1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Големи рации против исламисти во Германија

ЖА
16 ноември 2023

Од утрото во Германија има опсежни рации како дел од истрагата против „Исламскиот центар Хамбург“, кој важи за гнездо на радикални исламисти. Претресени се 54 објекти во седум сојузни покраини.

https://p.dw.com/p/4Yruz
„Исламски центар Хамбург“ Германија
Службата за заштита на уставот го надгледува здружението „Исламски центар Хамбург“ подолго времеФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Подолго време постојат критики на сметка на „Исламскиот центар Хамбург“, за кој се смета дека е  продолжена рака на иранскиот режим. Бараната забрана досега не успеа да биде реализирана, но, сега работите се придвижуваат. Полицијата пребарала 54 објекти во седум германски покраини - Долна Саксонија, Хесен, Баден-Виртемберг, Баварија, Берлин и Северна Рајна-Вестфалија во врска со истрагите против „Исламскиот центар Хамбург“ (ИЦХ). Според сојузното Министерство за внатрешни работи, во тек е истрага против ИЦХ, која може да резултира со забрана за здружението.

Поддршка за Хезболах?

Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) изјави дека здружението ИЦХ долго време било надгледувано од Сојузната служба за заштита на уставот и  е класифицирано како исламистичко.  Фезер истакна: „Особено сега, во време кога многу Евреи се чувствуваат особено загрозени, важи следново: Ние генерално не толерираме  исламистичка пропаганда  или  антисемитско и антиизраелско поттикнување“.  Според германското Министерство за внатрешни работи, безбедносните органи го истражуваат и сомнежот дека ИЦХ ги поддржува активностите на про иранскиот либански Хезболах, организација чие дејствување е забрането во Германија.

Во соопштението на Министерството се вели дека активностите на ИЦХ, кој е одговорен за џамијата Имам Али во Хамбург, биле „со цел ширење на револуционерниот концепт на врховните (ирански) лидери, за кој постои сомневање дека е против уставниот поредок во Германија и идејата за меѓународно разбирање“. Според Министерството, Сојузната служба за заштита на уставот не само што ги следи активностите во објектот во Хамбург, познат и како Сина џамија, туку претпоставува и дека ИЦХ „врши големо влијание врз одредени џамии и здуженија, до целосна контрола“. Во овие кругови често е евидентен антисемитскиот и антиизраелскиот став.

Надеж за постапка за забрана

Сенаторот за внатрешни работи на Хамбург, Енди Грот, ги опиша рациите низ целата земја како „тежок удар“. Времето на ИЦХ „видливо ближи до крајот“, рече политичарот од СПД. „Колку побрзо ИЦХ во целина исчезне од Хамбург, толку подобро. Денес сме многу поблиску до тоа. Пребарувањата јасно покажаа дека процесот на забрана е добро напреднат. Многу сум среќен што сојузното Министерство за внатрешни работи многу интензивно ја води постапката за забрана и претпоставувам дека таа сега ќе биде доведена до логичен заклучок и ИЦХ ќе биде навремено затворен", изјави Грот.