер
Дамир СтанзерФотографија: privat

„Затоа што, за разлика од универзитетите“, продолжи тој, „нивните администрации се именувани директно од владејачката коалиција, па деканите честопати се лично членови на владејачките партии. Бидејќи тие се целосно надвор од фокусот на јавноста, квалитетот на овие институции е нејасен. Бројот на високообразовните институции е преголем во однос на бројот на студенти, но и во однос на квалитетот на наставниот кадар. Помалите универзитети и велеучилишта често преживуваат со „тезги“ на наставници од поголемите универзитети со скратено работно време, но и со пополнување со кадар со послаба научна и наставна компетентност. На овој начин, севкупниот квалитет на системот паѓа“.

Во исто време, неверојатно звучи фактот што хрватската влада од доменот на Министерството за наука и образование и сродните регулаторни агенции, пред две години законски дополнително го олесни формирањето на нови високообразовни институции. „И не само што се ослабени условите за нивно формирање, на пример со намалување на потребниот простор по ученик или со укинување на менторството. А, и системот на контрола по основањето беше ослабен, на пример, се укина чадорскиот етички комитет кој ќе ја контролира институцијата однадвор, па етичките процедури се препуштени на самата институција. Замислете приватно велеучилиште, кое е приватна или градска компанија, во кое етичките прекршувања ги контролира самиот сопственик“, рече Станзер. 

Казнување на поединци 

Понатаму, намалувањето на контролата неодамна беше дополнето со укинувањето на надворешно управуваниот процес за унапредување на наставниците, па може само да се замисли што ќе значи тоа во контекст на напредната практика на плагијат. Нашиот соговорник, истражувач на системот на хрватската наука и високо образование и публицист, смета дека ова иде во прилог на приватните сопственици на институции и членови на владата, каде што дипломите и наставните звања се прашање на престиж за нив, но и услов за некои раководни функции: „Изгледа дека тие титули со многу задоволство, а можно е на полесен начин, ги постигнуваат на помалку контролирани и партиски управувани високообразовни институции“.

Според Дамир Станзер, ова се покажува како погубно за квалитетот и достоинството на дипломското и академското образование во соседните земји на Хрватска. Затоа е изненаден што Република Хрватска место да научи нешто од тие примери, толку лесно тргна во слична насока. Во разговорот со проф. Д-р Карин Дулан, социолог од Универзитетот во Задар, слушнавме дека дискусиите за сомнителноста на некоја диплома често се сведуваат на пресуди за карактерот и способностите на носителот на квалификацијата. Овие пресуди понекогаш се изразуваат како благ потсмев, понекогаш како остри осуди - забележува таа. 

Задар
Задар има најдолга универзитетска традиција во хрватските земјиФотографија: picture-alliance/PIXSELL/F. Brala

„Но, со казнување на таков поединец“, додава таа, „од вид се губи важната улога на институциите чија задача е да обезбедат квалитет во високото образование. Не мислам само на одговорноста на високообразовните институции и нивните интерни процедури за обезбедување квалитетни студиски програми, туку и на одговорноста на институциите одговорни за надворешна евалуација на квалитетот. Доколку на акредитацијата и реакредитацијата на студиските програми и на признавањето на квалификациите се пристапува ригорозно и транспарентно, не би требало да има сомнителни дипломи. Со тој коментар, всушност сакам да го подвлечам проблемот на директно или индиректно соучесништво во неетички академски практики“. 

Недостасуваат делумни промени 

Според нејзиниот увид, тоа е слично на проблемот со плагијатите во високото образование. Поединецот, се разбира, е одговорен за плагијат, а санкциите на индивидуално ниво се разбирливи. „Сепак, оваа одговорност треба да ја сноси и комисијата или рецензентите, доколку позитивно го оцениле трудот кој е плагијат“, ни рече Дулан, истакнувајќи дека квалитетот на високото образование се дефинира на различни начини, од тесно инструменталното стекнување на вештини потребни за пазарот на трудот, до негување на општествени вредности како што се правичност и инклузивност, со исклучителна важност на актуелните дебати кои го поврзуваат квалитетот со етичките стандарди.

„Советот на Европа тоа го прави симболично со тезата дека не можеме да го сметаме високото образование за квалитетно ако сите во него не се однесуваат етички. Според мене, ова вклучува строго расчистување на различни институции со корупција, непотизам, плагијат, клиентелизам, сексуално вознемирување, а не нивно молчење или минимизирање, на што често сме сведоци кај нас“, заклучи Карин Дулан.

Но, таа истовремено го подигна прагот на неопходните услови за функционирање на целиот систем на високо образование во Република Хрватска, предупредувајќи дека делумните промени не се доволни. За почеток, сепак, би било повеќе од препорачливо протагонистите да оваа сцена да престанат да се потсмеваат на другите и да поработат малку на сопствените недостатоци.  

Признавање на дипломите меѓу државите од Западен Балкан