Со фалсификувани дипломи на работа во германски болници
9 февруари 2019Побарувачката за работни места во медицинскиот сектор во Германија е многу голема, десетици илјади отворени работни места не може да бидат пополнети. „Постојано гледаме работодавци во старечки домови и болници кои се радуваат ако најдат кого било на располагање. Некои не ни внимаваат толку на потребните квалификации на кандидатите, важно е пред сѐ луѓето да знаат германски јазик. Може и автомеханичар да им се појави за да работи во болница", вели Никола Петровиќ од агенцијата за посредување со персонал Висперо во Бон, во разговор со ДВ.
„Тоа прави притисок особено на Балканот, бидејќи тие земји се географски блиску до Германија". Таму каде што има побарувачка, пазарот на работна сила реагира со понуда. Само од БиХ во последните десет години се иселени 250 илјади лица, многумина од нив во Германија.
Диплома без школа
Истражувачката новинарка Азра Омеровиќ од босанскиот портал Журнал.инфо открива дека притоа квалитетот на обуката игра подредена улога. Таа самата направи експеримент. Сето се одвиваше релативно брзо. Ѝ беа потребни 1200 евра и еден телефонски разговор за да стане болничарка.
„Ми треба диплома, добив од Германија понуда за работа", вели Омеровиќ во снимен телефонски разговор со посредник. „Ми треба кон средината на јануари."
Само 17 дена подоцна таа доби диплома од техничка школа за двегодишна сертификација за болничарка, со добри оцени и сите можни печати, а не видела ниту еден час настава од областа.
Извештајот на Азра Омеровиќ и колегата Авдо Авдиќ го привлече вниманието на јавноста во Босна и Херцеговина и ширум Европа. Особено во Германија владее неспокој, бидејќи токму е тоа земјата каде луѓето од сиромашните балкански држави бараат нова работа. Според неодамна објавените статистики на Сојузната агенција за миграција и бегалци, само во 2016 и 2017 година во Германија се доселиле преку 50 илјади луѓе од Босна и Херцеговина.
Акутен недостиг на персонал
Многу Босанци кои живеат во Германија нашле работа во бранши во кои има голем недостиг на кадри, како на пример негуватели во старечки домови и болници. Заради недоволниот број персонал во многу установи, старите лица кои се сместени таму се недоволно згрижени. Во моментов 36 илјади места се непополнети, 15 илјади од нив во домови за сениори. Уште поголема е побарувачката за негуватели во рамки на домашна посета и во иднина ќе расте.
Повеќе:
-Германците најавуваат проверка на дипломите од БиХ
-БиХ: Со лажна диплома до работа во Германија
Бројот на луѓе на кои им е потребна таква услуга, според прогнозите, до 2060 година од актуелните 2,86 милиони ќе достигне 4,5 милиони. За таквите професии на германскиот пазар на трудот нема доволно персонал, па се бараат од странство, особено од источна и југоисточна Европа. „Во делот на негуватели недостиг има особено на универзитетските клиники", вели Никола Петровиќ од агенцијата Висперо. Така, се прима речиси секој што се пријавува, па макар не знаел многу за професијата. „Дури и од официјалните служби се сугерира да се прима секој што би можел да дојде предвид." Тогаш не е ни чудо што и навистина доаѓаат секакви луѓе.
Оригинал фалсификувани дипломи
Официјално се разбира тоа е сосем поинаку. Персоналот треба да биде добро обучен, нивните дипломи и сертификати мора да бидат признаени од Централата за образование во странство (ЗАБ), за да може да работат во Германија.
Проблемот е тоа што сепак лажните дипломи често се издаваат од вистински училишта чиишто сертификати се веќе признаени од германските власти.
„Ако ја видите дипломата која ја добивме нема да забележите дека е фалисификат" вели Авдовиќ за ДВ. „Со таа диплома се потврдува дека мојата колешка ги има положено сите испити и дека за две години ги завршила сите курсеви." Дипломата воопшто не изгледа како фалсификат, објаснува Авдиќ.
За време на босанската криза меѓу 1992 и 1995 личните документи на многу луѓе беа уништени или изгубени, вклучително и дипломите за завршено средно или универзитетско образование.
Вносен бизнис со фалсификувани дипломи
Бизнисот со фалсификувани дипломи цути поради големата сиромаштија, бесперспектувноста и корупцијата. Веќе долго време е јавна тајна дека на многу луѓе им успеало да си купат сертификати за завршено образование. Извештајот го поттикна Парламентот во Босна и Херцеговина да направи проверка и на дипломите на вработените во законодавниот дом, објави неодамна германското радио „Дојчландфунк“. Но, тоа не е доволно, вели Авдиќ, бидејќи документите не се фалсификат, туку се вистински, - проблемот е што не соодветствуваат на фактичките способности на луѓето. Притоа не станува збор само за лажните сертификати за негуватели и медицински сестри. „Ако имавме повеќе време за истражување, и преку моите контакти ќе извадевме и диплома за правник, без ниту еден ден поминат на факултет и без полагање на ниту еден испит“, тврди Авдиќ.
Извештајот, според Авдиќ, исто така ги покажува и слабостите на правниот систем во земјата. Според новинарите од Журнал.инфо, тие имаат и докази дека повеќе луѓе од судскиот систем се вмешани во бизнисот со фалсификувани дипломи.