Почнувајќи од вчера, православните христијани три дена ќе го слават Велигден, празникот на Христовото Воскресение. Зад славењето со црвените јајца и јагнешкото печено, лесно се заборава што сведочиме кога велиме: „Христос воскресна, навистина воскресна”. Сведочиме дека Исус Христос, Синот Божји, навистина воскресна, но ја изразуваме и нашата вера во нашето воскресение. Велигден е постојано откровение на есхатолошката надеж на христијаните.
Притоа уште во осумдесеттите православниот богослов Александар Шмеман пишуваше за кризата на православната црква која ја заборавила есхатолошката димензија на верата. Според него, православните христијани ја беа загубиле велигденската радост, која е во пораката Христова: „Радувајте се, јас го победив светот“ (Јн.16,33), затоа што со својата смрт го победи законот на смртта. Христос е Новиот Адам, а христијаните се новото творение. Затоа и апостол Павле препорачува (1 Коринт,7,31) срцето на христијаните да не се „врзува” премногу за светот, „зашто се менува обликот на овој свет.” Неговиот облик дефинитивно ќе се измени на крајот на времето, при Второто пришествие Христово во слава, кога ќе настапи и судот и сеопштото воскресение. Тоа сознание би требало да биде клучно за христијанинот.
Меѓутоа, откако неколку векови по падот на Византија почнаа да се формираат националните православни цркви како инструмент во борбата за национална држава, за православните денес е незамислива православна црква која не е во симбиоза со државата. Православната црква стана заштитничка на националната држава. Така се заборави дека ниту Константинопол, ниту „Киевска Рус”, ниту „Охридската архиепискиопија” не беа национални цркви, бидејќи различните етноси беа надминати во христијаните како „нов род”, како „Новиот Ерусалим”. Напротив, православните христијани денес се доживуваат само како припадници на националните цркви. Црквата стана еден од „духовните темели” на националната идеологија. Така се заборави есхатолошката димензија на христијанството. Иако во секоја литургија во „Симболот на верата” православните исповедаат дека го очекуваат „второто Христово пришествие во слава” и Воскресението, тие, сепак, како своја најголема светост ја доживуваат својата сопствена земја, својот народ, својата историја, небаре тие се вистинската и вечна татковина на христијаните. Сакрализирањето на своите национални белези кај православните христијани денес оди дотаму, што, кога се работи за своите тесни национални интереси, православните народи во другиот народ веќе не гледаат братски народ. Така настанаа националните митови за „светите земји и светите места”. „Киевска Рус” за Русите ( и за Украинците!), „светиот Охрид” за Бугарите (и за Македонците!). Така се етаблираше општата пракса на сакрализацијата на сопственото потекло и почва во култот на „Света Русија” или на „Небеска Србија”. Секој православен народ почна во својата национална црква да си го слави својот народ како вечен, исконски, библиски, небески – како „обликот на овој свет да не изминува”. Во таа патриотска „окупација” на црквата од поединечните национални идеологии е сосема нормално црковните достоинственици повеќе да се грижат за омиленоста кај политичката елита, отколку кај сиромашните и болните. Притоа, тие мора да се сеќаваат на зборовите Христови од Евангелието за неговото Второ пришествие. Имено, тогаш Христос ќе ги препознае како „свои” тие што Него го препознале во тој што бил гладен, а тие му дале храна, бил гол, а тие му дале облека, бил во затвор, а тие го посетиле. Евангелието јасно говори што ќе биде „мерилото” при последниот Суд, што значи, при општото Воскресение. Мерилото за христијаните не е борбата за „Света Русија”, за „Небеска Србија”, за „Мајка Бугарија”, за „Голема Грција” или за „Вечна Македонија”. Во велигденските литургии не се слават овие „светињи” на православните народи, туку „Новиот Ерусалим”. Мерилото за христијанинот се делата на сочувството и љубовта за сите, независно на кој народ тие припаѓаат. Затоа во велигденските служби сме повикани секого да го прегрнеме како ближен. Зашто само делата на љубовта се темелот на нашата надеж дека еден ден и ние ќе воскреснеме.
„Рускиот свет” не е „Новиот Ерусалим”
Како, тогаш, да се разбере војната на Русија против Украина, кога и двата народа се православни? Уште повеќе, доколку за руското толкување на историјата, Украинците биле, всушност, Руси, како тогаш денес руските браќа ги убиваат своите браќа? И обратно, затоа што лудилото на војните одзема животи на двете страни на фронтот. Во медиумите може да се прочита дека на велигденската литургија во Москва рускиот патријарх Кирил го „молел Бога да ја прекине војната”. Таа војна, која тој патријарх ја прогласи за „метафизичка”, која не ја започна Бог, туку конкретни личности во политичкиот врв на Русија. Тој, од кого патријархот логично би требало да побара да ја оконча војната во име на верата во Христа и на љубовта за ближниот, сигурно стоел на литургијата близу до него. Рускиот патријарх милува да ја споредува Русија со некогашната Византија, а Владимир Путин со византиските цареви, притоа очигледно заборава дека славните византиски патријарси имале храброст да им се спротивстават на царевите. Позната е осудата на Св. Јован Златоуст на владеењето на царицата Евдоксија, поради што бил три години во прогонство.
„Рускиот свет” не е „Новиот Ерусалим”. Затоа е многу значајна Декларацијата за „Рускиот свет” на Богословската академија во Волос, објавена во „Неделата на Православието” 2022, која е потпишана од 1600 богослови и свештеници, со која „идеологијата на „Рускиот свет” е оценета како „еретичка”. Што значи, спротивна на православната богословска традиција. Според авторите на Декларацијата, таа нова „ерес” се промовира од Московската патријархија по крајот на Советскиот Сојуз, а денес е силно поддржана од патријархот Кирил и рускиот претседател Владимир Путин. Тие истакнуваат, дека „Рускиот свет” е идеологија која проицира еден транснационален простор, обидувајќи се да ја оправда својата империјалистичка фантазија за цивилизациско единство, повикувајќи се на „Киевска Рус”, на единството на Православието и на употребата на рускиот јазик, а центарот на тој „Руски свет” била Москва - „Новиот Рим”.
Според патријархот Кирил, Русија и руската црква биле наследниците на Византија. Затоа тие имале задача да ја заштитат „православната цивилизација” од „метафизичкото зло” кое доаѓало од Западот. Во сета патетика на оправдувањето на неоправдивото – воената агреасија кон братски православен христијански народ – „духовните ментори” на „Рускиот свет” како да ги заборавиле зборовите на Христа по Воскресението, кога тој низ затворените врати влегува во одајата со Апостолите, велејќи им: „Мир вам!”. Што значи, христијаните треба и самите да даруваат мир околу себе. Христос им вели на Апостолите дека тие во светот ќе доживуваат страдања и неволји, но да не се плашат, затоа што тој во своето воскресение ја победи смртта и го победи светот. И ќе биде со нас до крајот на светот и на времето! Тогаш, на кој христијанин му треба „метафизичка војна” како заштита од злото во светот, кога го има вистинскиот заштитник во Господ Исус Христос?
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.